Рецензија: Видео: Дали да одите на второ дете? Малата сестричка го дава одговорот

23-09876-09800-crop-resize

Злоупотреба на семејно видео од домашна архива закачено на социјалните мрежи. Така накусо би можело да се окарактеризира ова „новинарско дело“ кое ѝ се пласира на домашната публика. Понудениот проект, кој очигледно е од плакарот за „семејно планирање“, не само што претставува искривување на основниот видео материјал врз кој се потпира, туку е и своевидна инвазија на приватноста и „суфлирање“ за животни прашања за кои, барем според мене, треба да решаваат само оние кои се засегнати од нив. Не се потребни квази-новинарски текстови да ја „доловуваат“ убавината на родителството.

2Линк до оригиналниот напис: Видео: Дали да одите на второ дете? Малата сестричка го дава одговорот

Датум и време на објавување: 14.08.2014, 10:21

Датум на рецензирање: 17.08.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ПОТТИК ЗА НАТАЛИТЕТОТ ПРЕКУ МЕДИУМСКИ МЕГАФОНИ

Не можам да ја разберам причината за објавувањето на овој напис. Од каде таа инспирација едно невино и симпатично видео да се искористи за промовирање многудетност. Чекајте, гледаме мало девојче како плаче, бидејќи не сака нејзиниот помал брат да порасне, оти бил многу сладок и на тоа се „накалемува“ познатата порака од домашните промо-спотови и кампањи:

„Малата Сејди го дава најдобриот одговор дека нашите деца имаат голема потреба од братче или сестричка. Таа толку многу го сака нејзиниот помал брат Карсон, што едноставно не сака малото братче да порасне. Сестричката го сака малото братче токму какво што е, мало и слатко“.

Во најамала рака ова е дегутантно. Ако некој мисли дека искрениот настап на девојчето е поткрепа на медиумското „бомбардирање“ дека треба да се раѓаат повеќе деца, тогаш многу се лаже, бидејќи поттикот за нови деца не треба да доаѓа од странски симпатични видеа, туку од подобри услови за живот овде во нашата држава. Значи, вистинитоста на целиот материјал останува само во рамките на „youtube“– записот, а сѐ што на тоа е надоврзано е неаргументирано и недозволиво „сеење памет“.

 

ЗАГАДЕН Е ЧИСТ ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИИ

Искористен е чист извор на информации и потоа е „загаден“ со сопствени тези и тврдења кои не носат ама баш никаква содржајност. Поточно, основната идеја на кусиот клип од двете деца е силно спинувана и ѝ е дадена сериозна „нота“ на пристрасност која недвосмислено ја поддржува политиката, ептен актуелна во земјава, на повеќе деца по секоја цена. Она што отсуствува е реален приказ и анализа на состојбите во Македонија, економската ситуација, истражување зошто се намалува наталитетот, зошто се повеќе млади ја напуштаат државата итн… Но, наместо тоа имаме „паметни“ коментари од типот:

„Видеото досега го виделе 27 милиони луѓе. А ние? Ние да им подариме братче или сестричка на нашите деца. Тоа е најдобриот, најдобриот подарок за нив за целиот нивен живот“.

Немам коментар за ваквиот коментар.

„Плус“ е што текстот очигледно е оригинален и тоа не може да се спори. Нема дилеми дека е даден некаков си авторски печат. Елементот кој ја дополнува вкупната слика за некоректност на написот е насловот. Употребената конструкција нема информативна компонента. Како може мало, непознато девојче да ви ги расчисти сопствените дилеми, ако ги имате, за евентуално проширување на семејството?!

Оттука, конечната оценка би била дека „спонзорираните“ кампањи на одредени политички структури не смеат да бидат подметнувани како легитимни новинарски производи. Тоа е „криминал“ за професијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција