РЕЦЕНЗИЈА: ВИДЕО: Граѓанска војна во Украина – заземен парламентот, ранети 100 полицајци!

26-000000000000001234789-0987-crop-resize

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија – вели Кодексот на новинарите. Токму тоа не е испочитувано во овој текст, кој претставува голема дезинформација на публиката, која веднаш поитала да провери за т.н. „Почеток на граѓанската војна во Украина“. Недозволиво е да се информира дека на 23.12.2013 во Киев „350.000 демонстранти тргнале со багери, коктели, железни палки на кордонот полицајци“, а тоа воопшто не е така. Истиот ден кога е објавена оваа бомбастична вест, ниту еден светски сервис, регионална мрежа, или, пак, домашен медиум не пренесоа вести за „борбени“ настани во Киев. Зошто? Затоа што на 23.12.2013 тоа  едноставно не се случувало.

Сакаме да веруваме дека стара вест, поткрепена, исто така, со стари видео снимки, „по грешка“ се нашла на листата свежи информации. Она што е уште поалармантно, ако станува збор за грешка, е дека таа „Breaking news“ едно цело деноноќие остана на порталот како актуелна вест. Тоа е само аргумент повеќе дека ова е случај на неодговорно новинарство поради кое, којзнае колку читатели, ќе се вклучам тука и себеси, буквално се прелажани.

2Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Граѓанска војна во Украина – заземен парламентот, ранети 100 полицајци! (веста е во меѓувреме повлечена)

Датум и време на објавување:  23.12.2013, 09:15

Датум на рецензирање:  24.12.2013

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Голема „утка“. И да се согласиме дека стара вест, која се случила не вчера, не завчера, туку пред повеќе од 3 седмици, е пласирана како „тазе“ информација, тоа не ја намалува тежината на пропустот, кој ги крши принципите на професионалност. Да потсетиме дека основата на новинарството е во создавањето вест. „Веста мора да одговори на 5+1 најважни прашања: Кој?, Што?, Каде?, Кога?, Како? и Зошто?“стои во новинарската теорија. Согласно на тоа, произлегува дека овој текст не ги исполнува елементарните услови, бидејќи категоријата „кога“ е целосно промашена. Оттука, кога зборуваме за вистинитост не може да мислиме на вистинитост „од речиси едномесечна дистанца“. Во англосаксонската журналистика постои изрека „Yesterday’s new = today’s chip paper“. Повеќе не треба да се зборува.

Извори на информации: Ако ги имало, ќе речеме дека ги имало пред повеќе од три седмици.

Содржајност: Кусо: бајата.

Оригиналност/Плагијат: Авторство не е наведено, а текот не навестува оригиналност, туку едноставно „трупање“ на агенциски информации.

Квалитет на насловот: Ако се обидеме некако да ја изземеме очигледната застареност на текстот и некако да се вратиме во времето пред 1 месец, насловот повторно би бил проблематичен. Станува збор за сериозна констатација за „граѓанска војна“ во Украина, бидејќи за на публиката да ѝ се понуди таков заклучок, сепак, неопходни се порелевантни и продлабочени сознанија, а не само пренесување на ситуацијата од теренот. За споредба, светските медиуми го избегнуваа терминот „граѓанска војна“.

Заклучок: Повлекувањето, по речиси 24 часа, на стара вест пласирана под превезот „нова“ не ја поправа грешката, бидејќи истражувањата покажуваат дека мнозинството читатели, кои главно се информираат преку интернет вестите, веднаш и еднаш ги читаат, без повторно навраќање. Тоа значи дека читателите, кои ја виделе оваа и само оваа информација, добиле сосема погрешно сознание за ситуацијата во Украина, или со други зборови, биле целосно дезинформирани. Штета е направена, зашто најверојатно мал е бројот на оние кои побарале втор извор како потврда за „стартот на граѓанска војна во Киев“.

Еден читател кој забележал за што станува збор, дури и преку коментар се обидел да им каже на одговорните за пропустот. Не може туку-така да се протнуваат вакви сериозни грешки, без извинување, бидејќи квантитетот на информации, без соодветен квалитет, го намалува угледот на медиумите кај публиката, за што и говори реакцијата на читателот. Ова е сигнал дека новинарството не треба да ја заборави одговорноста која ја има кон јавноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција