Рецензија: Заев загубен во просторот и во времето

211-00998877660098-crop-resize

Тоа што е напишано во овој текст е премногу за кој било „читателски стомак“. Некои формулации, особено во првиот дел од написот, не се „варат“ ниту со силни лекови за подобра дигестија. Донекаде би било разбирливо, имајќи ја предвид политичката култура во земјава, таквите реченични конструкции да си најдат место во настап на некој политичар, но тоа да го стори еден медиум апсолутно  е неразбирливо. Изнесеното не само што е во спротивност со професионалните стандарди, туку е надвор и од критериумите за каков било вкус.

2Линк до оригиналниот напис: Заев загубен во просторот и во времето

Датум и време на објавување:  27.04.2014 19:43

Датум на рецензирање:  27.04.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ОВА НЕ Е НОВИНАРСТВО 

Имаме исклучително проблематичен материјал по неколку основи. Прво, се појави во куса, но многу отровна варијанта која во ниту еден случај не можеше да се оквалификува како легитимен новинарски производ. Еве зошто:

„Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по денешните избори е загубен во просторот и во времето. Во своето тонење сака да ја влече и Македонија надолу. Не ги признава изборите и бара техничка влада. Ова е уникатен пример на барање избори на денот на изборите! Не само што го допре дното, туку отиде и далеку под него. Ова не е само политичко слепило туку и општо слепило“.

Кој го вели ова? Ако тоа бил политичкиот опонент тогаш зошто тоа не е наведено, ако е тоа став на редакцијата тогаш зошто и тоа не е прецизирано? Вака се добива впечаток на крајно невкусен памфлет преполн со омаловажувања и навреди. Тоа не е новинарство.

Набрзо потоа текстот беше „надграден и проширен“ со позициите на двајца „дежурни“ аналитичари, кои, за чудо, во тој ист момент гостуваа на една национална телевизија. Значи, нивните ставови беа пренесени во написот со што донекаде, од аспект на извори на информации, се омекнаа формулациите од почетокот на написот. Со други зборови се нашло некакво „алиби“ за претходните остри квалификации бидејќи тие делумно им се припишани на овие „познавачи“. Но, присуството на двајца „експерти за сѐ“, кои секако не ги штедат критиките, ама и навредите за потегот на опозицијата во никој случај не ја намалува пристрасноста, бидејќи нивните анализи се крајно еднострани – во десно.

Оттука, јасно е дека таква е и целата содржина на понуденото. Многу партиски обоен материјал кој не ги опфаќа во главните аспекти на новонастанатата ситуација по одлуката на опозицијата да не ги признае изборните резултати.

 

ПОВРШЕН „НАВРАТ-НАНОС“ ТЕКСТ ЗА СЕРИОЗНА ТЕМА

На публиката многу не ѝ се помага да ја разбере комплексноста на состојбата со коментари од типот:

„Навистина ова е глупаво што го прави, а барањава отстапуваат од кое било разумно однесување и практикување на политиката. Бомбаш-самоубиец. Треба некој да каже дека опозицијата е заложник на непресметлив човек“.

Ништо покус не е ниту насловот „Заев изгубен во просторот и во времето“. Има отсуство на информативна компонента, која се обидува да ја покрие со сериозна доза на цинизам.

Да, медиумите врз основа на солидни аргументи и квалитетни и издржани анализи можат и треба да оценуваат дали некој политички потег е добар или лош, но во „наврат-нанос“ правен и прикрпен текст за една исклучително значајна материја да се кажува дека станува збор за „политичко и општо слепило и глупост “ е се само не одговорно новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција