Рецензија: Вилма Трајковска бара комунизмот да се казнува

Вилма-Трајковска-бара-комунизмот-да-се-казнува-ПлусИнфо-crop-resize

Намерни или ненамерни, заради немарност или со умисла, медиумските конструкции се пречесто и во голем број присутни во македонското новинарство. Навистина е неверојатна оваа појава. Еве ја најновата, еден портал пренесе/преведе текст од интернет страницата на „Форбс“, а еден друг македонски портал ја презеде. Токму таа вест, што ја рецензираме, како главната поента во насловот најавува дека сопругата на починатиот македонски претседатал Борис Трајкоски, Вилма, застапувала закон со кој „промовирањето и величењето на комунизмот ќе бидат санкционирани како казниво дело“. И се распишаа колумни, се разгореа дебати на интернет, заради нешто што не постои. Воопшто не е така како што беше објавено. Но, ајде да го видиме уште еднаш патот на оваа фикција.

Вилма-Трајковска-бара-комунизмот-да-се-казнува-ПлусИнфо Линк до оригиналниот напис: Вилма Трајковска бара комунизмот да се казнува

Датум и време на објавување:  12.11.2013, 23:01

Датум на рецензирање: 14.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Ако ја земеме најизворната вест/колумна од блогот на соработникот на „Форбс“ Тим Ворстал под наслов „The European Union Proposes To Ban Communism“ што ја преведе и објави еден, а ја презеде медиумот чија вест ја рецензираме тука, ќе видиме дека сѐ што е објавено во македонските медиуми, вклучувајки го и медиумот што ја објави веста што ја рецензираме, не е точно. Односно, извлечена е поента во насловот која не одговара на фактите. Целата медиумска конструкција се потпира на еден друг наслов, на оној на споменатиот блог на соработник на „Форбс“. Значи, не е ни новинар, а негова специјалност, инаку, се бизнисот и технологијата. Овој соработник, со свои зборови (како на децата кога ќе им речат: „раскажи со свои зборови“), коментира една иницијатива на извесен Европски совет за толеранција и помирување (ЕСТР) –  афирмирањето и величањето на тоталитарните идеологии да биде казниво дело. Внимавајте: тоталитарните идеологии, а не комунизмот. Впрочем еве го автентичниот дел од таа иницијатива:

„Целта на овој предлог е:

…Да презема конкретни акции за борба против нетолеранцијата, особено во поглед на отстранување на расизмот, етничката дискриминација, религиозната нетолеранција, тоталитарните идеологии, ксенофобијата, антисемитизмот, антифеминизмот  и хомофобијата.“

Никаде го нема терминот „комунизам“. Сега, некој може под терминот „тоталитарни идеологии“ да го потпишува и комунизмот заради злоупотребата на таа идеологија низ историјата кога се практикуваа тоталитарни режими, но тоа не е доволно за да се каже дека оваа иницијатива се залага „промовирањето и величењето на комунизмот да биде казниво дело“.

Дали треба тука да наброиме неколку примери на современи „демократски“ држави кои имаат многу карактеристики на тоталитарните режими. Ако сакаме да бидеме уште попрецизни тоталитаризмот е форма на владеење, а комунизмот е идеологија. Тоталитарзам може да има во било која држава без разлика на идеологијата, а комунизмот во неговата изворна форма сугерираше диктатура на пролетеријатот, што е спротивно на автократниот лидерски или партиски тоталитарзим.

The-European-Union-Proposes-To-Ban-Communism---Forbes-2013-11-14-17-15-40Извори на информации: Веста што ја рецензираме е преземена од друг македонски портал, кој, пак, оваа информација, трансформирана во вест ли, што ли, ја пренесува од еден странски портал објавена на 30 октомври (?!?). Најважно од сѐ е да се провери и да се провери. Ништо не значи дека некој друг медиум ја завршил првичната макотрпна работа: сурфале, пронашле вест што им се видела интересна, ја превеле (несоодветно и нецелосно) и ја објавиле. И тогаш, се покажува, дека е неопходно да се провери. Медиумот што ја објавил веста што ја рецензираме, не ја проверил и паднал во стапицата на сервирани вести со јадица. Дури и насловот е ист.

И конечно, и најважно – нема изјава од Трајковска. Зошто?

Инаку, не е тешко да се дојде и до целиот документ на ЕЦТР зашто линкот објавен во блогот на соработникот на „Форбс“ води него. И уште еднаш – нема ни „к“ од зборот комунизам.

Содржајност: Заради слабостите што ги наведовме досега, сметаме дека авторот на веста не успеал да пребара малку по интернет и да го дополни она што недостасува: Малку повеќе информации за да се добие поцелосна слика за иницијативата; можеби некоја информација плус за тоа како се донесува ЕУ директива или закон зашто никој не може да гарантира дека иницијативата на ЕСТР неизоставно ќе стане закон.

Квалитет на насловот: Насловот е, всушност, елементот што збунува во оваа вест. За да расудиме рационално треба да има две поенти предвид кога станува збор за пишување и уредување на една вест. Насловот на веста треба да има „јадица“. Авторот на оваа вест и уредништвото, барајќи ја јадицата во „риболовниот прибор“ на веста ги имале следниве опции: комунизам, антикомунизам, тоталитаризам, забрана, кривично дело… Но, тоа не е доволно. Во кутијата со елементи за наслов недостасува нешто. Нешто локално, нешто познато и блиско. И тогаш – светнува сијаличката – Вилма Трајковска. Сопругата на починатиот македонски претседател е член на организацијата која се залага промовирањето и величењето на комунизмот да биде казниво дело. И – ете ја јадицата. Кој нема да се закачи на ваков наслов: „Вилма Трајковска бара комунизмот да се казнува“. Е, сега. Вакви „сијалички“ не се ништо необично и им требаат на новинарите. Но, уште една важна доблест на новинарите треба да е и преиспитувањето, студената глава, дистанцата. „Јадицата“ е убава, примамлива. Но, дали е најсоодветна. Дали членството на Вилма Трајковска во оваа организација е доволно за да ја поистоветиме со иницијативата за  Европскиот совет за толеранција и помирување, односно Трајковска да ја персонифицираме со неа. Веста не нуди информација како се донесуваат одлуките во оваа организација, во кое тело на организацијата е Вилма Трајковска, дали таа гласала или не, дали во организацијата постои можност за издвоено мислење. И, конечно, немаме изјава од Трајковска.

Фотографија: Веста е придружена со една документарна фотографија, најверојатно, од седница на Европскиот советот за толеранција и помирување на која се гледа Вилма Трајковска. Велиме „најверојатно“ зашто фотографијата нема легенда или атрибуција која ќе опише од каде е.

 

Заклучок: Да се провери. Денес со интернет не е тешко да се провери. Треба да се има новинарски порив да се дојде до изворната информација. Малку интернет вештина за пребарување и резултатот сам ќе си дојде. Конфучие рекол „тоа што е скриено е најочевидно“.

И уште нешто: Продуктивен скептицизам. Тоа не е априорна недоверба, туку само начин да не влезете во стапицата на рутината.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција