Рецензија: ВИДЕО: Говорот на Груевски додека не се научи напамет

ВИДЕО-Говорот-на-Груевски-додека-не-се-научи-напамет-A1ON-crop-resize

 

Овој напис е класичен пример за тоа како не треба да изгледа еден новинарски текст.  Текстот изобилува со коментари, што е видливо уште во самиот наслов, без потпишан автор, без никакви заклучоци и извори. Направен е обид да се направи анализа на начинот на кој се пренесувало новогодишното обраќање на премиерот на националните телевизии и во дел од порталите, но таквиот обид пропаднал бидејќи во текстот нема релевантни изјави, нема извори ниту, пак, линкови. Текстот е пристрасен и коментаторски.

ВИДЕО  Говорот на Груевски додека не се научи напамет   A1ON Линкуван наслов на анализираниот напис: ВИДЕО: Говорот на Груевски додека не се научи напамет 

Датум и време на објавување: 01.01.2015

 Датум на рецензирање: 08.01.2015

 Рецензент: Ана Анастасовска

 

„Северна Кореја ли сме, или пак се вративме во некои други времиња?

Започна на сите медиуми и продолжува наредните неколку дена по неколку пати. Претпоставувате се работи за новогодишното обраќање на премиерот Никола Груевски.“

Текстот почнува со констатација дека Македонија, со начинот на кој дел од медиумите го пренесувале новогодишното обраќање на премиерот, наликува на Северна Кореја. Ваквата констатација не е поткрепена со ниту еден факт. Нема конкретно објаснување зошто авторот ја одбрал токму Северна Кореја за споредба. Која е сличноста меѓу нас и оваа земја? Читателот би требало да претпоставува или да бара на „Гугл“ за да дознае? Не! Задача на новинарот е таа сличност, ако веќе постои такво нешто, да му ја долови со конкретни примери или, пак, со изјави од експерти кои би направиле анализа на таа тема. Понатаму, исто така, авторот на овој текст се прашува да не сме се вратиле во некои други времиња. А во кои времиња, нема одговор ниту на тоа прашање. Повторно остава простор за сомневање и за претпоставки.

Во текстот се наведува дека на националниот сервис МРТ, како и на другите телевизии со национални концесии, постојано се вртело новогодишното обраќање на премиерот. Ваквото тврдење не е поткрепено со никакви извори, ниту линкови, што отвора сомнеж и ја поткопува вистинитоста на написот. Задача на новинарот не е да се води од претпоставката дека читателите по цел ден седат пред телевизорот и гледаат што пренесуваат националните телевизии. За да биде текстот содржаен, потребно е во него да има конкретни примери, извори или линкови, кои ќе ги поткрепат аргументите изнесени во него.

„И таман кога помисливме дега граѓаните на Р. Македонија го научија напамет обраќањето доколку го вклучите телевизорот на првата програма на МРТ ќе го надополните знаењето и ќе научите она што сте го пропуштиле. Истото се повторува и денеска на другите провладини телевизии помеѓу музичките и филмските програми.“

Јасно е како ден дека текстот е политички пристрасен и полн со коментари. Се посочуваат и се етикетираат медиуми како „провладини“, без да се поткрепат ваквите констатации со факти. Написот е коментар, но без потпишан автор, тој не може да се квалификува како таков, туку како коментаторски текст, што е спротивно на начинот на кој треба да изгледа новинарското информирање.

Доколку идејата била да се направи анализа за тоа како медиумите во државава го пренеле видеозаписот од говорот на премиерот и колку тој бил застапен на нивните програми, а колку било застапено обраќањето на другите политичари, подобро би било доколку се вметнеле изјави од експерти комуниколози, кои можат да дадат релевантни објаснувања и видувања. Во Кодексот на новинарите јасно се наведува дека „новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат“, но зад таквите коментари мора да стои некој со потпишано име и презиме.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција