Рецензија: Заушка за Заев и Геровски од САД и ЕУ

FireShot-Screen-Capture-276-Заушка-за-Заев-и-Героски-од-САД-и-ЕУ-crop-resize

Станува збор за агнециска вест која содржи „надградба“, пред сѐ, во насловот и со кој на недозволив начин се навредуваат лидерот на една партија и глодурот на еден дневен весник и портал. Основот за таквиот непристоен јазик медиумот си го наоѓа во оценката на ОБСЕ/ОДИХР за тукушто заминатите претседателски и парламентарни избори, која се третира како поволна за власта, односно се толкува како неповолна за опозицијата, која не ги призна изборите како фер и демократски и ги смета за нелегитимни врз основа на нив да се формира идниот Парламент а со тоа и Владата. Насловот на текстот, кој е коментаторски по природа, сака да им пренесе на спомнатите дека од страна на западните демократии не добиле подршка за своите политички ставови, иако, се рзбира, тоа не се нивни или најмалку се – само нивни!

Онака како што е пренесено соопштението во медиумиот има значи селективност, потоа нема познавање (препознавање) на значењето на дипломатскиот јазик и јасно е дека во веста ги нема основните забелешки за изборниот процес што западните набљудувачи ги даваат и врз основа на таквата конструкција се „насадува“ наслов кој не е одржлив, односно е ставен вон контекст на реалните оценки на странските посматрачи.

 Заушка за Заев и Героски од САД и ЕУ

Линк до оригиналниот напис: Заушка за Заев и Геровски од САД и ЕУ

Датум и време на објавување:29.04.2014, 17:56

Датум на рецензирање: 01.05.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Ние ја споделуваме оценката на ОБСЕ/ОДИХР во поглед на ефикасното спроведување на неодамнешните избори. Забелешките што тие ги изразија, слични на оние од 2011 и 2013 година, а кои се однесуваат на пристрасно покривање од страна на медиумите и на непостоење на разграничување на државните од партиските активности, што не овозможува рамноправен терен за натпревар, треба да бидат адресирани“, наведено е во заедничката изјава. Во тие напори, како што се потенцира, мора да се вклучат партиите што ќе ја формираат новата влада и да се ангажираат со опозицијата во конструктивен дух“.

Овој цитат не овозможува целосно сознание за ставот на западната заедница кон изборите. Имено, извештаите треба да се гледаат во однос на тоа што содржат и што не содржат. Не е јасно каде провладините медиуми видоа став дека изборите се „фер и демократски“? Таква оценка нема никаде. Навистина, власта и нејзините медиуми можат да речат дека зборот „ефикасно спроведени“ е доволен аргумент, но ако нешто спроведете ефикасно, ама тоа не е во демократски и фер дух, тогаш заклучокот оди на сосема друга страна, нели?!

„Како и да се чита извештајот на набљудувачите, јасно е дека тој за неколку нивоа е полош од претходните и на ниво на некои во минатото кои издејствуваа специјален бенчмарк на ЕУ да стане токму одржувањето слободни избори во земјата. Заплашувањето на гласачите е најопасната забелешка на ОБСЕ-ОДИХР, која на ваков директен начин досега не е спомената од страна на набљудувачите за Македонија, па не случајно шефот на мисијата Герт Аренс јасно се огради дека во својата оценка не спомнал ни „’слободни, ни фер’ како зборови“ – коментира и надворешно-политичката коментаторка на „Утрински“, Слободанка Јовановска.

Па така, според Аренс, шефот на мисијата на ОБСЕ и најодговорниот во штабот, Македонија не одговорила ни на една од обврските што ги презела кон ОДИХР, од слободата на гласање, слободата на медиумите до слободата да се излезе на избирачките места или не, при што за последното најголем придонес има ДУИ и покрај силната реторика за Македонија да влезе во НАТО и ЕУ и да ги прифати нивните вредности. Според Аренс, во Македонија продолжува практиката од страна на владејачката партија да ги злоупотребува ресурсите на државата за своја изборна победа, а во тоа без мерка ѝ помагале медиумите блиски до власта, кои, по толку избори не прават разлика кога некој настапува како кандидат, а кога како функционер во Владата.

Кога ова ќе го разделиме „на отсечки“ односно по одделни теми, јасно е дека тоа се катастрофални избори. Сличен е извештајот и за изборите во Унгарија, која е членка на Унијата, ама тие избори никој во Европа не ги смета за – демократски и фер, двата клучни зборови кои недостасуваат о извештајот!

Оваа вест секако морала да се надополни со некои изјави на добри познавачи на начинот, стилот на кој се составуваат вакви извештаи, кога веќе тоа недостасува во пренесениот агенциски извештај. Или да имало барем дополнителен обид да  се разјаснат работите.

Во еден таков обид (го препорачуваме интервјуто во НОВА со Аренс) овој висок европски функционер посебно го акцентира мешањето на министерката Јанкуловска во изборниот процес, со порака дека тоа е недозволиво, особено што МВР има клучна улога во изборите, пред сѐ, во составување на избирачкиот список, печатењето на лични карти и други моменти кои можат да бидат битни за исходот. А министерката Јанкуловска притоа беше прва на листата во втората изборна единица! Ова интервју, забележуваме, не го пренесе ниту еден медиум од кругот на т.н. провладини, иако тој убаво го објаснува споменатиот Извештај и тоа точка по точка!
Неговата оценка е всушност – технички тоа може да се совршени избори (а не се, бидејќи во извештајот има посебна „слика“ за тоа како се гласало во Шутка, на пример), но суштински тие се далеку од тоа и може да се сметаат за нова, неудобна позиција на Македонија во однос на Брисел. Има ли некој добиено заушка и кој е сега тоа?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција