Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ со листи за апсолутно мнозинство во Парламентот
Со мирна душа можам да кажам дека ова не само што спаѓа во редот медиумски „производи“ со невидено кршење на професионалните правила, туку е и, како што еден висок владин претставник милува да каже, „во спротивност со позитивните законски прописи“ во земјата.
Се прашувам од каде „некому“ толкава неподнослива леснотија еден политички билтен и листа „партиски желби“ да ја продаде како легитимна вест за публиката и тоа токму во предизборие. Од пасус во пасус читателите намерно се манипулираат со т.н. „информации“, што имаат една и единствена пропагандистичка цел – да се воздигне владеачката партија наспроти опозицијата, притоа употребувајќи формулации за „непобедливоста“ на едните за сметка на другите, а сето тоа непоткрепено со извори.
Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ со листи за апсолутно мнозинство во Парламентот
Датум и време на објавување: 29.03.2014, 19:16
Датум на рецензирање: 31.03.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ВЕСТА КАКО ЖРТВА НА ПАРТИСКО НАВИВАЊЕ
Во конкретниов случај, вистинитоста, која треба да биде безусловна компонента на секоја вест, е целосна жртва на партиското навивање. Како поинаку да се разберат формулациите:
„Откако лидерот на опозицијата Зоран Заев избега од директно соочување со Груевски, според анкетите на гласачките места се очекува победа со три пати повеќе гласови на Премиерот против носителот на СДСМ Рената Десковска и Радмила Шекеринска“;
„Никола Тодоров по победата над СДСМ во сооднос 3:1 во 2011 година во ИЕ 6, оваа година оди на рекорден резултат како носител во ИЕ 3“.
Значи, информацијата за носителите на кандидатските листи на владејачката партија е сосема злоупотребена и ставена во форма на спин за очигледни политички цели. Не можело да се остане на „обична“ вест, туку морало да се филува, обландира и слично, за да се добие „медиумска торта“, која ќе биде по нечиј ќеф. Но, она што можеби е најстрашно, е дека во текстот, кој освен на имињата на главните кандидати за шесте изборни единици се потпира и на некакви истражувања на јавноста, при што никаде не се прецизира кој, кога и на колкав примерок ги вршел тие „анкети“. Од друга страна, пак, последните измени на Изборниот законик се исклучително строги во однос на медиумското пласирање на истражувања на јавното мислење во предизборен период.
„При објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето“ – вели членот 77 од Изборниот законик.
Каде е тоа направено во овој напис? Никаде! Оттука, не само што се знемарени професионалните стандарди, туку е прекршен и законот. За каква вистинитост понатаму треба да зборуваме?!
МАЛКУ ФАЈДЕ ОД ВАКВИ ИЗВОРИ
Ако веќе се тврди дека „власта ќе растури со 3:1 или 4:1“ сакам да знам врз основа на што се темели таквата надмоќ. И тука повторно се враќаме на претходно кажаното – ги нема изворите, со исклучок на, секако, партиските и тоа анонимни. Се вели „според анкетите направени од 4 специјализирани агенции, од кои две странски, носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ се во водство од најмалку 3:1 дури и во некои случаи од 4:1 спрема носителите од СДСМ“. Не, не „колеги“! Тоа не е воопшто доволно, ни го задоволува ниту минимумот… Потребни се јасно наведени податоци за тоа кој истражувал, кој ја нарачал анкетата, итн… Вака, наведените бројки се без било каков кредибилитет. Од каде јас, а секако и публиката, да знае дека тие анкети можеби не ги правел партискиот „центар“. Тоа, секако, има ефект и врз самата суштина, содржина, бидејќи единствена новина се имињата на носителите, а сето друго, односно 90 отсто од написот, е класично политичко рекламирање на кое местото му е во просторот наменет за партиските кампањи, а не во еден новинарски текст.
ТЕКСТ-РЕКЛАМА ЗА „ПАРТИСКА ДОМИНАЦИЈА“
Бидејќи утврдивме дека има многу реклама за „партиска доминација“ јасно е дека материјалот е исклучително изместен од непристрасната позиција. Поточно, ниту имало желба да се задржи некаква објективност.
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано“ – вели членот 14 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Прво, воопшто не сметам дека овде имаме легитимен новинарски производ, така што нема и некоја потреба да се утврдува дали е оригинал или плагијат, бидејќи е очигледна нарачка. Колку за илустрација за неговата „важност“ говори тоа дека и други „побратимски“ портали го објавија истиот овој текст.
Употребениот наслов е приказна за себе. Нема каква било „ограда“, формулиран е како да е заглавје на партиско соопштение, а не на напис наменет за широка публика.
Сѐ на сѐ, заклучокот е дека имаме текст кој е апсолутно непримерен за во категоријата информативен и воопшто новинарски. Повеќе му прилега категоријата пропагандистички…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар