Рецензија: Високи штикли и црни чорапи, голи рамења, сукњи над колена…

12092014-Vecer-DresKod-crop-resize

 

Според повеќемина теоретичари на медиумите, таблоидизацијата е процес на префрлање на интересот на медиумите од јавниот интерес, кој влече теми од политиката, економијата и од социјалните прашања, на теми од естрадата, шоу-бизнисот, стилот на однесување и навиките на познатите и на скандалите од која било природа и од криминалот. Следната карактеристика на таблоидизацијата на вестите е што тие сега во центарот ги имаат луѓето од споменатите сфери, а не настаните. („Таблоидизација: ММЕ кој прв почна?“)

Пред нас имаме еден таков текст за рецензија. Освен тоа, јазикот на кој говори овој текст е јазик на коментирање. Тој не е анализа, тој не е објективна новинарска приказна која својата градба ќе ја потпира врз изјави и врз мислења на засегнати, инволвирани страни.

12092014-Vecer-DresKodЛинк до оригиналниот напис: Високи штикли и црни чорапи, голи рамења, сукњи над колена…

Датум и време на објавување: 8. 12. 2014, 14:31

Датум на рецензирање: 11.12.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Новата мантра на таблоидизацијата на медиумските содржини е: земи сè што е тривијално и направи го да изгледа сериозно и од интерес за публиката.

Оттаму новинарството што го подржува овој процес е привлечено од мирисот на сензационализам и на персонализација, односно од провокацијата на шокантните содржини и постапки.

Како што веќе рековме, овде воопшто нема ни обид на оваа тема да се разговара со пратениците, спикерот на парламентот, поранешни пратеници… Кој и да е, за да се дојде до автентични мислења и толкувања. Си дозволуваме да прогнозираме, еден таков текст ќе беше дури и интересен и ќе ѝ дадеше на темата легитимет. Вака, останува мислење, коментар кој не е така означен.

Освен тоа, дали начинот на облекување што го сугерира текстот во Собранието е сериозен тренд и врз основа на што се изнесува едно такво тврдење? Врз основа на случајно изложени фотографии? Бесмислено. Плус, текстот е шовинистички бидејќи говори само за жените во парламентот. Зошто не би се однесувал и на мажите?

Она што е најбитно во битката меѓу профитот и политичкото влијание наспроти еманципацијата и слободниот адекватен избор на публиката, е постојаната демистификација на мимикријата која тривијалните, таблоидни содржини, се продаваат како информации од јавен интерес.

Текстот вели дека темата етички кодекс за дрес-кодот и однесувањето на пратениците се наложувала заради настаните од 24 декември 2012 и дека без опозицијата во парламентот, тој не може да се усвои. Едно такво тврдење демонстрира политичка инсуфициенција и сугестија дека етичкиот кодекс е многу важно прашање. А, тоа што други прашања и одлуки во парламентот, како буџетот, на пример, поминуваат без опозицијата како да не е важно(?!). Или предлогот за новиот државен грб за кој веднаш рекоа, а медиумите пренесоа, дека е потребно двотретинско мнозинство кое коалиционите партнери го имаат.

И уште еднаш со еден ваков текст се потценува интелигенцијата на публиката, дека таа не е способна да ја демистифицира мимикријата која тривијалните, таблоидни содржини, ги продава како информации од јавен интерес.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција