Рецензија: Вистина.мк: Семејно-политичка борба за тронот меѓу Теута и Ермира

Вистина Семејно политичка борба за тронот меѓу Теута и Ермира-crop-resize

Написот„Вистина.мк: Семејно-политичка борба за тронот меѓу Теута и Ермира“, просто зрачи со тенденциозност  почнувајќи од насловот, поднасловот, конструкцијата на текстот, па  се до изборот на фотографиите. Уште во самиот старт е нагласена родовата припадност, со што е нарушен принципот за еднаквост меѓу половите.

Каде што има две жени на високи позиции, особено ако уште и се во семејни релации, работата или ептен оди или не оди никако. Јавноста во последно време срамежливо почнува да шпекулира дека ова второво се повеќе избива на површина кога се во прашање односите на најпознатите снаа и золва во политиката меѓу Албанците во Македонија, или поточно во нивната владеачка партија ДУИ, Ермира Мехмети и Тeута Арифи, инаку обете важни и високи функционер(к)и  на ДУИ“

Видлива е идејата е да се дискредитираат личностите споменати во насловот и во текстот. Овој материјал  претставува класичен пример за медиумски атак, манифестација на невкус и сексизам. Што особено доаѓа до израз со потенцирањето на физичките карактеристики на двете претставнички од  ДУИ (атрактивна, убава, помлада, повозрасна, шармантна). Но и со навлегувањето во приватноста, како  и со нагласувањето на стереотипот „две жени“, со јасна асоцијација на „извор на проблеми“.

Вистина Семејно политичка борба за тронот меѓу Теута и ЕрмираЛинк до оригиналниот напис: Вистина.мк: Семејно-политичка борба за тронот меѓу Теута и Ермира

Датум и време на објавување: 7.01.2014, 13:21

Датум на рецензирање: 8.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Во текстот се креира „женски-роднински конфликт во врвот на  ДУИ“ и притоа се вели:

Меѓу Албанците инволвирани во политиката се погласно се шушка дека политичкото ривалство на снаата и золвата полека преоѓа и во лично нетрпение помеѓу  двете функционерки, а  нивните односи  се повеќе ги продлабочуваат, како што велат,  и добрите и блиски релации на „атрактивната снајка“ со повеќе високи функционери на ДУИ.  Така политичкото, станува и приватно ривалство и борба за превласт на политичкиот, но и женскиот  трон во фамилијата и партијата.  А на тронот има место само за  една  “кралица“.  Другата ќе мора да абдицира!“

Но, таквите наводи не може да се поткрепат со ниту еден факт и нивната веродостојност не може да се потврди. Така што, може да се заклучи дека она што е кажано, е чиста произволност.  Дури, формално гледано, двете функционерки на ДУИ не се „снаа и золва“, туку според семејните врски, тие се „јатрви“!

Извори на информации: Написот нема прецизни извори на информации, ниту, пак, посочува конкретни соговорници. Во него се користат формулации: „како што велат“,  „се шушка“, „добро упатените“.  Впрочем, неименуваниот автор признава (во поднасловот) дека приказната ја темели на шпекулации:

„Јавноста во последно време срамежливо почнува да шпекулира…“

Содржајност: Текстот има проблеми и со содржајноста. Тој е едностран, сиромашен и без изјави. Впечаток е дека втората страна на приказната воопшто и не била планирана.

Пристрасност: Овој шпекулативен текст е пласиран свесно. Самиот факт дека станува збор за високи  партиски и влијателни личности во ДУИ говори за очигледна политичка пристрасност.

Коментирање: Целиот напис, всушност, е срочен во коментаторски стил. Тој почнува со коментар:

„Каде што има две жени на високи позиции, особено ако уште и се во семејни релации, работата или ептен оди или не оди никако“ 

и завршува  со коментар.

„Арифи од Вицепремиер за Европски прашања  мораше да ја прифати кандидатурата за градоначалник на општина Тетово, што за висок функционер и прва жена Албанка избрана во Собранието  во 2002 година може да се протолкува како  “враќање неколку чекори назад“ “

Оригиналност/Плагијат: Текстот е целосно преземен од  друг портал и тоа е посочено, но не е наведен линкот. Изворниот материјал сајтот го објавил во рубриката „радио Милева“, а текстот што го рецензираме, пак, е пласиран на страницата „Македонија“.

Квалитет на насловот: Насловот е бомбастичен, напишан е во сензационалистички манир  и на прв поглед го привлекува вниманието на читателската публика.

Фотографија: Во рамките на написот се објавени три  фотографии, кои треба да ја заокружат манипулативната улога на текстот. Првата илустрација, всушност, се портрети на двете функционерки на ДУИ. На втората фотографија е прикажана пратеничката од  ДУИ облечена во долг фустан, со разголени рамена, поднасмеана и со таинствен поглед.  А на третата, таа е заедно со сопругот и носи венчаница.

Говор на омраза: Текстот  е со навредлив говор насочен кон дискредитација на личностите, со јасна тенденција за омаловажување по родова основа. Формулациите  како:

„ добрите и блиски релации на „атрактивната снајка“ со повеќе високи функционери на ДУИ“

„помладата убава и атрактивна Ермира Мехмети пред неколку години се омажи за братот на повозрасната, но ништо помалку  шармантната Теута Арифи“

делуваат непристојно и прозвучуваат сексистички.

Што е спротивно на насоките дадени во Прирачникот за етика во новинарството, каде е нагласено:

„Секогаш треба да се избегнуваат фрази кои во себе носат шовинистички, сексистички или какви било други дискриминаторски конотации“

Во написот се забележува исмевање и ироничен тон:

„А на тронот има место само за  една  “кралица“.  Другата ќе мора да абдицира!“

Што, исто така е во спротивност со назнаките во Прирачникот:

„Новинарот мора да биде свесен за последиците и ефектите од неговите зборови, мора да внимава на нивниот избор и не смее да навредува или исмејува“

Заклучок: Текстот не задоволува ниту минимум новинарски стандарди. Во него не се цитираат кредибилни, релевантни ивори, а анонимниот автор си дозволува врз основа на полови стереотипи и со непристоен речник  да го коментира изгледот на претставничките на ДУИ. Резултатот е: невкусно четиво скроено со цел да го наруши нивниот углед.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција