Рецензија: ВИДЕО: Како СДСМ ја „сакаше“ општина Ѓорче Петров?

Бисер на „известувањето“ на интернет медиумите за првиот дел од кампањата за локалните избори – осврт или коментар, напис без јасно утврден жанр, кој содржи комплетна манипулација и жесток спин насочен против најголемата опозициска партија.

Рецензија: ВИДЕО: Како СДСМ ја „сакаше“ општина Ѓорче Петров?Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Како СДСМ ја „сакаше“ општина Ѓорче Петров?

Датум и време на објавување: 18.03.2013, 13:34

Датум на рецензирање: 18.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Клучниот проблем поради кој овој напис е предмет на анализа е природата на наводите што тој ги содржи. Имено, тешко е да се утврди дали поголемиот дел од нив се факти или мислења и коментари на авторот. Нејасна е и жанровската определба на овој напис – дали е тоа осврт, коментар, проширена информација, или нешто помеѓу.

Во текстот, се разбира, има и ноторни факти, коишто ѝ се познати на повозрасната публика.

Но, во него има многу спинови и коментари кои се косат со фактите кои ѝ се познати на дел од публиката, но во овој текст се скриени.
Поради сето тоа, се оценува дека во основа текстот не е втемелен на факти, туку на мислење, поради што беспредметно е оценувањето на нивната точност и веродостојност.

Извори на информации: Во текстот имаме само еден евидентиран извор – актуелниот градоначалник на Ѓорче Петров и истовремено и кандидат на локалните избори, Сокол Митровски. Но, ниту тој, ниту пак неговиот исказ не се релевантни за темата на написот, судирот меѓу полицијата и ѓорчепетровци во 1993 година.

Сокол Митровски „гостува“ во овој текст надвор од неговиот основен контекст, само за да го поткрепи спинот на авторот. Впрочем, самиот автор признава дека оваа не е специјална изјава на изворот дадена за темата, туку дел од негово интервју дадено по друг повод.

Содржајност: Во третманот на основната тема што ја задава текстот – видео кое „открива“ како владата на СДСМ во 1993 година се „справувала“ со граѓаните на Ѓорче Петров – написот е несеопфатен и прикрива клучни факти.

Имено, точно е дека во февруари 1993-тата година, граѓаните на Ѓорче Петров се противеа на изградбата на камп за прифаќање на бегалци од Босна и Херцеговина од времен карактер и дека тоа беше одлука на тогашната Влада предводена од Црвенковски и СДСМ. Точно е дека полицијата интервенираше со употреба на сила (евидентно и од приложеното видео). И точно е дека во мај, 1993 година Уставниот суд донесе одлука за поништување на Одлуката за утврдување локација за изградба на камп за прифаќање бегалци од Република БиХ.

Но, новинарот пропуштил да сведочи за ксенофобичниот карактер на протестниот собир на ѓорчепетровци, за неговата динамика, за паролите и однесувањето на протестантите, за историскиот контекст и за тежината на предизвикот со кој била соочена владата во тоа време.

Прикривањето на тие факти, дури и од денешна дистанца, фрла сосема друга светлина врз настанот. Има многу млади луѓе кои не се информирани за целината на настаните и тие бездруго би можеле да бидат заведени од верзијата што ја пласира Курир.

Пристрасност: Прикривањето на релевантни информации за настаните од 1993 година ја оспорува и веродостојноста на пласираните наводи на авторот (на пример, тезата дека граѓаните на Ѓорче Петров биле „легитимно излезени на улица“). Но, дури и како такви, тие би биле безвредни, кога не би биле дел од еден класичен спин, кој е клуч за разбирање на смислата на овој напис.

Имено, клучната стилска фигура е контрастот – од една страна имаме потсетување на настаните од 1993 година, судир меѓу полицијата и граѓаните, поткрепена со видео материјал, а од друга страна, веднаш потоа, имаме приказна за тоа како „со доаѓањето на Сокол Митровски на чело на општината, граѓаните денеска живеат во модерна општина, во модерен и урбан Ѓорче Петров“. И потоа се реди приказната за успесите и за плановите на Сокол Митровски, сѐ во суперлативи.

Неупатениот читател, се разбира, би помислил дека Митровски доаѓа на чело на општината во 1993 година, дека меѓу непријатните настани и сегашната слика за „европско и урбано Ѓорче Петров“ нема дистанца, дека сѐ е дело на вредниот градоначалник и на оваа власт. Се разбира, дека тоа не е точно, но така се прави спин – со извртување на вистината.
Политичката наклонетост и пристрасност на авторот и на порталот се јасно видливи и неспорни.

Коментирање: Целиот напис, всушност, е еден осврт со значајни коментаторски елементи. Тоа не е вест. Нема ниту една посебна причина поради која овој напис е newsworthy за да се објави токму сега, во екот на кампањата. Новинарот сфаќа дека тоа е проблем, па се обидува своите коментари да ги оправда и да ги стави во некаков актуелен контекст, со полуинформацијата дека спомнатото видео е актуелно деновиве на социјалните мрежи.

Коментарите и опсервациите на авторот, односно на порталот, се прикриени во наводите и во фактите, за да се остави впечаток на веродостојност и на дистанца на авторот од „вистината“. Во тоа е проблемот со коментирањето, а не во самите коментари.

Плагијат: Написот на Курир, колку што ни е познато, е оригинално дело и навистина е штета што не е наведен авторот.

Квалитет на насловот: Главната идеја на текстот е да дезинформира за настаните во 1993 година и да пласира спин, па во таа смисла е објавен и наслов кој дезинформира и е тенденциозен. Имено, со очигледна иронија во насловот, нагласена со ставање на глаголот „сакаше“ во наводници, написот уште во насловот ја пласира својата основна теза – дека СДСМ, всушност, не го сака Ѓорче Петров. А во текстот, се разбира, ќе видиме колку многу оваа општина ја сака сегашниот градоначалник и кандидат за владејачката партија за локалните избори.

Фотографија: Соодветно на спинот во текстот и на неговата основна содржина, текстот е илустриран со фотографија на која се гледаат многу полицајци и граѓани во судир – илустрација за тоа како СДСМ „со тепање“ го „сакал“ Ѓорче Петров. Манипулативниот контекст на оваа фотографија е очигледен. Авторството не е наведено.

Говор на омраза: Генерализацијата, според која СДСМ го тепа и го мрази Ѓорче Петров, предизвикува дискриминирање по политичка основа. Дури и да е точна основната теза на написот, можеме со голема доза на сигурност да претпоставиме дека не сите полицајци во 1993 година биле сдсмовци и дека меѓу демонстрантите имало и многу членови и приврзаници на оваа партија. Генерализацијата е неодржлива, а стигматизацијата на членовите и на симпатизерите на СДСМ, од етички аспект, е неприфатлива.

Уреден за веб: Написот, како што е најавено во насловот, содржи клучен мултимедијален елемент – видео запис за настаните во 1993 година. Смислата на овој материјал е да го поткрепи основниот спин, за кој веќе стана збор. Патем речено, видео записот не содржи речиси никакви елементи на насилство. Нема тепање и директен контакт меѓу полицијата и граѓаните. Тоа делумно ќе ги збуни помладите, иако повозрасните читатели се сеќаваат дека за време на инцидентот, сепак, имаше ограничена употреба на сила.

Заклучок: Неактуелен и неконтекстуализиран, без релевантни извори, втемелен на полуинформации и на коментаторски елементи скриени зад наводните факти, овој новинарски производ потсетува на едно минато време, од кое потекнува и „сензационалниот“ видео материјал. Имено, во почетокот на деведесеттите години, пред да биде изведена медиумската револуција во Македонија, главен манир на тогашното новинарство, што го практикуваа МРТВ и изданијата на НИП „Нова Македонија“, беа проширени информации, осврти и коментари, во кои не беа јасно раздвоени фактите од мислењето. Помладите љубопитни читатели пред себе имаат еден таков ретро новинарски текст, како потсетување на едно одамна минато време, кое, за жал, како да ни се повампирува.

Рецензија: ВИДЕО: Како СДСМ ја „сакаше“ општина Ѓорче Петров?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција