Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ-Заев и пратениците на СДСМ испумпувале пари преку тендери во Струмица

Во текстот се објавени нови обвинувања за непотизам и судир на интереси на адреса на струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Експлицитно е пренесена изјaвата на Иво Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ, со обвинувања на сметка на Заев, без презентирање докази. На реакцијата на СДСМ, пак, е посветена една реченица: „Продолжуваат со обвинувањата за Мијалков, Јанкуловска и Груевски“.

FireShot Screen Capture #027 - 'ALFA TV' - www_alfa_mk_News_aspx_ID=63938#_UkmcHn9uFK0Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ – Заев и пратеници на СДСМ испумпувале пари преку тендери во Струмица

Датум и време на објавување: 30.09.2013, 17:37

Датум на рецензирање: 1.10.2013

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Прилогот – пренесен говор на политичар – може да се доведе под сомневање, бидејќи се базира само на изјавата на претставник на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која притоа не е поткрепена со докази, а на реакцијата на опозициската партија не и е посветен истиот простор. Не се застапени двете страни.

Извори на информации: Извор е партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, презентирано од претставникот на партијата, Иво Ивановски. Парафразирана е и реакција од СДСМ.

Содржајност:  Прилогот не е новинарски и авторски, туку е трансмисија на партиските соопштенија, при што на двете партии не им се дадени исти можности за претставување на своите ставови. Во воведот е парафразиран целиот говор на Ивановски, а потоа е и пренесен автентично. Се фаворизира еден политички субјект – во овој случај ВМРО-ДПМНЕ. Новинарот одбрал дел од говорот на политички субјект (претставник на ВМРО-ДПМНЕ) избирајќи реченици кои противничкиот политички субјект СДСМ го претставуваат во негативна (демонизирачка) светлина.

Пристрасност: Пристрасноста е очигледна. Медиумот експлицитно пренесува говор на Иво Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ со сите обвинувања на сметка на Зоран Заев и СДСМ. Истовремено пристигнува и реакцијата од СДСМ. Но, тука медиумот свесно и ја ускратува можноста на спротивната страна поопширно да одговори. Нивното соопштение е парафразирано во само една реченица со помалку посветен простор во прилогот.

Квалитет на насловот:  Долгиот  наслов во кој еден политички субјект, во овој случај партијата СДСМ и нејзините пратеници во Парламентот се поврзуваат со испумпување на пари преку тендери, има функција содржината која следи во текстот да ја прикаже како сензационално откритие на ВМРО-ДПМНЕ. А квалификацијата дека тоа го правеле пратениците на СДСМ и дека „испумпувале пари“ ги прикажува во негативна светлина како непоштени и ги сатанизира и нив и партијата. Затоа е тенденциозен, сензационалистички и сатанизирачки.

Фотографија: фотографија е илустративна од некој говор на Заев.

Говор на омраза: „Испумпувале пари на Струмичани од општинска каса“. „Заев го именувал Панче Орцев за директор на ЈКПД „Комуналец“. Тој склучил договор за јавна набавка со фирма на сопругот на кандидатот за пратеник од Струмица, Цветанка Иванова“.
Ваква конструкција на реченици, откривање на фамилијарни врски наместо именување фирма ако таа е веќе вмешана во криминалот и пренесување на напаѓачки говор, покажува омраза кон опозициската партија и нејзиниот лидер.

Заклучок: Со изборот и трансфер на дел од говорот на претставникот на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, новинарот прави интервенција во смисла намерно да избере реченици и дел од изјавата која поттикнува идеолошко партиска нетолеранција. Конструира негативна рамка за лидерот на опозициската партија, го дисквалификува лоцирајќи ја во него вината за проблеми во општеството. Создава негативна стереотипизација и демонизација на политичкиот противник – СДСМ и на нивниот лидер Зоран Заев. („Во ек на предизборна кампања во 2011 година, Заев за директори на јавни претпријатија именувал лица кои потоа станале пратеници на СДСМ. Тие пак склучувале договори со фирми“…).

Треба да се избегнат ваквите појави во медиумите и да се заштити јавноста од трансвер и упади на навредливи и штетни квалификации. BBC за вакви случаеви донесе општоприфатливи стандарди кои низ времето еволуираа во генерално прифатливи стандарди и уредничките правила при трансвер на говорот на политичар кој е напаѓачки, навредлив, предизвикува негативна стереотипизација или демонизација на политичкиот проптивник. BBC препорачува саморегулација и контекстуализирање на делови од таков говорот. Новинартот во такви случаеви навистина не може да трпи правни консеквенци, но има етичка одговорност. (http://www.bbc.co.uk/editorialguidelines/page/guidelines-harm-principles/).
Принципите кои ги препорачува BBC се однесуваат и на почитување на човековото достоинство при што инсистира да се избегнуваат содржини кои асоцираат на понижување заплашување,навреди, дерогативни забелешки… (http:www.bbc.co.uk/editorialguidelines/page/guidelines-harm-intimidation/). Слични укажувања се содржани и во препораката 97 (20) ( 21) на Советот на Европа, и членовите 14 и 15 на Кодексот на новинариете на Македонија.
Во прилогот сите овие принципи се нарушени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција