Рецензија: Влегувањето на „Ѓуро Ѓаковиќ“ во МЗТ ќе ја наполни државната каса

FireShot-Screen-Capture-196-Влегувањето-на-„Ѓуро-Ѓаковиќ“-во-МЗТ-crop-resize

„Доколку се оствари најавата за влегување на хрватскиот гигант во одбранбената индустрија „Ѓуро Ѓаковиќ“ во бизнис-зделка за производство на оружје со македонската фабрика „Металски завод Тито“, во земјава би можела да ја заживее оваа гранка на индустријата и дополнително да ја наполни државната каса. Вистина или не, но судејќи според објавените информации во текстовите на македонските медиуми, постои реална можност хрватскиот гигант во одбранбената индустрија „Ѓуро Ѓаковиќ“ да влезе во бизнис-зделка за производство на оружје со македонската фабрика „Металски завод Тито“. Токму оваа информација наводно ја потврдил и првиот човек на хрватската компанија, кој објаснил дека преговорите со македонската влада биле во завршна фаза“.

Написот ја отвора темата за враќање во форма на нашата воена индустрија, преку ангажман на МЗТ кој би бил стимулиран од хрватската фабрика „Ѓуро Ѓаковиќ“. Во големиот текст изостанува потврда на вистинитоста на сторијата, потоа нема подеднакво третирање на изворите кои авторот сам ги побарал, со што при селектирањето се прави еден спин за нашата пожелност за странските инвеститори, а во текстот нема ништо околу нашите сопствени потреби за борбени возила, потоа аферите кои се поврзаа со оваа тема (во Словенија падна и Влада заради порачка на овие возила) и слично.

 

 Влегувањето на „Ѓуро Ѓаковиќ“ во МЗТ е ја наполни државната каса

Линк до оригиналниот напис: Влегувањето на „Ѓуро Ѓаковиќ“ во МЗТ ќе ја наполни државната каса

Датум и време на објавување: 27.11.2013

Датум на рецензирање: 01.12.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Во текстот се користи потпирањето на „некои весници“, „некои извори“, „првиот човек на компанијата наводно“ и слични термини без да добиете на крајот ниту име на весник, директор, портал… Оваа сторија за влезот на „Ѓуро Ѓаковиќ“ во МЗТ е стара безмалку деценија и се базира на нашите потреби од купување на борбени возила, според стандардите и барањата на НАТО. Македонија ги одбегнува тие купувања, токму во последните осум години, ама затоа е план на многу производители. „Влезот во МЗТ“ е само начин да се олесни согласноста во Владата за конкретен тип на борбено возило и ништо друго. „Ѓуро Ѓаковиќ“ би требало да го произведува полското возило „Патрија“, но само ако најде доволно купувачи!

Извори на информации: Авторот на текстот користи два извори за оваа тема. Едниот, полковникот во пензија, Благоја Марковски, се радува „ако веста е вистина“, ама говори дека се сомнева оти ние имаме кадар, особено инженерски, за овој потфат и додава дека претпријатијата се распарчени. Вториот соговорник, воениот аналитичар Шкрбина, не верува воопшто во капацитетот на било која македонска фабрика да прави нешто корисно во тој проект, освен да произведува „маргинални делови“. Неговата анализа е далеку поскромна во дадениот простор за да се остави простор на – како што вели авторот – пооптимистичкото гледање на Марковски, иако ако внимателно се чита и таа изјава, воопшто не делува толку оптимистички!

Содржајност: Иако темата навистина можела да биде интересна и аналитички обработена, бидејќи по форматот се настојувало да биде забележана како таков приод, главно се задржува на фабрики што во Македонија, во некогашна СФРЈ, работеле за Армијата. Тука секако влегува и МЗТ, ама не се добро опишани ниту задачите кои фабриката ги извршувала, ниту нејзината сегашна состојба (статусна, кадровска), ниту има било каква допирна точка со реалноста наречена производство за армиски потреби, згора и за извоз, кој, пак,  е дел од пазарот со најпробирливи купувачи.

Пристрасност: Овој приод не е користен, иако постои материјал кој требало да се пренесе, секако откако малку и да се „прочепка“ по постарите текстови и евентуално да се најдат соговорници и во АРМ. Ама тоа како да е намерно избран метод за да се остане во сферата на претпоставки и „свршен чин“ кој инвестицијата на хрватската фабрика во нашата земја едноставно не ја оспорува. Содржајноста се бара во потенцијалот на другите екс-југословенски републики и нивните воени индустрии, ама нема ниту една реченица за состојбата на македонските капацитети, кои се сите во очајна ситуација, што, како констатација треба да биде ад акта.

Оригиналност/Плагијат: Текстот секако е оригинален ама се базира на премногу неконкретизирани извори за да видиме во колкава мерка е авторски.

Квалитет на насловот: Насловот содржи едно „ако“, кое со својата условеност дава резерва за идната фабрика, што потоа во содржината ја нема. Од друга страна, тој кондиционал сугерира „полнење на државната каса“, што секако не може да биде суштествената цел и што одново подолу во текстот не е прецизирана (колкава сума, што таа би значела во извозот и буџетот…). И насловот е некаков спин, навистина одработен нерутински и невешто.

Фотографија: Фотографијата дава еден тенк со легенда дека МЗТ некогаш произведувал делови за тенкови. Секако, би било добро да се каже кои се тие тенкови (како типови), за што барем во интернетската понуда постојат конкретни фотографии.

Заклучок На сајтот http://www.mashpedia.com/videoplayer.php?q=yWZzYheifk4 лесно може да се види еден кус, 9-минутен прилог на ХРТ од „Ѓуро Ѓаковиќ“. Таа фабрика е со мал број луѓе, работи за испораки на возила само за хрватската војска и тоа по темпо од едно возило на недела. Нема ни збор за гигант, ниту се споменува потребата за проширување. Во денешно време потврдата или негацијата на изнесените вести доаѓа брзо, па давањето на некаква „енергија плус“ во пишувањето за некоја тема не е никогаш на одмет.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција