Рецензија: Заев на инструкции кај Црвенковски

Zaev-na-instrukcii-kaj-Crvenkovski-crop-resize

Заев на инструкции кај Црвенковски“ е тенденциозен  и пристрасен текст кој има  сериозни проблеми со релевантноста. Овој шпекулативен редакциски материјал  не посочува извори, нема факти и аргументација, туку врз основа на непотврдени информации наменски ја турка тезата дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев нема капацитет и дека конците во партијата и натаму ги влече екс-лидерот, Бранко Црвенковски.

„Зоран Заев очигледно не може сам да ја води партијата на која е лидер, па побарал помош од екс-претседателот Црвенковски“

FireShot Screen Capture #187 - 'Заев на инструкции кај Црвенковски' - kurir_mk_makedonija_vesti_146417-Zaev-na-instrukcii-kaj-CrvenkovskiЛинк до оригиналниот напис: Заев на инструкции кај Црвенковски

Датум и време на објавување: 31.01.2014, 13:13

Датум на рецензирање: 1.02.2014

Рецензент:  Оливера Војновска

Вистинитост: Целиот напис виси. Тој не се потпира на факти и нема релевантни показатели за да го поткрепи тврдењето за „фингиран конфликт во СДСМ“ :

„ Црвенковски го пофалил Заев за тоа како успешно го изиграа моментот со Наташа Савова, вештачки креирајќи несогласувања на Бихаќка. Целта на оваа “кавга“ всушност била да се создаде слика пред јавноста дека на Бихаќка нешто се менува.“

Ниту, пак, нуди докази за наводите:

„Црвенковски, практично, на Заев му порачал да продолжи да ја лаже јавноста, со цел да добие глас повеќе.“

„Бранко го советувал Заев да почне повторно да пласира лажни ветувања и преку популистички мерки да ветува чуда. На крај нашле заеднички јазик, па се договориле да комбинираат методи“

„По средбата, Црвенковски јасно им дал до знаење на сите дека лично стои зад Заев и дека тој е негов пулен, во кој има максимална доверба.“

Извори на информации: Текстот нема прецизни и кредибилни извори на информации туку користи формулации „како што дознаваме“ и „наши партиски извори“.

Содржајност:  Написот  е едностран, а оградата на крајот од текстот дека „имало неуспешен обид да се стапи во контакт со Заев“, не го менува впечатокот дека овој материјал е креиран врз однапред зададени тези.

Пристрасност: Интонацијата и начинот на кој е срочено ова четиво укажуваат дека му фали политичка дистанца.

 Коментирање: Целиот напис е испреплетен со коментаторски елементи, како на пример:.

„… Заев очигледно не може сам да ја води Партијата….“

„… успешно го изиграа моментот со Наташа Савова, вештачки креирајќи несогласувања на Бихаќка.“

 „Целта на оваа “кавга“ всушност била да се создаде слика пред јавноста дека на Бихаќка нешто се менува“

 „…во СДСМ ништо не е сменето и нема да се промени“

Оригиналност/Плагијат: Материјалот што го рецензираме е без авторски потпис, па веројатно е редакциски. Сепак, неговата оригиналност е дискутабилна со оглед на фактот дека истиот ден вакви написи објавија повеќе медиуми, при што некои се повикаа на овој напис, а некои ја користеа истата формулација: „партиски извори“.

Квалитет на насловот: Насловот со својата тенденциозност наведува на заклучок дека Заев ги спроведува политиките и наредбите на Црвенковски. Во комбинација со поднасловот сугерира дека тој нема лидерски способности:

„Зоран Заев очигледно не може сам да ја води партијата на која е лидер, па побарал помош од екс-претседателот Црвенковски“

 Фотографија: Текстот е илустриран со стара фотографија на која во преден план е Црвенковски, а во заднината се Заев и Андреј Петров. Таа  треба да го долови впечатокот дека  Заев е во сенка на Црвенковски.

Говор на омраза: Написот нема говор на омраза, но има навредлив тон:

„Црвенковски, практично, на Заев му порачал да продолжи да ја лаже јавноста, со цел да добие глас повеќе.

„Бранко го советувал Заев да почне повторно да пласира лажни ветувања… “

„… Црвенковски јасно им дал до знаење на сите дека лично стои зад Заев и дека тој е негов пулен….“

Заклучок: На читателската публика и е понуден фабрикуван производ во кој се прекршени повеќе одредби од Кодексот на новинари и од Прирачникот за етика во новинарството. Почнувајќи од насловот, поднасловот, главата на веста, па се до завршниот дел  јасно се препознава намерата да се оцрни личноста на Заев. Објавувањето, пак, на речиси идентичен материјал истовремено во повеќе електронски и печатени медиуми, како и  други текстови на слична тема во истите медиуми еден ден претходно, говори за своевиден синхронизиран атак во функција на политичка дискредитација на лидерот на најголемата опозициска партија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција