Рецензија: Заеднички договорено да се остави повеќе простор за подготовка на средбата Јункер – Груевски
„Основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.
Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни
Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите“
Токму овие, главни принципи, утврдени во Преамбулата на новинарскиот Кодекс и на кои треба да се темели новинарската професија, целосно затаиле во веста што ја рецензираме. Овој материјал има за цел да ја скрие „шлаканицата“ од Брисел. Па тргнувајќи од таа идеја , наместо да ја пренесе информацијата дека „претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер ја откажал средбата со премиерот Никола Груевски, закажана за в четврок (26.02.2015)“, на јавноста ѝ соопштува дека средбата била одложена по „заедничка проценка на двете страни“! Со ваквата, само навидум мала „козметичка“ интервенција се прави суштинска повреда на вистината и се изместува тежиштето на пораката од Брисел.
Линк до оригиналниот напис: Заеднички договорено да се остави повеќе простор за подготовка на средбата Јункер – Груевски
Датум и време на објавување: 23.02.2015, 17:11
Датум на рецензирање: 24.02.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ИЗВИТОПЕРЕНА ВЕСТ
Станува збор за целосно преземен материјал (заедно со насловот), од државната информативна агенција и објавен без никаква новинарска доработка, а кој на гледачите им подметнува невистинита информација.
Оваа вест се темели исклучиво на изјавата на владиниот портпарол, според кого средбата Груевски – Јункер ( која беше најавена минатиот петок (20.02.2015) од портпаролот на ЕК на редовна прес-конференција, а беше ставена и на дневниот распоред за 26 февруари), е откажана по заеднички договор.
Но, тоа е само едната страна на приказната.
Во текстот воопшто не се споменува дека портпаролот на Европската Комисија, Мина Андреева, на прес – конференција во Брисел информираше дека претседателот на Европската комисија, кој доаѓа од сестринските народни партии ја откажал оваа прва средба со македонскиот премиер.
Според Андреева :
„во моментов не е соодветно да има средба поради развојот на ситуацијата во Македонија“.
Не е за верување дека не се знаело за „изнензадувањето“ од Брисел кое стаса претходно во текот на денот. Како што не е тешко да се претпостави зошто во написот го има само објаснувањето од Владата. И, зошто уште во насловот се прави спинерска конструкција со која веста се става на браникот на одбрана на власта – премиерот.
Несомнено, мотивите за извитоперувањето на правата информација не се новинарски, туку политички. Од друга страна, ваквиот непрофесионален пристап во пласирањето на веста, делува дури смешно, па наиде и на потсмев на социјалните мрежи. Бидејќи, и покрај обидите за креирање виртуелна реалност, „ студениот туш“ од Брисел не можеше да се затаи. Лошата вест, сепак, стаса до македонската јавност.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар