Рецензија: За која политичка опција во Македонија навиваат Грците ?
Не требаше многу време да помине од најавата дека со претседателските паралелно ќе имаме и вонредни парламентарни избори за да се појават вакви текстови. Метафорично, би рекле како „печурки по дожд“, со мало дополнување, ама отровни. Токму таква е содржината на овој напис кој не случајно е темпиран токму сега – пред третите вонредни избори во неполни шест години. Премногу случајности на едно место, нели? Па, уште кога ќе се види главниот „супстрат“ на понуденото! Што друго ако не „асот од ракавот“ – прашањето за името. Интересно, овој проблем, барем меѓу некои медиуми, добива уште толку на важност секогаш пред избори. И нормално, речиси без исклучок заклучокот на анализите, барем на некои медиуми е дека ако има промена на власта „името ни отиде“. Како поткрепа на таквите „длабоки“ констатции се нудат мислења на најчесто „универзални“ експерти, секако еднострани, па рејтинзи спроведени од „некакви институти“, кои секогаш велат дека „граѓаните си ја сакаат владата меѓу другото токму поради политиката за името“ и конечно елементи „што велат Грците“. Е, во овој конкретен пример го имаме последното – „што велат Грците“ и врз основа на тоа перфидно ни се сервира тезата дека соседите претпочитаат сегашната опозиција да дојде на власт во Македонија!!! Ептен несериозно.
Линк до оригиналниот напис: За која политичка опција во Македонија навиваат Грците ?
Датум и време на објавување: 03.03.2014, 10:31
Датум на рецензирање:04.03.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ПРОБЛЕМАТИЧНА ВИСТИНИТОСТ
Уф, колку е само проблематична вистинитоста на овој текст. Искористен е „влезот“ во првиот дел од написот во кој, преку пренесувања на дел од објавеното во грчките медиуми, се прави обид да се „замачка“ вториот сегмент кој, така срамежливо, ни ја сервира „тезата“ кој сѐ е подобен за грчката политичка елита. Значи, во грчките весници, како што нам ни се пренесени во текстов, нема најави кој би бил пожелен властодржец во Македонија, туку таа идеја и намера си ја пласира самиот автор!!! А врз база на што? Кој од власта и опозицијата бил поинтересен за грчките медиуми и чии активности повеќе се следеле!! Ај, ве молам, па од ова произлегува дека „рибата не смрди од главата, туку од мевот“. Самата конструкција е смешна, а не па кредибилна како аргумент. И, уште попроблематична е неактуелноста на дадените примери кои треба да бидат поткрепа на изнесените заклучоци.
„Со најголемо задоволство и интерес сепак се проследуваат ставовите на врвот на СДСМ, почнувајќи од Бранко Црвенковски и неговиот обид за хумор на сметка на македонската кралска династија овековечена во проектот Скопје 2014-та и изјавите на Зоран Заев дека треба да си ја свиткаме кичмата за името и дека за СДСМ е прифатливо име со географска одредница“.
Ова се изјави „бајати“ неколку години. Зошто прецизно не се наведени грчките медиуми кои од денешен аспект анализираат стари настани? И тука не се застанува.
„Нередите што СДСМ ги предизвикуваше во и надвор од Собранието пред една година јужниот сосед во континуитет ги користеше во обидот да ја убеди меѓународната заедница дека во Македонија има демокраски дефицит и дека земјата на заслужува членство во евро-атлантските структури“.
Работава, опозициските пратеници намерно се “подметнале“ под полициските службеници, пред сѐ, само за да ѝ се угоди на Грција и да се поддржат нејзините позиции!?! Ова што ли ќе е: хумор и сатира или трагедија, бидејќи вистина сигурно не е.
„КУСОГЛЕД НАМЕНСКИ СОНЧОГЛЕД ОД ТЕКСТ“
Во текстот има наведени извори на информации, но само во првиот, би рекле „бенигниот“ дел. Во вториот „малигниот“ сегмент има јасно отсуство на извори. Се зборува дека со „должно внимание“ се следеле изјавите и настапите на опозиционерите, па дури и со видно „задоволство и интерес“ ама не се кажува кој, кога, каде.
Искрено, веќе ми е преку глава од вакви „теории на заговор“ и „продажба на името“. Аман, на сите, барем на оние кои можат јасно да ги согледаат работите и рационално да протолкуваат, им е јасно дека ова клучно прашање, независно од тоа кој е на власт, не може да се реши без општ консензус. И доста со поделбите на предавници и патриоти. Па, и власта и опозицијата имаат иста позиција – дека треба да има референдум за прашањето за името и таа не е отсега, туку од 2011-тата. Така што, од аспект на содржајност, ако публиката сака да види што мислат Грците тогаш ќе прочита релевантен грчки медиум, а не „домашен кусоглед наменски сончоглед од текст“.
Прашањето за пристрасноста е јасно. Печурка, ама црвена со нијанса на портокалова, никако во друга боја. Како што е јасно и прашањето за коментирањето кое го има со забележливи пристрасни елементи.
„За која политичка опција во Македонија навиваат Грците е лесно да се утврди, барем според вниманието и задоволството со кое што грчките медиуми ги проследуваат изјавите на највидните членови на СДСМ и нивните коалициски партнери“.
Ама ваквите интегрирани коментари секако не го „разубавуваат“ ова комплот(че). За поубав „впечаток“ на текстов не би помогнал ниту пластичен зафат.
НАСЛОВ СО СИЛНА ДОЗА СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ
Веднаш, само штом го прочитав насловот знаев за што станува збор, кој е во право, кој е виновник… Значи има некаква „позитивна“ компонента штом успеал да ми ја пренесе поентата на текстот?! Шега настрана, станува збор за тенденциозен наслов, кој неопходната информативна нишка ја заменува со силна доза на сензационализам.
Фотографијата е можеби еден од најкоректните елементи во целиот „пакет“. Нема „омаловажувачка“ димензија како содржината на текстот, туку неутрална позиција. Има илустративна компонента.
Велат дека „За танго треба двајца“. Истото, според влијателни странски дипломати, важи и за прашањето за името. Значи, треба да се погодат партнерите, кои во Грција во изминатите години неколкупати се сменија, додека од македонска страна од 2006 година наваму „играта ја води“ еден ист човек.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар