Рецензија: Во Велес пронајдени јагленосани 150 мигранти

FireShot-Screen-Capture-066-jaglenosani-crop-resize

Основна функција на новинарството е да информира, точно, прецизно, навремено. Рецензираме информација која покажува како изгледа пропуштена шанса сопствената читателска публика да биде информирана точно, навремено, што е можно подетално и квалитетно.

Веста за 150 сириски емигранти, скриени во железнички вагон со јаглен, пронајдени од полицијата во Велес, беше една од вестите на денот. Медиумите побрзаа да испратат свои екипи и да ја покријат сторијата за измачените бегалци од сириската војна, кои на ваков начин тргнале на пат кон подобар живот некаде во Европа. Во текот на тој ден, а посебно наредниот, пристигнуваа дополнети верзии на првичните информации за настанот, во кои имаше искази на дел од емигрантите, став на Министерството за внатрешни работи, детали за тоа колку Сиријците ги чинел ваков илегален пат и така натаму.

Веста која е предмет на оваа рецензија, е објавена наредниот ден, поточно 15 часа по првообјавените вести за сиријските бегалци во вагоните со јаглен, кога веќе биле познати сите детали поврзани со настанот во Велес. Сепак, од непознати причини, оваа вест содржи штури, поточно, како што е наведено ПРВИЧНИ информации, нема извори, нема искази, нема ништо од она што другите медиуми веќе го објавија, но затоа има ужасно лош, морбиден и неточен наслов, како и погрешно напишан збор, кој во веста долга цели седум реда двапати се повторува – „сокрание“ наместо „сокриени“.

Насловот претставува неуспешен обид за сензација и наместо да информира, пласира чиста дезинформација камуфлирана во „штосест“ наслов. Но, работата ни најмалку не е за подбив – „јагленосани мигранти“ секогаш и секому ќе асоцира на изгорени, јагленосани тела на кутри луѓе, а не, како што авторот замислил – на луѓе исцрнети од тоа што морале да патуваат во товарен вагон полн со јаглен, како што беше случајот. Дури откако ќе се исчита веста, може да се осознае дека насловот е „шега“, и тоа несолена.

Plotna003Линк до оригиналниот напис: Во Велес пронајдени јагленосани 150 мигранти 

Датум и време на објавување: 1.09.2014, 05:30

Датум на рецензирање: 5.09.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Дека текстот се темели на вистинити факти може да се утврди дури откако ќе се исчитаат и останатите информации поврзани со пронаоѓањето на 150 сиријски емигранти во железнички вагон во Велес.  Самата вест не цитира ниту извори, ниту, пак, има информации од прва рака, кои би ја поткрепиле веродостојноста на објавеното.

Несеопфатноста на оваа информација е еден од нејзините сериозни недостатоци. Со оглед на времето на објавување, евидентно е дека на интернет веќе постоело вистинско богатство на детали околу пронаоѓањето, потеклото и судбината на бегалците од Сирија. Во овој случај, прикривањето на информации е направено така што не е вложен труд тие нови детали да се вметнат во ПРВИЧНАТА вест, која медиумот ја имал.

Она по што најмногу се издвојува оваа од останатите вести објавени на истава тема е – насловот. „Во Велес пронајдени јагленосани 150 имигранти“ навистина е конструкција од која ќе ви застане здив и ќе ве натера да ја прочитате веста со ваков наслов, но само додека да констатирате дека се работи за невистина, која е злоупотребена за да го привлече вашето внимание. Освен што е нечесно како постапка, ваквото дезинформирање не е во духот на професијата, која подразбира навремено и точно информирање и е сосема несериозно.

Фотографијата, ставена како илустрација на веста, е единственото што има вистинска вредност во оваа информација, бидејќи се работи за автентична фотографија од лице место. Но, ниту е тоа посебно наведено, ниту, пак, е наведен изворот на фотографијата и што таа претставува, а начинот како е пласирана (сосема мала, во горниот лев агол на страницата) и ја намалува вредноста.

Се чини дека веста не можеше полошо да излезе – мала, неугледна, задоцнета и депласирана поради тоа што многу подетални информации за пронајдените сириски бегалци во Велес веќе беа објавени во други медиуми, со наслов кој ги дезинформира читателите и со две грди грешки кои бодат очи, во поднасловот и во телото на веста.

Симптоматично е што оваа вест, сосе грешките во неа, таква каква што е, ја пренесуваат (без да цитираат извор, што е изгледа раширена практика) и некои други македонски медиуми. И во овој случај, како и многупати претходно, кога ќе се соочиме со вакви груби и непрофесионални пропусти на медиумите, се наметнува прашањето: ги чита ли некој воопшто вестите пред тие да бидат закачени на сајтовите или е поважно да се објави нешто, макар и искривоколчено и неточно, само за да се учествува во трката?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција