Рецензија: Во Македонија Зимерман би бил осуден, во САД Трифуновски ослободен?

Обидот со прилог за ослободено лице за убиство на Афроамериканец според законите во САД, да се направи споредба со кај нас осудениот полицаец Трифуновски, освен што отвора една од старите рани во меѓунационалните односи во земјата, не се темели на ниту една објективна потпора за спроведливост, а во извесна смисла дури и не го уважува стручното игнорирање на таквата поставеност. Од ослободувањето на Зимерман и споредбата со случајот Трифуновски се прави и политичка асоцијација дека ако не биле жртвите Албанци, можеби и одлуката на судијата би била поинаква!

Рецензија: Во Македонија Зимерман би бил осуден, во САД Трифуновски ослободен?Линк до оригиналниот напис: Во Македонија Зимерман би бил осуден, во САД Трифуновски ослободен?

Датум и време на објавување: 17.07.2013, 18:07

Датум на рецензирање: 19.07.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Премисите во тој текст се секако точни – Зимерман е ослободен во судски процес на Флорида, а Трифуновски е осуден. И во двата случаи се работи за различно толкување на судот на крајната нужда.

„Дали заштитата на сопствениот живот, на животот на своите деца, на сопствениот дом и приватната сопственост има различна цена во светот? Во една држава може да ве осудат на затвор ако во одбраната на овие универзални богатства некој повредите или убиете без разлика дали вие сте биле загрозени доколку од другата страна (злото што ви се заканува) не бил направен конкретен чекор или ако на него одговорите прекумерно. Во друга држава доволно е да се повикате дека сте се почувствувале загрозено, па сте морале да се одбраните за да ве ослободат. Случајот на Џорџ Зимерман (белец) од Флорида, кој минатата недела беше ослободен од убиство на 17-годишното момче Трејвон Мартин (Афроамериканец) под изговор дека тоа го сторил во крајна нужда само затоа што во текот на вечерната граѓанска патрола момчето со качулка на главата, кое излегло на улица за да купи нешто, му изгледало сомнително, ја крена на нозе светската јавност. Граѓаните во САД се сомневаат на расизам од страна на Зимерман, а американските правници коментираат дека ваквото крајно либерално толкување на „крајната нужда“ од американските судови е сомнително бидејќи остава простор секој во иднина да се повика на „почувствуван страв или закана за опасност“ – стои во воведот на текстот што несомнено привлекол внимание.

Извори на информации: Текстот користи, условно, два независни и стручни коментари на оваа тема од два професори, но и обата – иако ги пренесува – не ги вметнува на јасен чин во единствено можниот заклучок на темата, а тоа е неспоредливоста на двата судски спорови заради неспоредливоста на правните системи .

Содржајност: Оваа ситуација во новинарството веќе е третирана на овој сајт како форма на „игнорирање на демантот“, односно на своевидна ситуација кога авторот си ја тера својата почетна теза и натаму.

Значи, се игнорира фактот дека во САД во кривичните спорови одлучува порота (збор кој не го сретнавме во текстот), а дека судијата ја одредува само висината на казната, додека народот (поротата) ослободува или осудува, прогласува за виновен.

Понатаму, во САД, како што еден од експертите кажа, приватната сопственост и животот на сопственикот се над сѐ (затоа лесно се дозволува и поседување на оружје), па системот е поставен поинаку и во третманот на нужна одбрана и слично.

Пристрасност: Иако ја поседува содржајноста, заради композитната поставеност на темата и вметнување на тезата за политиката како релевантен факт во судското одлучување, прилогот доведува до потенцијална пристрасност, односно до практично потврдување на тезата дека ако е Зимерман ослободен во САД и Трифуновски би бил ослободен ако би му се судело на Флорида.

Оваа премиса само по себе е едноставно недокажлива, па дури и постои неспоредливост ако се земат сите елементи од случајот Трифуновски во предвид (не е утврдена споредлива опасност по животот на полицаецот и неговата ќерка, полицаецот не бил на должност, а бил вооружен, претходно е познат како насилник, а не и убиените, кавгата била со банален повод, било јасно дека убиените немаат огнено оружје…) што пристрасноста во споредбата на случајот Трифуновски и случајот Зимерман во стартот ја прави „килава“.

Квалитет на насловот: Насловот е секако клучот на сѐ во овој текст, бидејќи веднаш ја поставува тезата на авторот и во таа смисла тој е квалитетен и привлекува општо внимание, ама е тенденциозен заради тоа што воопшто се прави споредба, а таа не е поставена на логична (споредлива) основа!

Фотографија: Фотографија од судењето на Зимерман ни го става обвинетиот во контекст каде е тој – можеби сосема случајно – опасен тип, односно го дава во некаква агресивна експресија, што нам треба да ни каже дека „ако овој е ослободен…“. Поинаку речено и фотографијата е дел од пристрасноста.

Говор на омраза: Во контекстот во кој се прави споредбата, се алудира дека битно за пресудата во случајот Трифуновски била националната припадност на жртвите, односно фактот дека тие се Албанци, па ако на Трифуновски би му се судело на Флорида тој би бил (како христијанин, белким) ослободен како припадник на мнозински народ!

Заклучок: Би било доволно ако се направел обид да се проникне во еден многу свеж и кај нас познат случај – Сашо Богески во Белград е обвинет заради пречекорување на нужна одбрана, иако зад неговото право на одбрана застанаа 40 илјади потписници. Има многу споредливи случаи кои треба да ја осветлат перцепцијата на нужната одбрана во европското правосудство и практика.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција