Рецензија: За трето дете паричен надомест добиваат 290, а за четврто 24 дебарчанки

Преку несоодветна споредба на бројки се прави замена на тези, па се тврди дека токму законот ги предмислил жените од Дебар да раѓаат по повеќе од две деца. Дали е тоа вистината?

Рецензија: За трето дете паричен надомест добиваат 290, а за четврто 24 дебарчанки Линк до оригиналниот напис: За трето дете паричен надомест добиваат 290, а за четврто 24 дебарчанки

Датум и време на објавување: 04.06.2013, 13:47

Датум на рецензирање: 07.06.2013

Рецензент: Сунчица Стојановска Зоксимовска

Вистинитост: Факти има, но проблем е како се тие обработени и пласирани. Податокот дека во општините Дебар и Центар Жупа има 290 корисници на паричен надомест за трето дете и 24 корисници на надомест за четврто дете, веројатно е точен, оти е земен од официјална институција. Но, овие бројки не можат да споредат со бројот на новороденчиња (лани за пет повеќе во споредба со претходната година, а од јануари досега за десет повеќе во споредба со истиот период од минатата година) и така да се извлече заклучокот. Причина – станува збор за две различни работи.

Никаде нема податок колку од новороденчињата всушност се трето или четврто дете – можеби се прво дете во семејството? Така што, без соодветна споредба, наводите може и да не се точни.

Проблематично е и тврдењето дека законот ги мотивирал жените да раѓаат по повеќе од две деца, бидејќи се темели на субјективен впечаток – на вработени во Центарот за социјални работи или впечаток на авторот, не е докрај јасно. Без поткрепа преку факти, може ли да сметаме дека станува збор за личен избор, а не за позитивен ефект од законот?

Веродостојноста на наводите може да се потврди преку бројки, но за тоа колку од децата што се родиле во овие општини од кога законот е на сила се трето или четврто дете во семејство, и да се спореди колкав бил нивниот број пред да се донесе овој закон.

Извори на информации: Сите извори се неофицијални – ниту еден од нив не е именуван, иако нивното именување не би требало да е некаков проблем, бидејќи кажуваат официјални бројки.

Во текстот недостасуваат токму оние на кои се однесува веста – жените со по три или четири деца. Тие најдобро би ја потврдиле или пак, демантирале информацијата дека токму законот ги мотивирал да формираат многудетно семејство.

Содржајност: Веста не е сеопфатна, бидејќи недостасува втората страна од приказната. Не е веројатно дека во прашање е обид да се прикријат информации. Можеби повеќе во прашање е новинарската инертност да се праша и другата страна и убедувањето дека веста и вака може да помине, бидејќи има повеќе од еден извор. И покрај тоа што сите употребени извори се еднострани.

Пристрасност: Вистината е делумно прикажана. Спинот е во обидот да се убеди јавноста дека жените од дебарско раѓаат по повеќе деца токму и единствено поради законот познат во јавноста како закон за трето дете. Притоа, не е даден бројот на родените деца (трети и четврти во семејствата) по години, ниту пак се понудени други цврсти факти, како на пример, релевантна анкета спроведена меѓу овие жени или споредба на состојбата пред и по законот, преку податоците од општинскиот Центар за социјална работа.

Плагијат: Веста ја објави агенцијата МИА. По неа, интегрално и без никаква доработка, беше пренесена на електронските изданија на телевизиите Сител и Канал 5.

Квалитет на насловот: Насловот дава гола информација преку бројки, така што сам по себе, ништо не кажува. Ниту е креативен, ниту е доволно јасен.

Заклучок: Веста е пример за тоа како не треба да се обработуваат бројките и да се ставаат во контекст на одредени политики. Иако информацијата не припаѓа во рубриката економија, тоа не значи дека бројките, особено земени во поширок општествен контекст, треба да се земаат и да се пласираат здраво за готово.

Не е испочитувано основното правило – да се слушне и другата страна во приказната, што е сериозен етички пропуст. И под претпоставка дека фактите се точни, спинот што се провлекува низ информацијата остава простор за сомнеж во нејзината веродостојност.

Рецензија: За трето дете паричен надомест добиваат 290, а за четврто 24 дебарчанки

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција