Рецензија: Задоволство во Грција од непристојниот предлог на Ивон Величковски

Zadovolstvo vo Grcija od nepristojniot predlog-crop-resize

Станува збор за текст што е жанровски хибрид од вест и коментар. Со коментарот се започнува во насловот и главата на веста, а продолжува после неколку пасуси од веста. Коментарот е интегриран во веста и содржи дискредитирачки оценки за личности само врз база на слободна проценка на неименуваниот автор на веста:

По Црвенковски, Шеќеринска, Заев, Фрчковски, Жерновски итн,  Ивон Величковски е последниот во низата македонски опозиционери кој што отворено застана во одбрана на грчките интереси.

Текстот има и други фалинки од аспект на професионалните стандарди, па токму тој микс од жанрови и професионални и етички пропусти го прави интересен за рецензија.

Zadovolstvo vo Grcija od nepristojniot predlog-finalЛинк до оригиналниот напис: Задоволство во Грција од непристојниот предлог на Ивон Величковски

Датум и време на објавување: 05.11.2013, 08:30

Датум на рецензирање: 06.11.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Дел од текстот се темели на факти. Тоа е веста од дописникот од Грција, дека во тамошните медиуми е пренесен предлогот на споменатиот лидер на партија и пратеник во Собранието на РМ. Речиси сите други наводи во текстот се субјективна оценка и коментар.

Извори на информации: Во текстот се евидентираат изворите – дописник на медиумот од Грција и грчки медиуми. Но, бидејќи е хибриден по жанр, во вториот дел од текстот – наводите не се потпираат врз извори, туку се чини дека станува збор за лични, произволни оценки.

Содржајност: Делот од текстот што е вест го задоволува најминималното ниво на сеопфатност. Другиот дел од текстот, кој процентуално е поголем, е произволно и селективно коментирање и расфрлање со тези кои не се анализирани преку спротивставување на контра-тези, без користени други мислења, а покрај тоа се крајно дискредитирачки.

Пристрасност: Во текстот се забележува наклонетост од политичка природа – ставовите на неименуваниот автор во целост кореспондираат со ставовите на актуелната власт во државата без никаков истражувачки или критички напор аргументирано да се поткрепат тие ставови.

Коментирање: Коментарите во текстот се постојани. Од насловот до последниот ред, тие се прекинати само кога е пласирана веста во текстот.

Оригиналност/Плагијат: Немаме сомневање дека написот е плагијат или копија. Со кратко пребарување по интернет може да се дојде до заклучок дека тој е изворно дело, кое подоцна во текот на денот послужи како плагијат или копирана верзија на вест објавена и на некои други портали. Патем, продолжува праксата на агенцијата да ги потпишува своите текстови во името на целата редакција, иако старо агенциско правило е во секоја вест да биде напишан авторот, или во најмала рака, иницијали на авторот и на редакторот.

Квалитет на насловот: Насловот е несоодветен за веста, затоа што читателите од самата вест во текстот не можат да стекнат впечаток дали владее „задоволство“ во Грција. Авторот со ниту еден линк или пример не го поткрепил тврдењето во насловот, кој поради тоа го сметаме за несоодветен и тенденциозен.

Говор на омраза: Во неколку реченици се прави дискредитација и се навредуваат личности, но преку нив можеме да сметаме дека се дискриминираат и цели групи (гласачите што гласале за овие личности – актуелни и поранешни претставници на политички партии). Оваа дискриминација е по две линии – национално – државна ( посочените преку конструкциите во речениците се претставени како „помали“ Македонци и патриоти) и политичка (сите споменати личности се актуелни опозиционери, а еден од нив и неактивен политичар).

Заклучок: Текстот што го рецензиравме има повеќе повреди на професионалните и етичките стандарди во новинарството и според учебниците и според еснафските норми и во Македонија и во развиениот свет.

Профeсионалната некоретност е во повеќе точки, но основната и најголемата се состои во тоа што е направен хибрид од вест и коментар. Грешката би била малку помала доколку коментарот би бил јасно издвоен и посочен во текстот, но тоа не само што не е сторено, туку наизменично се коментира и се известува.

Веста во текстот е најкоректниот дел, но дури и таа не е пласирана според правила. Насловот не е поткрепен во веста, туку повеќе е врзан со коментарот, а и самата глава на веста е повеќе слободна и коментаторска проценка, непоткрепена со аргументи во текстот:

 Ивон Величковски е новиот миленик на грчката публика, откако од говорницата на македонското Собрание имплицираше дека Македонија ја крши Времената спогодба поради наводно користење на сонцето од Кутлеш или според Величковски, од Вергина.

Во коментаторските делови од текстот има неточни наводи, како што се следниве, за кои сметаме дека нема потреба посебно да ја објаснуваме нивната невистинитост:

Од  друга страна, контроверзната Времена спогодба со која што знамето со сонцето од Кутлеш беше предадено на Грците, беше потпишана токму благодарение на денешните опозиционери, а тогаш власт во Македонија.

или

И додека во Грција, особено по доаѓањето на власт на премиерот Самарас, се одвива жестока пропаганда за докажување на наводната грчкост на Македонија , почнувајќи од обновувањето на министерството за Македонија и Тракија, а завршувајќи со масовни домашни и меѓународни кампањи со книги, мапи, филмови, изложби итн, се чини дека и во Македонија се одвива паралелен процес на анти-македонска пропаганда.

Конечно, веста има и етички неприфатливи коментари со неточни оценки кои можат да се оценат како навредливи и дискредитирачки за личностите, но преку нив, дискредитирачки и за граѓаните што ги избрале и кои ги претставуваат:

По Црвенковски, Шеќеринска, Заев, Фрчковски, Жерновски итн,  Ивон Величковски е последниот во низата македонски опозиционери кој што отворено застана во одбрана на грчките интереси.

Во тој неетички дел спаѓа и последниот пасус, кој патем не е поткрепен со извор и линк, иако тоа би било поучно за читателите, и со кој се прави отворена алузија на споменатите и неспоменати личности погоре во текстот:

Да потсетиме дека во времето кога Самарас беше шеф на грчката дипломатија, со 120 милиони евра поткупуваше грчки новинари и медиуми да шират анти-македонска пропаганда и да ја промовираат наводната грчкост на Македонија, а дел од парите биле исплатени и на македонски новинари и политичари за да го прават истото во Македонија.

Овие и други неспоменати аргументи, упатуваат на заклучок дека станува збор за текст кој што не е примерен за во медиум генерално, а понајмалку за агенциска вест.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција