Рецензија: Заев ги стискаше палците за Бразил, а Груевски за Германија
Алузија за нечија непогрешливост направена преку апсолутно несоодветна компарација на глобален спортски настан со домашни политички случувања. Затоа, наместо симпатичeн телевизски прилог, коj би ја развеселил публиката во екот на кулминацијата на мундијалот, со тоа што некако би ги „очовечил“ врвните македонски носители на политички одлуки како луѓе кои понекогаш знаат да ја баталат политичката за сметка на фудбалската топка, се добило некаков си спортско-партиски хибрид во кој јасно се величи еден за сметка на друг политичар. Секако, не изненадува што глорифицирањето оди на сметка на главниот во владејачката постава. Би можело да се каже дека имаме пример на производ со изгубен новинарски компас.
Линк до оригиналниот напис: Заев ги стискаше палците за Бразил, а Груевски за Германија
Датум и време на објавување: 09.07.2014, 18:10
Датум на рецензирање: 14.07.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ДЕНОТ ПО УТРОТО СЕ ПОЗНАВА
Ниту е политички, а уште помалку спортски извештај. Тоа што го имаме в раце е невешт обид на јавноста да ѝ се пренесе дека тие, или поточно ТОЈ што управува со земјава не само што е убедлив победник на политичкото поле, туку е ептен, ептен поарен од директниот конкурент и во, со речник од обложувалниците кажано, „типувањето“ кој ќе го земе пехарот на Светското првенство во фудбал во Бразил. Не спориме дека човекот подобро проценил кој би можел да биде новиот шампион, туку начинот на кој тоа ни е пренесено во текстов.
„Груевски со историски триумф над Заев. Лидерот на опозицијата елиминиран. На стартот на мунидјалот Алфа ги праша политичарите за која репрезентација навиваат и типуваат. Според нивните одговори синоќешното мундијалско полуфинале слободно може да се нарече и лидерско.
Првиот човек на опозицијата ги стискаше палците за Бразил, а претседателот на македонската влада за Германија“.
Јасно е дека со ваквото отворање написот од старт ги губи сите шанси да биде доживеан како „лесно, летно“ материјалче пригодно за горештините и полабавата атмосфера во која доминира Мундијалот. Неизбежен е впечатокот на политичка некоректност и пристрасност, која, како по лошо јадење, остава блуткав вкус во устата. По овие први два пасуси излишно е да се чита натамошната содржина, која донекаде е коректна, бидејќи нели, како што рекол народот, денот по утрото се познава. Имало неброени начини како да се каже дека едниот политичар погодил, а другиот утнал, а тоа да биде новинарски прифатливо, интересно, но и воедно недодворувачки. Но, тоа се работи кои теоретски се учат во училиште и на факултет, а дополнително практично се брусат со години пишувачка работа во вистинска новинарска редакција. Колку и да изгледаат едноставни ваквите „лесни“ текстови, сепак, бараат сериозна ангажираност, стил на пишување, давање „шмек“ на производот и, просто кажано, чувство за „китење“ на написот. Овде тоа го немаме. Поточно, имаме целосно отсуство на претходно споменатите карактеристики.
НЕОБЈЕКТИВЕН ПРИКАЗ НА РЕАЛНА СИТУАЦИЈА
Наместо тоа, имаме необјективно изнафален приказ на објективно реална ситуација во кој доминираат „добрите спортско-прогнозерски“ особини на власта наспроти првиот човек на опозицијата. Работава е, демек нивната/неговата проценка не само што е најдобра за земјава, туку и ги надминува нејзините граници. Непотребното и изнасилено фалбаџиство, кое го има во написот, не го намалува фактот дека станува збор за оригинал во кој, сепак, бил вложен некаков труд. Дополнително може да се забележи дека материјалот нема доволно „телевизичност“ во себе, а е телевизиски извештај, и премногу е статичен, без елементи на некакво „видео-разигрување“, кое треба да биде составен дел од вакви производи, како на пример, еден стенд ап кој би можел да претставува некаков мост меѓу првиот и вториот дел од текстот. Вака, се добива впечаток на „накалемен“ спортски сегмент на во основа политичка приказна или хибрид без добар почеток и со не особено квалитетен крај.
Сѐ на сѐ, може да се сумира дека се имало една новинарска идеја, во суштина замисла во ред, која не добила соодветна реализација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар