Рецензија: Владата продолжува да инвестира во студентските домови
Во најмала рака цинично зазвучува насловот на веста која донесува исказ на ресорниот министер за состојбите во студентските домови во Република Македонија. Но, тоа очигледно не го тангира авторот, па истиот исказ е извлечен и повторен и во поднасловот.
Кога ќе се земат предвид грозоморните слики на руинираните простории, нехигиената и крајниот стадиум на запуштеноста во која се наоѓаат сместувачките капацитети за студентската популација во државата, што беа вистински „хит“ во домашните и светски медиуми деновиве, на читателот веднаш му се наметнува едно логично прашање: ако на ваков начин Владата „инвестирала“ во студентските домови досега, зарем има логика да се фали дека на истиот начин и ќе продолжи? Токму оваа „поента“ на министерот Спиро Ристовски од насловот генерираше негативни коментари и критики во таа насока во јавноста, пред сѐ, на социјалните мрежи.
Самата вест е направена аматерски и претставува пренесување на исказот на Ристовски во врска со темата, но нема некои од основните елементи на една вест: кога, каде.
Линк до оригиналниот напис: Владата продолжува да инвестира во студентските домови
Датум и време на објавување:13.03.2014, 13:55
Датум на рецензирање: 14.03.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Прикриени, во случајов се сите, „неважни детали“, како, на пример, кога и каде говорел ресорниот министер Ристовски, дали се работи за пренесен дел од прес-конференција или медиумот сам го побарал министерот да одговори на прашања поврзани со очајната состојба со студентските домови во државата. И во првиот и во вториот случај написот е склопен така што нема поширок контекст од кој читателот би разбрал зошто Ристовски токму сега зборува на оваа тема.
Спинот, евидентен во написов, во овој случај би можел да „увери“ само кај некој крајно неинформиран читател кој нема основни сознанија во каква состојба се студентските домови во Македонија. За сите останати, клучното тврдење е, во најмала рака, иронично.
Насловот некритички и пристрасен, а над сѐ друго – циничен, посебно кога ќе се земе предвид реалната состојба на студентските домови во Македонија. Акцентот е ставен на делот од исказот на ресорниот министер, каде тој вели дека Владата продолжува да инвестира во студентските домови, што, гледајќи ги ужасните сцени од руинираниот студентски дом „Гоце Делчев“, звучи трагикомично. Во овој случај насловот е во функција на алиби на власта која не ги исполнила своите ветувања.
Веста е некомплетна и се стекнува впечаток дека нејзината единствена намена е да ја спинува реалноста околу долгогодишната запуштеност на студенските сместувачки капацитети и неисполнетите ветувања, кои власта ги даваше во врска со реновирањето на студентските домови изминативе неколку години.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар