Рецензија: Викторија ја исполнува волјата на Богородица

ko-09876-0987-crop-resize

 

Кредибилитетот на изворот во случајот што го рецензираме е крајно проблематичен. Не сме сигурни дали постои оправдана причина за во најмала рака контроверзните привиденија на оваа жена да се претставуваат како ноторни факти за тоа што во иднина ќе се случува, па уште и да се даваат сугестии на кои места треба да се копа за да се најдат гробници итн. Од соништа за промивање на дечиња во вода со ѕвездички, до гробници на кралеви и до градење манастири… Премногу е конфузно, неповрзано и нелогично…

koЛинк до оригиналниот напис: Викторија ја исполнува волјата на Богородица

Датум и време на објавување: 26.10. 2014; 12:44

Датум на рецензирање: 17.11.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

„Со помош на Богородица, Викторија дошла до следните откритија…“

Која оправдана причина новинарот ја наоѓа за да ги нарече привиденијата на Викторија „откритија“?! Зошто сите ние би требало да ги знаеме овие привиденија? Тие немаат никаква фактичка вредност, туку се крајно интимни, бидејќи станува збор за верба.

Нема буквално никаква причинско-последична врска меѓу бесоница, мачнина и неспокој и идеите од привиденијата што Викторија ги нуди. Едноставно, не e покажана доволна критичност и доволна дистанца кон она за кое известува. Информациите што се нудат се навистина интересни, навистина би го залепиле гледачот за екранот, но што со тоа?

Сосема е неприфатливо и не соодветствува на ниеден стандард за релевантност на извор, нечие привидение да се претставува како ноторна вистина, па уште и  да се даваат инструкции за идни дејства.

„Според Петреска Франција не знае каде е гробот на нивниот крал и какво богатство има во таа гробница. Сето тоа со кралското ковчеже во кое има писмо и икона  од Богородица со дијаманти треба да и биде предадено на Франција, а на местото ќе се изгради голем манастир Пресвета Богородица со манастирски конаци и порти како кралска палата.„

Зарем не би било вест, ако сево ова што Викторија го тврди прво се потврди, па потоа камерите да се нацртаат и да известат за настанот? Зошто овој извор би се разликувал од кој било друг што тврди што било друго?

Новинарството објавува проверени информации. Овде е јасно дека информациите што се пласираат се контроверзни, непроверени, зашто станува збор за привиденија. Дали привиденијата имаат тежина на факти и со која цел се пласираат? Во овој производ е загубена смислата за фактичка проверка на тврдењата. „Гробот на Крали Марко наскоро ќе биде откриен. Но не во Прилеп каде што се Марковите кули, туку подалеку во Македонија. А под штала во Големо Коњари е гробницата на францускиот крал Франко Трети од Дебол, денешен Демур“.

Како што веќе напоменавме, кредибилитетот на изворот е проблематичен, како и основата на која таа ги крепи своите тврдења, кои, пак, се пласирани со лабава дистанца, како да ќе се случат навистина. Во суштина, се остава впечаток на сензационализам и можеби неуспешен обид за мистика или реактуелизација на некои заборавени локации во Македонија. Ефектот е шокирани гледачи и прашалници…

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција