Рецензија: Владата не потклекна – Макстил затвори, Југохром го преполови производството

www.alfa_mk_Newsaspx_ID84428VFlPiPnF9qV1-crop-resize

Прилогот со спинерски наслов „Владата не потклекна – Макстил затвори, Југохром го преполови производството“,  е типичен пример за манипулативна медиумска содржина, во која преку целосно извртување на тезите се воздигнува Владата. Начинот на кој е изработен и пласиран овој новинарски производ укажува на тоа дека немал намера да пренесе во јавноста објективна и точна информација.

www.alfa.mk_News.aspx_ID=84428#.VFlPiPnF9qVЛинк до оригиналниот напис: Владата не потклекна – Макстил затвори, Југохром го преполови производството

Датум и време на објавување: 01.11.2014, 18:08:17

Датум на рецензирање: 03.11.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ФРЧАТ ФАЛБИ

Материјалот се потпира на заедничката прес-конференција на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, и на министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, но поентите се претставени на манипулативен начин. Така, на самиот почеток се вели: „Макстил стави крај на производството, а Југохром го преполови“,  и веднаш потоа, во втората реченица (истата е извлечена и во поднасловот), фрчат фалби на адреса на власта:

Владата одлучи да воведе еколошки ред. Не потклекна на социјалните и економските аргументи за да го заштити здравјето на граѓаните.

Ова изгледа смешно во ситуација кога е познато дека двата големи загадувачи со години се толрерирани од властите.

Од друга страна, „Макстил“ не стави крај на производството,  туку привремено затвори дел од  производството  – погонот „Челичарница“. Додека работата во погонот „Валавница“, односно испораката на лимови и задоволувањето на обврските кон купувачите ќе продолжи непречено.

Обидот, пак, одлуката на „Макстил“ привремено да ја прекине работата во „Челичарница“ (по истекот на рокот за воведување еколошки стандарди, 31 октомври 2014 година), во јавноста да се прикаже како решителност на Владата, наликува на чиста манипулација.

 

ХЕРОЈСКИ ПОТЕГ!

А никако не може да се третира како маестрален – херојски потег на Владата ниту тоа што „Југохром“ доби нов дополнителен рок за воведување еколошки филтри. Особено зашто само пред две недели, ресорниот министер упати јавни критики до комбинатот од Јегуновце, бидејќи воопшто не почнал со постапката за поставување еколошки филтри. Притоа, тој ги повика одговорните од „Југохром“ „да бидат солидарни и сами да ја затворат фабриката, во спротивно ќе мора Министерството да постапи според Законот“.

Но, и покрај ваквите предупредувачки пораки од Владата, фактите говорат дека таа му дозволи на најголемиот загадувач на воздухот во Тетово,  уште две години со 50 отсто од капацитетот да ги загрозува тетовчани. Токму поради тоа, граѓанското движење „Еко-герила“ најави дека ќе ја оспори споменатата владина одлука пред Уставниот суд.

 

ГРИЖЛИВА ВЛАСТ

Интересно е што прилогот, истовремено,  ја претставува Владата и како непоколеблива во решеноста да ја заштити животната средина на тетовчани и како грижлива кон вработените од „Југохром“. Па, во тој дух, авторот констатира:

Владата водеше сметка и за работниците.

 

На овој начин е постигнат договор работниците да работат, а загадувањето да е намалено.

Намерата да се истакне улогата и ангажманот на Владата е видлива и во изборот на тонските парчиња од изјавите на двајцата министри.

И во двете  компании не очекуваме да дојде до значително намалуавање на бројот на вработени во овој период. И двете компаниии очекуваме да продолжат со активности и да ги завршат сите работи што ги имаат почнато и едноставно да продолжат со нормална работа. Владата, исто како и досега, ќе продолжи да инсистира на исполнување на еколошките стандарди. (Владимир Пешевски)

 

 Со ваквата Одлука на Владата за „Југохром“, земени се предвид нашите укажувања од еколошки аспект, како и социјалните и економските аспекти. (Нурхан Изаири)

Така, во овој исклучително пристрасен текст, каде потфрлиле професионалните новинарски стандарди, величењето на власта е направено толку многу нагласено, што неутралниот гледач се чувствува непријатно поради туѓиот срам!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција