Рецензија: Во октомври ќе се зголемат платите на јавната администрација

FireShot-Screen-Capture-015-МРТ-www_mrt_com_mk_node_12139-crop-resize

Рецензираме текст кој најнапред панично ги заплашува граѓаните со она што се случува во соседството. „Во Србија и други земји значително се намалуваат платите и пензиите“… за потоа, како со магија го излечи домашното население од уплав со приказната дека тоа нема да му се случи: „Додека во Србија … се намалуваат платите и пензиите, во Македонија ќе се зголемуваат“.

FireShot Screen Capture #015 - 'МРТ' - www_mrt_com_mk_node_12139Линк до оригиналниот напис: Во октомври ќе се зголемат платите на јавната администрација 

Датум и време на објавување: 27.07.2014, 18:13

Датум на рецензирање: 28.07.2014

Рецензент: Александар Писарев

Текстот има два дела. И во двата, иако нема извор, фактите се точни, бидеќи се „преџвакуваат“ со денови и во домашните и во регионалните медиуми.

Во првиот дел граѓаните само се заплашуваат:

„Српската влада ќе ги намали платите и пензиите за 10 отсто… кои првично значеа поостри мерки и намалување на плати и до 30 отсто, намалување на пензиите за 20 отсто, намалување на државна администрација за 30 одсто, односно откази да добијат 160.000 луѓе, предвидуваа и зголемување на цената на електрична енергија за 30 отсто“…

Во вториот дел граѓаните се „отплашуваат“, со цел вниманието да се усмери на домашен терен.

„Додека во Србија и во другите земји значително се намалуваат платите и пензиите, во Македонија ќе се зголемат. Од октомври платите на јавната администрација ќе се зголемат, а од идната година предвидедно е ново покачување на пензиите.“

Медиумот понатаму нé бомбардира со спинување во полза на една политичка опција, а со цел граѓаните да поверуваат во исправноста актуелните политики на Владата.

„Здравите економски политики и долгорочната макроекономска стабилност ќе овозможат реализација на поголем екониомски раст кој годинава се очекува да достигне 3,5 отсто“.

Ова е социолошки феномен врз основа на кој се врши манипулација и извлекува полза за една политичка опција преку стравот кај граѓаните. 

 

МАРКЕТИНГШКИ ТРИК

Недостасува аналитичност која во овој случај е неопходна за да се разебере суштината на случувањата во регионот, донесените мерки и кои ќе бидат нивните крајни ефекти. Во тестот е премолчен важен податок дека намалувањето на платите се однесува само на буџетските корисници во Србија и дека мерката е заради заштедите во буџетот во рамките на тамошната фискална консолидација. Србија од поплавите претрпе штета од скоро две милијарди долари, а еден дел ќе мора да се покрие и од буџетот.

Површно укажување на: „предизвиците кои се случуваат на економски план во регионот и светот и доведоа до намалување на платите и пензиите во повеќе држави“ поткрепено со вообичаен извор „според експертите“, треба да ја зацврсти верата на граѓаните во исправноста на актуелната политика и херметичката затвореност на државата во однос на околниот свет. „Здравите економски политики и долгорочна макроекономска стабилност ќе овозможат реализација на поголем економски раст…“.

Ова е провиден маркетингшки трик за остварување на политички профит и најлесен начин да се манипулира со оној кој не е информиран.

Фактичката слика во однос на платите во земјава и во соседството е сосема поинаква. Во споредба со регионот, во Македонија платите сѐ уште се на дното.  Во Србија, според официјалните податоци, просечна плата изнесува 392 евра. Во регионот највисоки плати имаат Хрватите 723 евра, потоа следат Црногорците со просечна плата од  475 евра,  Босанците со 423, Албанија со 380, а Македонија е сѐ уште на последно место со просечна плата од 342 евра. Најавеното зголемување на платите во Македонија се однесува само на државната администрација каде просечната плата е околу 30.000 денари, што заедно со покачувањето на пензиите дополнително ќе го оптерети буџетот. Тоа во текстот не требало да се премолчи.

Прилогот има политичка и комерцијална употреба за да се  обезбеди политички профит на актуелната власт преку селективно прикажување на податоците: „Додека во Србија и во другите земји значително се намалуваат платите и пензиите, во Македонија ќе се зголемуваат. Од октомври платите на јавната администрација ќе се зголемат, а од идната година предвидено е ново покачување на пензиите.“ Прикриен е битен податок дека  и со намалување на платите од 10% во Србија, тие ќе бидат повисоки од просечната плата во Македонија.

Не е испочитуван чел 1 од Кодексот на новинарите на Македонија:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција