Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ : Заев е нехуман – не сака да вработи 11 социјално загрозени лица

ВМРО-ДПМНЕ _ Заев е нехуман – FAKTOR' - faktor_mk_archives_86939-crop-resize

Препукувања на двете најголеми спротиставени политички опции во Република Македонија се секојдневие во македонскиот медиумски простор.  Од тој аспект, извештајот за проследената прес-конференција на претставник на ВМРО-ДПМНЕ, на која тој го критикува претседателот на СДСМ е сосема коректно изработен: дадени се поентите од пресот на едната, дадени се и контра-изјавите на другата страна, насловот ја содржи оградата дека искажното обвинување е цитат од говорникот од ВМРО-ДПМНЕ, нема коментирање на авторот, туку се е оставено на судирот на аргументите на двете страни. Па, сепак, написот содржи елементи на политичка пристрасност, бидејќи исказот на претставникот на владеачката партија, даден во насловот и во самиот текст, не е пренесен како што бил искажан, туку авторот употребил посилни и подискредитирачки фрази што не биле искажани. Тоа читателот ќе го дознае дури откако ќе консултира други медиуми, што известуваат за истиот настан. Таквиот избор може да укажува на желба за сензационализам, а може да укажува и на наклонетост кон одредена политичка опција. Во овој случај, иако се запазени сите елементи кои треба да ги содржи проширен извештај од политички настапи на одредена конкетна тема, не може да се занемари впечатокот, кој го наметнува изборот на фразата, ставена во устата на претставникот на ВМРО-ДПМНЕ. 

FireShot Screen Capture #077 - 'ВМРО-ДПМНЕ _ Заев е нехуман – FAKTOR' - faktor_mk_archives_86939Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ: Заев е нехуман – не сака да вработи 11 социјално загрозени лица

Датум и време на објавување: 5.12.2013

Датум на рецензирање: 9.12.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Написот се темели на изјави на официјален претставник на ВМРО-ДПМНЕ, дадени на прес-конференција, надополнет со изјави од спротивната страна, на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дадени во врска со истата тема.

Извори на информации: Извори на информации во овој текст се две релевантни личности, двајца официјални претставници на двете политички партии: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Содржајност: Информацијата ги има основните елементи на сеопфатност, даден е простор на исказите на двете спротиставени страни за истиот конкретен повод.

Пристрасност: Иако според правилата на новинарскиот занает главно коректно е одработен, во текстот може да се детектира одреден степен на политичка (не)наклонетост, пред сѐ, во изборот на фразата во насловот и во самиот текст („Заев е нехуман“) која, како децидна изјава воопшто не излегла од устата на претствник на политичкиот опонент, туку била поставена во форма на дилема („Каде е хумната страна на Зоран Заев?“)

Оригиналност/Плагијат: Текстот е непотпишан, иако се работи за оригинален труд, а објавен е на сајт, каде што делумно се почитува праксата написите да бидат потпишани со иницијали.

Квалитет на насловот: Насловот го привлекува вниманието со пресилниот израз, извлечен од контекст од излагањето на Сашо Трпески, кој, всушност, праша каде е хуманоста на Зоран Заев и зошто тој им врти грб на социјално загрозените лица со тоа што не ги прифатил вработувањата во локалната подружница на Македонски шуми, кои ги одобрила Владата, но никаде во своето излагање децидно не се изјаснил дека „Заев е нехуман“.  Ваквото сублимирање на исказот, иако се практикува во зависност од тоа во каква ситуација се применува, може да се толкува како суптилен (или помалку суптилен) израз на политичка наклонетост на медиумот, односно новинарот.

Фотографија: Написот е несоодветно илустриран со фотографија од влезната врата на Македонски шуми иако се работи за настап на прес-конференција на конкретна личност (Трпески), а се пренесуваат искази и на друга личност (Заев). Во случајов се работи за уредувачка несмасност – доколку медиумот немал свој претставник на прес-конференцијата на Трпески, требало да се потруди да набави фотографија од настапот или, пак, доколку пренесува извештај на друг медиум од настанот, тоа требало да биде наведено во самиот текст.

Говор на омраза: Навредливиот говор, иако даден во форма на цитат, како дел од изјава на претставник на една партија, кој критикува претседател на спротиставена политичка партија, сепак, претставува тенденциозен потег за дискредитација на наведената личност веќе и поради фактот што е употребен посилен исказ од оној кој навистина го искажал неговиот политички противник.

Заклучок: Сублимирањето на искази за потребите на медиумот (покус израз, поударен наслов) се прифатливи и се практикуваат, но професионално непристрасен и одговорен медиум нема да дозволи самиот да поткрева политичка тензија онаму каде тензиите се веќе ионака премногу изразени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција