Рецензија: Во Грција ем лажат, ем крадат!

Приказни од туристи, измамени од своите тур оператори, во медиумите осамнуваат секое лето. Случајот со групата од 12 скопјани, кои уплатиле за одмор во Грција преку странски сајт, па останале и без пари и без одмор, немаше да подигне во јавноста прашина поголема од вообичаената да не се совпаднеше со зголемените тензии во македонско-грчките односи среде летната туристичка сезона. Сепак, она што другите македонски медиуми го проследија само како интересна (и поучна) приказна за опасноста да бидете измамени од странски сајтови што нудат туристички услуги, веста овде е „филувана“ со наслов кој содржи навредливо тврдење и афирмира негативни стереотипи за соседната земја. Ова е сторено иако во текстот никаде нема поткрепа ниту дека во конкретниот случај некој од Грција ги излажал Македонците, а уште помалку дека во Грција во принцип ем лажат, ем крадат.

Текстот, инаку, е пренесен од друг портал, каде што насловот соодветствува со содржината: „Измамени Македонци останаа без 1.500 евра, без одмор во луксузни вили на Лефкада и со куферите во Скопје!“

FireShot Screen Capture 02715BD5741ED375B4687AA5Линк до оригиналниот напис: Во Грција ем лажат, ем крадат!

Датум и време на објавување: 1.08.2013

Датум на рецензирање: 1.08.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Содржајност: Од аспект на содржајност, забелешките одат на контото на оригиналниот текст, кој случајот не го истражил докрај, а кој овде е само пренесен.

Пристрасност: За каков сајт и за каков он-лајн тур оператор се работи? Какво објаснување за целата работа има британскиот он-лајн тур оператор, а каква сопственикот на вилите? Од каде е информацијата за Шпанецот, кој наводно го хакирал сајтот? Кој се сомнева во можната вмешаност на сопственикот на вилите на Лeфкада во криминалот? Ова се прашањата чиишто одговори би фрлиле комплетно светло на целиот случај. Авторот на текстот единствено го пренесува исказот на анонимните македонски граѓани, чии директни изјави  воопшто не постојат во текстот.

Оригиналност/Плагијат: Написот е пренесен од друг портал,  но е „збогатен“ со „оригинален“ наслов.

Квалитет на насловот: Насловот е и најголемиот недостаток на овој напис, бидејќи не соодветствува со содржината, а освен тоа е навредлив и тенденциозен.

Фотографија: Фотографијата илустрира морска плажа за која само поинформираните можат да утврдат дека е од грчкиот остров Лефкада. Не е вложен напор да се најде screen-shot од спорниот веб сајт или од вилите на Лефкада, иако текстот кој се пренесува ги содржи потребните линкови и до двете локации,  па очигледно илустрацијата е ставена колку нешто да го „разбие“, односно освежи написот.

Говор на омраза: Насловот е навредлив и содржи елементи на говор на омраза. Ако читателот внимателно го прочита целиот текст до крај, ќе разбере дека, во конкретниов случај, македонските граѓани не биле излажани и искрадени од некого од Грција, туку тоа го сторил британски он-лајн тур оператор, или, уште поточно, некој неименуван Шпанец, кој, наводно, го хакирал нивниот сајт!

Дури и реченицата:

„Сепак, постои сомнежот дека и самиот сопственик на вилите е вмешан во оваа измама и истата, освен на овие Македонци, им била направена и на поголем број други луѓе“,

со која е направен обид, непоткрепен со ниеден факт, во измамата да биде вмешан и сопственикот на вилите на Лефкада, не го оправдува навредливиот наслов на текстот од проста причина што не е даден ниеден доказ за вмешаност на сопственикот, како ни дека тој воопшто е – Грк!

Заклучок: Без оглед на поткренатите тензии во македонско-грчките односи во актуелниов момент, „засилени“ со зачестените непријатности кои нашите граѓани ги доживуваат летово во соседна Грција, на еден ваков текст со тенденциозни елементи, кој шири непријателство и има елементи на говор на омраза кон јужниот сосед, не му е местото (ниту сега, ниту било кога) на страниците на еден сериозен и објективен медиум.

Не само затоа што таквите обиди никогаш не носат никому добро, туку и затоа што новинарите во извршувањето на својата дејност предност треба секогаш да им даваат на фактите, а не на личните сентименти.

Исказот од насловот „Во Грција ем лажат, ем крадат“ никого не информира ниту предупредува, но на многумина ќе им го крене притисокот. Ако тоа била неговата цел, тогаш сигурно не се работи за новинарски, туку за пропаганден производ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција