Рецензија: ВИСТИНСКА ДРАМА НА ТАБАНОВЦЕ – Прочитајте за што се работи

Tabanovce1-00-crop-resize

Ако судиме според насловот навистина нешто драматично ќе се случува во текстот. Но, кога ќе се прочита заклучувате дека всушност се работи за полициски билтен во кое нема ништо од „драмата“. Насловот сака да му даде впечаток на читателот дека нешто ќе се случува во приказната, но балонот пука веднаш чим ќе се премине на текстот. Во минатото, низ македонските портали, имаше повеќе вести кои се нагласуваа со „ексклузивно“, „скандалозно“, „трагично“… и слично, но за среќа на читателите тоа веќе е минато. Освен, се разбира, тука каде што очигледно иднината се уште не стигнала.

TabanovceЛинк до оригиналниот напис: ВИСТИНСКА ДРАМА НА ТАБАНОВЦЕ – Прочитајте за што се работи

Датум и време на објавување: 11.04.2014, 12:06

Датум на рецензирање: 11.04.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ЦЕЛА ДРАМА ВО ДВА ЗБОРА

Тука се работи за текст кој е вистинит. Односно настанот навистина се случил. Барем така може да се заклучи од полицискиот билтен. И навистина, според билтенот, имало нешто таму, но од текстот не може да се заклучи дека е драматично. Туку целата „драма“ е во овие неколку збора:

На 10.04.2014 година на ПС за ГП-Табановце, откако не му бил дозволен влез од царинската служба поради носење на поголема количина техничка стока која подлежи на царина, ПМВ„Опел Вектра“ со германски национални ознаки, управувано од А.Р.(1963), а како сопатник била неговата сопруга М.Р. од Штип, извршило оштетување на рампата за пасошката контрола и рампата за царинска контола и се одалечил од преминот во правец на Куманово.

Кога некоја официјална информација ќе се напумпа за да привлече читатели таа излегува вака. Инаку ова е класичен извештај на МВР кој требало да остане и тоа.

Веста инаку во другите делови е коректна пренесено со кој, зошто како и кога го сторил тоа.

Останува само прашањето зошто се сакало да се потенцира некој драма. Макар да било и така, да имало шкрипење на гуми, па рампата целосно да била искршена, па да свиреле сирени, полицајците да трчале со пиштоли…. сепак ова не е вест која може да се доведе до „драматично“.

 

НАСЛОВОТ Е „КРИВ“ ЗА СЕ

Нема коментирање, само моментот кога се вели дека било „извршено оштетување на рампата“, кое најверојатно бил цитат од билтенот на МВР и е главниот атрибут за веста да започнува со „драматично“.

Текстот е редакциски, преземен од сајтот на МВР, како и сите вести од типот на црна хроника.

Во овој текст всушност целиот проблем е насловот. Да го нема првиот дел од насловот веста не би се нашла тука за рецензија. Но, сепак, ова е еден вид манипулација со јавноста и не смее да се дозволи. Да се спинува една вест од полициски билтен не е баш работа за поздрав. Затоа што вака почнуваат вестите кои можат да донесат и поголемо зло.

Фотографијата е ставена колку да ја има, ништо не значи и ништо не кажува , најмалку, пак, информира.

Вакви текстови се бенигни, односно не можат ништо страшно да предизвикаат. Освен, нели, ако сакаме да разговараме за моралната страна на новинарството. Сепак, како и да е, тука се работи за една голема невистина и наведување на читателот на погрешен заклучок.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција