Рецензија: Загинатите момчиња од Штип биле на свадба кај пратеничката Маринела Тушева

Една мала непрецизност и желба за сензација може да придонесе за погрешно поврзување на настаните и до неоправдана перцепција за вина на лицата спомнати во приказната.

Рецензија: Загинатите момчиња од Штип биле на свадба кај пратеничката Маринела ТушеваЛинк до оригиналниот напис: Загинатите момчиња од Штип биле на свадба кај пратеничката Маринела Тушева

Датум и време на објавување: 01.04.2013, 12:11

Датум на рецензирање: 01.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Главниот факт што го соопштува веста – дека трагично загинатите три момчиња од Штип, пред трагедијата „ден претходно“ биле на свадба кај пратеничката Маринела Тушева – не е доволно прецизен. Партијата на Тушева за Плусинфо соопштила дека свадбата била во саботата и дека момчињата не се враќале за Штип директно од свадбата.

Првичната вест на МКД за настанот е објавена во понеделникот на 1 април во 09:21 часот, и во неа како време на трагедијата се спомнува одредницата „доцна синоќа“. Значи, настанот се случил во неделата вечерта (така и според другите медиуми).

Извори на информации: Текстот на МКД се повикува на еден неофицијален извор – роднини на загинатите. Со оглед на сериозноста со која овој портал ги третира темите, претпоставуваме дека станува збор за одговорна атрибуција и нема сомневање дека овој извор, во овој несреќен случај, е актуелен и релевантен. Сепак, доколку бил консултиран и другиот извор, спомнатата пратеничка Тушева, веројатно написот ќе бил попрецизен, а тоа е суштински важно за оваа вест.

Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи не го објаснува импактот на клучната информација:

  • Зошто е важно за трагичниот настан тоа што момчињата ден претходно биле на свадба?
  • И што се случило со нив на таа свадба, за тоа битно да влијаело врз трагедијата?
  • И секако, зошто е важно чија била свадбата?

Пристрасност: Во текстот бездруго нема намерно извртување на вистината. Сепак, во перцепцијата на читателот, настанот свадба се толкува како можност трите момчиња да биле натпросечно егзалтирани (што е вообичаено и нормално за такви прилики) и тоа евентуално да влијаело врз несреќата.

Затоа, било многу важно да се утврди дека меѓу двата настана има значајна временска разлика и дали има каква било каузална врска. Ако немало, тогаш немало ни потреба да се инсистира на приказната за нивното присуство на свадба.

Плагијат: Авторот не е наведен, што е вообичаено за кратките вести на порталите.

Квалитет на насловот: Освен што е недоволно прецизен и ја нема битната временска одредница „претходниот ден“ (која се содржи во текстот), насловот инсистира на „сензационалната“ информација дека свадбата била кај пратеничката Маринела Тушева.

Заклучок: Клучниот проблем на оваа вест е од етичка природа. Според етичките норми, новинарот не би требало да соопштува детали за настаните кои не се битни за приказната. Известувачот на МКД со право помислил дека свадбата, како специфичен настан, можеби имала некаква врска со трагедијата. Но,тој со ништо не ја потврдил таа врска и не го оправдал сомнежот кој „виси“ во написот.

Освен тоа, сосема е неважно на чија свадба биле момчињата. Веројатно фактот дека станувало збор за свадба кај пратеничка е оценет како информација што побудува интерес и емоции кај читателите. Сепак, во перцепцијата на читателот, во тажни моменти за најблиските на жртвите на оваа трагедија и за пошироката јавност, една ваква информација може да создаде непријатна перцепција за вина на пратеничката Тушева, што е непотребна некоректност.

Загинатите момчиња од Штип биле на свадба кај пратеничката Маринела Тушева

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција