Рецензија: ВОЗНЕМИРУВАЧКО ФОТО: Водачот на ИД брутално убива христијанско бебе!
Овој напис, покрај тоа што има крајно вознемирувачки фотографии, кои по ниту еден основ не би смееле да се најдат во новинарски производ, е целосно невистинит. Згора на тоа, тој полн со предрасуди и стереотипи, а е објавен на портал првично наменет за информирање на Македонците во Австралија. Сето ова предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, зашто Македонците иселени од родната земја, сето тоа (пред сѐ, поради стереотипите) го поврзуваат со етничките односи во Македонија, што, пак, сосема ја извртува реалната слика.
(НАПОМЕНА ПРЕД ОТВОРАЊЕ НА ДОЛНИОТ ЛИНК: Крајно вознемирувачки фотографии)
Линк до оригиналниот напис: ВОЗНЕМИРУВАЧКО ФОТО: Водачот на ИД брутално убива христијанско бебе!
Датум и време на објавување: 20.09.2014
Датум на рецензирање: 03.10.2014
Рецензент: Владо Ѓорчев
СТАРИ ПРИКАЗНИ
Овој текст е целосно невистинит. Фотографиите кои се објавени се стари и по неколку години и воопшто не се од настанот кој е опишан во текстот. Односно овие фотографии не се направени сега, ниту во Ирак, ниту во Сирија, туку на друго место, во друго време и од други причини.
Тоа го потврдува и порталот snopes.com, кој се занимава со истражување на вистинитоста на текстовите, а овој текст е оценет како FALSE (неточен/невистинит):
Фотографиите прикажани погоре се стари неколку години и нема никаква врска со ISIS или убивање на бебиња. На фотографијата е духовен исцелител во Бангладеш со име Амзад Факир (Amzad Fakir) кој беше уапсен од локалните власти уште во 2010 година под обвинение дека лажно се претставувал како исцелител на луѓе опседнати со духови.
Подолу на фотографиите се гледа обезглавено девојче, но и тие фотографии се од пред две години (17.09.2012), а egyptianchronicles.blogspot.ca објавува дека:
Ова е сцена што можете да ја замислите само во хорор филмови, во садистички хорор филмови каде може да се видат трупови без глава на деца. Но,тоа не се случило во Сирија! Овие фотографии се од бомбардирање на хеликоптер во некое село.
Текстот нема извори, туку категорично се тврди дека фотографиите се од злосторствата на ИСИС во Сирија. Притоа, се заборава на новинарското правило дека секоја информација мора да биде проверена. Со само неколку кликови на интернет можело да се потврди дека оваа вест или фотографиите во неа се лажни, односно дека не се актуалени, туку дека се стари со години и од други настани. Тоа не е сторено и намерно се сакало да се предизвика паника и страв кај читателите. Насловот, иако е ставен со предупредување, е невистинит. Башка што оние читатели, кои следат што се случува во Сирија, знаат дека водачот на ИД воопшто не изгледа како овој човек на фотографијата. Овој текст не може да се класифицира како новинарски производ, со оглед на тоа што нуди збирштина од фотографии собрани низ интернет, кои се од различни настани и локации и потоа истите се само „фрлени“ заедно за да биде фабрикувана „приказна“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар