Рецензија: Внимавајте: Уште кај три компании пронајдена листерија?

ВНИМАВАЈТЕ-Уште-кај-три-компании-пронајдена-листерија-crop-resize

Желбата за наводна ексклузивност е тесно поврзана со шпекулирањето. Така и во овој случај, пишувањето на еден медиум за наводното ширење на сомнителните компании за преработка на месо, кај кои е пронајдена опасната бактерија „листерија“, е податлива за пренесување. Откако веста со сензационалистички наводи е демантирана од надлежните институции, медиумот кој ја лансирал ја повлекува од порталот, премолчено признавајќи ја грешката. Но, нејзините наводи остануваат во другите медиуми.

ВНИМАВАЈТЕ  Уште кај три компании пронајдена листеријаЛинк до оригиналниот напис: Внимавајте: Уште кај три компании пронајдена листерија?

Датум и време на објавување: 11.08.2014

Датум на рецензирање: 12.08.2014

Рецензент: Стојан Синадинов

Текстот не се базира на факти, туку на претпоставки. Дури и во самиот текст се вели дека информациите за присуство на бактеријата листерија кај уште три други компании за преработка на месни производи не се потврдени од надлежната институција, Агенцијата за храна и ветеринарство:

Оваа информација во текот на вчерашниот ден не ни ја потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде што велат дека освен “Екстра меин”, во која е стопирано производството, немаат информации дали во другите месни индустрии е стопирано или намалено производството на месни преработки, пишува Вечер.

„Неофицијалните“ извори секако дека се непотврдени, но текстот, сепак, ги пласира, без разлика што констатира дека опасноста од болеста веќе предизвикала паника кај населението:

Листеријата и опасноста од бактеријата предизвика паника кај македонското население, бидејќи во јавноста деновиве неофицијално се шири информација дека покрај кумановската “Екстра меин”, и кај производите на уште три компании кои се дел од бизнисот на месните преработки е можно присуство на опасната бактерија.

Веста нема минимално ниво на сеопфатност, бидејќи се базира на шпекулации. Но, и покрај тоа, со сензационалниот и несоодветен наслов само ја шири паниката од заразата кај населението, што, парадоксално, го потенцира како проблем токму за месната индустрија:

Агонијата со листеријата трае веќе еден месец, а посебно во последните неколку дена, откако Министерството за здравство после цел месец испитување на примероци од над 30 преработувачки капацитети ја објави информацијата дека кај месната индустрија “Екстра меин” е потврдено присуство на бактеријата во сечкан свински врат. Тоа уште толку ги исплаши граѓаните, а резултатите на теренот велат дека драстично е намалена потрошувачката во месарниците.

Сеедно што од посочената компанија укажуваа дека кај нив не е пронајдена бактеријата. Модерната ера на вмреженост ја релативизира и ѝ дава сосем друг призвук на изреката дека на лагата и се кратки нозете. Можеби брзо ќе биде демантирана, но останува да „живее“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција