Рецензија: Влада на РМ – СДСМ лаже, на СМР Аутомотивс Македонија не е даден ниту денар

FireShot-Screen-Capture-223-ALFA-TV-www_alfa_mk_News_aspx_ID73473_Uy16BfldWul-crop-resize

Прилогот што е пред нас е тенденциозен и целосно е ставен во одбрана на Владата за случајот што го отвори опозицијата еден ден претходно,  на 20.03.2014 година, а е  поврзан со фирмата „СМР Аутомотивс систем“.

Изборот на насловот: „Влада на РМ – СДСМ лаже, на СМР Аутомотивс Македонија не е даден ниту денар“ и самата конструкција на прилогот,  јасно покажуваат  дека се немало намера јавноста објективно да се информира за тоа дали навистина, како што тврди СДСМ,  споменатата компанија пред две и пол години добила државна помош од 2,8 милиони евра за фабрики кои досега не се направени. Дополнително,  во прилогот се манипулира со видео клип од пет секунди од интервјуто на портпаролот на СДСМ, дадено  за еден видео портал и на сосема друга тема.

FireShot Screen Capture #223 - 'ALFA TV' - www_alfa_mk_News_aspx_ID=73473#_Uy16BfldWulЛинк до оригиналниот напис: Влада на РМ – СДСМ лаже, на СМР Аутомотивс Македонија не е даден ниту денар

Датум и време на објавување: 21.03.2014, 17:34

Датум на рецензирање: 22.03.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ИЗВРТЕНА ВИСТИНА

Изјавите кои се користат во текстот се точно пренесени, проблемот  е во тоа што тие се така прикажани што се извртува вистината.

Уште во самиот старт на текстот се излегува со експлицитна констатација (која е извадена и во поднасловот):

Тврдењата на опозициската СДСМ дека владата на фирмата СМР Аутомотивс Македонија и доделила три милиони евра буџетски пари за изградба на два производствени погони, се целосно неточни.

Потоа се  кажува дека „од  Владата ги демантираат обвинувањата“  на потпретседателката на Советот за интеграции на СДСМ, Лидија Димова  и притоа во наративна форма се дава еден дел од нејзината изјава дадена претходниот ден (20.03.2014). А, воопшто не се споменува новата изјава на Димова дадена тој ден (21.032014 и која ја пренесоа повеќе медиуми), во која таа покажува документ – извадок од официјалниот Извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) за 2011 година:

Еве документ во којшто се гледа дека се одобрени 2 милиони 185 илјади евра државна помош на странската компанија СМР АУТОМОТИВЕ СИСТЕМС којашто требаше да изгради две фабрики (Димова)

Одлуката на КЗК е објавена и во Службен весник на РМ (бр. 153/3.11.2011 г. – види фототип долу). Потоа следува  тонска изјава на портпаролот на Владата (не е симната во текстот објавен на интернет):

„…тезите истакнати од страна на СДСМ дека наводно Владата  префрлила 3 милиони евра на странска компанија се апсолутно неточни и невистинити и ги демантираме во целост. Не три милиони евра, еден денар Владата нема префрлено на компанијата која тие ја посочија…“ (Ѓорѓиев)

На ова се налепува исеченото тонско парче од  5 секунди, извадено од контекст  на интервјуто на портпаролот на СДСМ, и се прави конструкција

И портпаролот на социјалдемократите Петре Шилегов неодамна изјави дека не гледа ништо криминално во она за што ги обвинува владините функционери.

smr 001-0009800-pokrienoНо, од  фрагментот  (10,30-11,40 минута) од  интервјуто, во кое Шилегов говори за друг слуај, и од кое се „позајмени“ петте секунди  „доказ“, се гледа дека тој такво нешто не изјавил. Туку, тоа е субјективна констатација на авторот на прилогот, со која, всушност, се пласира лажна информација.

И, на крајот од прилогот се дава едно експертско мислење во кое нагласено се критикува опозицијата, а кое се соопштува како став на  целата експертска јавност во Македонија! Што, навистина е претенциозно.

 

ПРИКРИЕНА ИЗЈАВА

Гледано од содржински аспект прилогот е некомплетен. Во него недостига изјавата на Димова од 21.03.2014, која влијае на вистинитоста на прилогот и на пораката што ја испраќа во јавноста, зашто таа се повикува и покажува документ за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

smr 002-0009800-pokrienoИсто така, со оглед на тоа што се тврди дека опозицијата не ја говори вистината, од материјалот не се забележува дека е направен обид ставот на Владата да се провери и од друг извор. На пример, да се побара став и од Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за странски инвестиции , Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, како и од компанијата која  СДСМ ја поврзува со скандал од речиси три милиони евра државни пари.

Па, онака како што е пласирана информацијата зачинета со коментари од типот:

Ова не е прв случај во кој паѓаат во вода тврдењата на СДСМ за нереализирани ветувања на Владата и одлевање буџетски средства

покажува јасна пристрасност кон владејачката партија . Се добива впечаток дека и изборот на аналитичарот е направен за да се потврди тезата дека опозицијата неаргументирано ја напаѓа власта.

Во недостиг на програма и понуда за предвремените парламентарни и редовните претстедателски избори, нормално е да се очекува дека овие работи ги прават за да водат една битка која наликува на еден вид нерепрезентативна демократија, кога еден временски прериод таа битка ја водеа надвор од институциите и даваат одговор за  можен енвентуален пораз кој би го претрпеле на овие  изборите.  (Јосифовиќ)

 

НЕДОЛИЧЕН ТОН

Насловот е даден во форма на цитат и прикажан е како став на Владата. Но, во него намерно е употребена една недолична квалификација:  „СДСМ лаже…“, со цел да се дискредитира опозицијата. Навредливата терминологија во насловот, му дава навредллив тон и на целиот прилог.

Така што, гледано од професионален аспект, со насловната конструкција (во комбинација со поднасловот), недвосмислената намера за спинување на вистината, како и со коментаторските елементи е добиен лош медиумски производ на кој му фали политичка дистанца и во кој потфрлиле основните новинарски стандарди.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција