Рецензија: Во Македонија невработеноста наскоро вртоглаво ќе почне да опаѓа

Во-Македонија-невработеноста-наскоро-вртоглаво-ќе-почне-да-опаѓа-МКД-crop-resize

Веста насловена: „Во Македонија невработеноста наскоро вртоглаво ќе почне да опаѓа“, прозвучува прилично оптимистички. На читателите им се сугерира едно цврсто уверување дека  претстои период  во кој драстично ќе се намали бројот на невработените. И таквиот бум ќе се случи многу брзо! Гледано во поширок контекст тоа имплицира дека државата направила значаен економски и стопански исчекор, па со сигурност може да се очекува отворање на  нови работни места кои значително ќе ја сменат сликата за невработеноста. Но, во веста нема елементи што ќе го поткрепат ваквиот оптимизам.

Во Македонија невработеноста наскоро вртоглаво ќе почне да опаѓа   МКД.мкЛинк до оригиналниот напис: Во Македонија невработеноста наскоро вртоглаво ќе почне да опаѓа

Датум и време на објавување: 27.01.2014, 21:03

Датум на рецензирање: 28.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Веста се повикува на Извештајот на Светска банка за Европа и Азија „Назад на работа: Раст со работни места за Европа и Централна Азија“. Веродостојноста на првата реченица од текстот (која, всушност, истовремено е и поднаслов), а за која се посочува дека е оценка од Извештајот, не може да се потврди.

„Невработеноста во Македонија ќе почне забрзано да се намалува, а посериозни резултати на ова поле ќе се видат за многу брзо време. Ова се оценките од последниот извештај на Светска Банка ….“

Тоа не беше кажано на ниту еден од медиумите што имаа извештаи за настанот. Констатацијата во вториот дел од реченицата:

„….Македонија е една од државите во регионот кои многу вложиле на полето на економските реформи.“

е точна и таа е извлечена од изјавата на сениор менаџерот во Светска Банка и еден од авторите на Извештајот, Омар Ариас .

„И покрај тоа што Македонија е во групата средно модернизирани држави, најновите напори за зајакнување на пазарните институции го намалија јазот со понапредните држави. Македонија е една од државите во регионот кои вложија најмногу напори за модернизација и реформи, во подобрување на капациетот на институциите. Тоа му овозможува и на приватниот сектор да се развива и да креира нови работни места“,

Фрагментот од неговата изјава е точно пренесен. Но, од  кажаното не може да се извлече пораката во насловот  дека „невработеноста наскоро вртоглаво ќе почне да опаѓа“!

Впрочем и на крајот од веста се вели:

„И покрај пофалните зборови за состојбите во земјава, експертите од Светска Банка се на мислење дека не само на земјава туку и на другите држави од регионов им претстоел долг период за надминување на економските проблеми“.

Извори на информации: Извор на информации е презентацијата на Извештајот на Светска банка одржана во Народната банка на Македонија.

Содржајност: Веста го задоволува минималното ниво на сепофатност, проблемот е што податоците од Извештајот и изјавата на Ариас се користат за тенденциозна и наменска проценка на состојбите. (почетокот на веста)

Пристрасност: Изборот на насловот и подналсовот укажува на наклонетост кон владејачката партија. Особено што порталот истиот ден, три часа претходно, објавил извештај на оваа тема. Па се добива впечаток дек веста е наменски направена.

Коментирање: Веста почнува  во коментаторски стил

„Невработеноста во Македонија ќе почне забрзано да се намалува, а посериозни резултати на ова поле ќе се видат за многу брзо време“

Оригиналност/Плагијат: Материјалот не е потпишан, па веројатно станува збор за редакциска вест.

Квалитет на насловот: Насловот е спинерски и сугестивен. Заедно со поднасловот, всушност, се најпроблематични елементи од текстот.

Фотографија: Текстот е илустриран со фотографија на која е прикажан човек кој пребарува низ контејнери.

Заклучок: Преку претенциозниот наслов на веста, фактички во јавноста се соопштува една дезинформација. Ваквиот начин на обработка и пласирање на информациите делува апологетски, дополнително и поради тоа што порталот веќе направил еден извештај од настанот, кој е сосема коректен.  А, оптимистичката прогноза за „вртоглавото“ намалување на невработеноста е во функција да креира атмосфера за успешно водење на владините политики.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција