Рецензија: Запрени сите шпекулации за Скопје 2014, Владата со детален отчет

Кога со една прес-конференција, одненадеж, по принципот deux ex machina, исчезнуваат сите „шпекулации“ за проектот „Скопје 2014“.

Рецензија: Запрени сите шпекулации за Скопје 2014, Владата со детален отчетЛинк до оригиналниот напис: Запрени сите шпекулации за Скопје 2014, Владата со детален отчет

Датум и време на објавување: 22.04.2013, 15:40

Датум на рецензирање: 23.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Извештајот на порталот Курир од прес-конференцијата на министерката Елизабета Канчевска – Милевска и на поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, презентира неколку клучни наводи искажани на овој настан, кои со оглед на официјалноста на изворите, ги сметаме за веродостојни факти.

Поради очигледната намера на изворите да ја спинуваат вистината за проектот „Скопје 2014“, веродостојноста на кажаното може да се доведе под сомневање, но тоа не може да се смета за вина на авторот.

Извори на информации: Министерката за култура и градоначалникот Тодоровиќ несомнено се релевантни и актуелни извори за оваа тема. Сепак, поради нивната очигледна едностраност, било пожелно авторот да побара и мислење – став на страната која го критикува овој проект.

Некои медиуми, овој извештај го надополнија со изјава на новиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, кој го коментира отчетот. На тој начин, во тие извештаи се постигна нужниот баланс.

Содржајност: Повеќе други медиуми, освен фактите што ги презентира Курир, главно за тоа колку чини проектот во целина и слично, објавуваат мноштво други интересни факти, кои се однесуваат на хонорарите на авторите и на други трошоци за овој проект. Еве неколку примери за такви извештаи: Дневник, Алфа, Плусинфо итн.

Впечаток е дека Курир, можеби ненамерно, ги прикрива овие факти, кои ја засилуваат контроверзноста на проектот.

Пристрасност: Во написот детектираме една клучна лажна информација, за која не е виновен авторот, туку изворот, ако изјавата, се разбира, е точно пренесена. Имено, во текстот се тврди:

„Одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата во однос на стилските решенија, Канческа Милевска рече дека и не може да се говори за стилови, затоа што, како што нагласи, во минатото воопшто и не се градело.“

Тврдењето на министерката е ноторна невистина.

Централниот спин на текстот е тврдењето е дека со овој отчет се запрени сите шпекулации на опозицијата дека проектот чинел 500 милиони евра. За да се засили спинот, ваквите обвинувања на опозицијата се атрибуирани само на две „омразени“ личности – Мирослав Грчев и лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски. И секако, кон ова се додава и коментарот дека „СДСМ нема ниедна градба зад себе“.

Презентирајќи вакви наводи и спинови од еднострани и директно засегнати извори, авторот покажува очигледна политичка наклонетост кон власта.

Коментирање: Тешко е да се определи кои делови од написот се коментари на авторот (насловот дефинитивно е клучниот коментар), бидејќи споредбената анализа со другите извештаи покажува дека коментарите кореспондираат и со исказите на изворите, иако изразувањето е различно.

Квалитет на насловот: Клучната порака од насловот („запрени сите шпекулации…“), освен што е неточна, е тенденциозен коментар на настанот и на неговите последици.

Насловот е носител на централниот спин, кој ја одразува идејата на овој настан – да се „затворат“ сите „шпекулации“ во врска со најконтроверзниот проект во последните пет години.

Фотографија: На фотографијата е прикажана министерката Канчевска – Милевска и таа не е сосема соодветна, бидејќи на масата на говорниците има уште две лица, од кои едното е вториот главен извор на текстот, градоначалникот Тодоровиќ. Но, текстот е придружен и со видео-запис, на кој таа слабост е отстранета.

Заклучок: Извештајот на Курир доследно ја следи идејата на организаторот на прес-конференцијата, да се презентираат наводи со кои еднаш засекогаш ќе запрат „шпекулациите“ за проектот „Скопје 2014“.

Известувачот, во таа насока, ги пренесува клучните оценки и коментари, но не и многу од презентираните факти (цени на споменици и градби, авторски хонорари и слично), кои ја постигнуваат токму обратната цел – ги продлабочуваат контроверзиите за овој проект. Свесен за таа опасност, авторот инсистира на спинот и тоа го определува аголот на овој напис.

Рецензија: Запрени сите шпекулации за Скопје 2014, Владата со детален отчет

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција