Рецензија: Заев ја објави бомбата

 

Firefox_Screenshot_2015-02-10T22-39-38067Z-crop-resize-002

 

Селективност, пристрасност, непрофесионалност, неизбалансираност и, згора на сè, коментаторски елементи подметнати во еден извештај. Пример, секако во негативна смисла, за тоа како не треба да се „покрие“ клучен политички настан.

Firefox_Screenshot_2015-02-10T22-39-38.067ZЛинк до оригиналниот напис: Заев ја објави бомбата 

Датум и време на објавување: 09.02.2015, 18:55

Датум на рецензирање: 10.02.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

СЕЛЕКТИВНОСТ ВО НАЈДОБРО (НАЈЛОШО) СВЕТЛО

Кога еден извештај, во случајов телевизиски, ќе почне со квалификација во коментаторски стил, безмалку е јасно што понатаму може да се очекува во текстот. Медиумската сцена и бранот непрофесионализам што ја заплисна, за жал, на читателите многу им олесна во процените кои телевизии, весници, интернет-портали што и како ќе објават за активностите на опозицијата. Таков е и овој случај. Познавајќи го курсот, кој пред две години е цврсто зададен, на телевизиската куќа во чии вести беше објавен овој производ, верувам дека и на дел од публиката не ѝ беше тешко да ги прилагоди своите очекувања како ќе биде „покриена“ прес-конференцијата на лидерот на опозицијата на која тој обелодени, како што самиот изјави, скандал со државно прислушување на повеќе од 20.000 граѓани на Македонија. Очекувањата од конкретниот медиум, барем моите, не само што се исполнија, туку беа и „надградени“, а и „проширени“. Речиси едночасовниот настап на претседателот на најголемата опозициска партија, поддржан од останатите политички сојузници, на кој тој изнесе страшни обвинувања за прислушувачки монструм кој не штедел никого, со исклучок на премиерот и неговиот братучед – шеф на УБК, е „фино спакуван“ во една минута и осум секунди, за дополнување и во бројки (01:08), со изземање, верувам намерно, на суштинските елементи. Така, во овој материјал не слушнавме дека бројката на следени, според опозицијата, е во илјадници, дека биле прислушувани безмалку сите видни лица во државава – од политичари преку новинари до бизнисмени, дека се слушале и министрите во владата, дека тоа траело со години. Исто така, во материјалче-во нема ниту збор за интересните разговори, на пример, меѓу првата полицајка и првиот финансиер во државава, а кои беа достапни за сите присутни на прес-конференцјата, и кои дел од медиумите и ги објавија. Селективност во најдобро (најлошо) светло!!!

Слободата на медиумите е неприкосновено право.

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите – Кодекс на новинарите на Република Македонија.

Доволно кажано.

 

20.000 ПРИСЛУШУВАНИ НЕ Е БОМБА-ВЕСТ?!

Не треба да се прескокнат и коментаторските квалификации кои се како „на шашма“ фрлени без притоа соодветно да бидат поткрепени:

„Половина година му требаше на Заев да ја објави бомбата. И кога конечно ја објави, тежината ни приближно не беше таква каква што се очекуваше и каква што се најавуваше.“

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинарите.

Не знам што поголема информација од тоа дека државната безбедност, според документите на опозицијата, незаконски прислушувала 20.000 луѓе, меѓу кои и целиот државно-владин врв. Ако ова не е бомба-вест, тогаш не знам што е!!!

Од содржински аспект, нејасна е реченицата: „Долгоочекуваната бомба наликуваше како онаа на неговиот претходник Бранко Црвенковски“. Ако веќе се прави некаква компарација, појаснување, секако, би било потребно.

Пристрасноста која е неминовен, не нус-производ, туку примарна материја, на вака компонираниот напис во силни дози се насетува и во т.н. бекраунд (background – подлога) на приказната, кој ги сочинува преостанатите 34 секунди од вкупниот материјал. Во овој сегмент, никаде не се споменуваат клучни аспекти, како, на пример, дека во соопштението на МВР не се вели дека лидерот на опозицијата ги добил инкриминирачките материјали од странски служби или, пак, „малиот“ факт дека некој, најверојатно домашните служби, го снимале разговорот во премиерскиот кабинет меѓу двајцата политичари. Значи, повторно селективност.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција