Рецензија: Владата со евтини кредити ќе го стимулира самовработувањето
Во еден поширок контекст, ова е вест што може да се смета за добро пресметан владин спин. Таа се базира само врз еден владин извор и е пласирана преку конференција за печат. Насловот може да се смета како пристрасен во корист на Владата, бидејќи ја насочува веста кон „евтините кредити“ што ќе им служат на граѓаните за да аплицираат за самовработување.
Веста спаѓа во редицата такви што медиумите ги објавуваат само со мала промена на насловот и со стилски интервенции во текстот, но не и со присуство во конференцијата, со прашања и дополнително истражување, кое би создало една пореална слика за ова владина иницијатива.
Линк до оригиналниот напис: Владата со евтини кредити ќе го стимулира самовработувањето
Датум и време на објавување: 13.06.2013, 12.06
Датум на рецензирање: 14.06.2013
Рецензент: Бардил Заими
Вистинитост: Ова владина иницијатива е претставена преку конференција за печат, како и многу други иницијативи, зад кои нема само информација, туку и еден вид владина пропаганда.
Извори на информации: Во текстот се користи само еден владин извор во вид на навестување што реално не претставува вест за себе. Се опишува начинот на аплицирање без некој поширок контекст на оваа проблематика.
Веста би требало да има и други извори: податоци од Агенцијата за вработување од евиденциите за невработеност, нивната категорија и можностите и квалитетот на реализација на оваа иницијатива.
Исто така, може да се дадат повеќе информации за сличните практики на самовработување кои се имплементирани во минатото. Дали се почитувани критериумите и кои резултати се постигнати.
Пристрасност: Овој вид вести спаѓа во категоријата на промотивни вести за владата, што од медиумите се објавуваат без да се користат дополнителни извори за да се создаде потребниот баланс.
Оригиналност/Плагијат: Обично, ваквите вести се агенциски, се обработуваат од редакциите и се објавуваат без автор. Не е наведен изворот од каде е земена веста.
Квалитет на насловот: Насловот е информативен, но ја потенцира владината иницијатива создавајќи илузија дека со евтини кредити таа се грижи за самовработувањето на граѓаните.
Фотографија: Текстот е илустриран со фотографија на владиниот портпарол и е во функција на насловот со цел да се засили позитивната порака.
Заклучок: Недостигот на други извори, наслов кој е пристрасен во корист на Владата, ја прават оваа вест донекаде да претставува и спин. Медиумите во повеќе случаи, без ниту една друга референца, во недостиг на оригинални вести, дозволуваат да им се „прикраде“ ваков вид на вести, кои освен информативен карактер попримаат и пропагандистички тонови. Оваа тенка разделна линија обично се злоупотребува од Владата за да пласира во јавноста свој спин.
Во поширок контекст, овие вести се продуцираат за да го зајакнат впечатокот за „добро владеење“ за доброто на граѓаните, нешто што за жал, во многу случаи, останува недекодирано од страна на медиумите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар