Рецензија: Згодната Марјана продолжува да провоцира (фото)

Згодната-Марјана-продолжува-да-провоцира-Република-2013-12-10-14-07-12-crop-resize

Речиси невидлива е линијата, или линиите, што ги раздвојуваат приватноста на јавните личности, (особено оние од шоу бизнисот), нивниот скриен пи-ар и правото на медиумите да ѕиркаат и да преземаат дел од таа приватност заради интересот на нивната публика. Заради таа „пропустливост“ на границите новинарите се соочуваат со искушението да ја преминат и границата на дозволеното.

Ова е уште еден осврт на темата користењето на фотографии од приватни профили на Фејсбук. Иако во овој случај се работи за јавна личност од шоу бизнисот, поентата која со оваа рецензија сакаме да ја потврдиме е дека, дури и тогаш новинарите треба да внимаваат што земаат од „самопослугата“ на естрадните ѕвезди. Во ред е селебрити личностите да имаат посебна стратегија за медиумите. Но, кога веќе се презема од таквата понуда, на тоа треба да се возврати со професионалност и со почитување на новинарската етика.

Згодната-Марјана-продолжува-да-провоцира-(фото)---Република-Online-2013-12-10-14-07-12Линк до оригиналниот напис: Згодната Марјана продолжува да провоцира (фото)

Датум и време на објавување: 08.12.13 во 08:39

Датум на рецензирање: 10.12.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост:

Извори на информации: Како што најавивме во воведот на оваа рецензија, во ред е познатите личности да имаат стратегија за привлекување на медиумското внимание, но тоа не значи дека треба да се земе сѐ што се нуди. На тој начин медиумите демонстрираат јасна уредувачка политика дека многу убаво распознаваат што е пи-ар и скриена комерцијална пропаганда и дека, соодветно на тоа, знаат како да се справуваат со вакви стапици.

Содржајност: Во оваа фото вест нема што да се оценува од аспект на содржајност на самата вест, но сметаме дека тука е вистинското место да потсетиме на членот 11 од Кодекосот на новинарите на Македонија:

„Новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

Во толкувањето на авторите на „Прирачникот за етиката во медиумите“, меѓу другото, се вели дека:

„Секогаш треба да се избегнуваат фрази кои во себе носат шовинистички, сексистички или какви било други дискриминаторски конотации“.

Кога од „самопослугата“ на естрадните ѕвезди медиумите ги земаат оние елементи кои заслужуваат да бидат вест, и кои, се разбира, можат да бидат од сферата на забавата, секако дека треба да бидат новинарски обработени според етички и професионални стандарди.

Коментирање: Коментирање има уште во насловот зашто се истакнува дека девојката на фотографијата „провоцира“, како и во самиот кус текст каде што два коментара оддаваат сексистички ставови:

„Лото девојката Марјана Станојковска продолжува да ги „освежува“ своите фејсбук пријатели…„

Како и во завршната реченица каде што сексизмот и непристојниот тон е најзабележлив:

„…зимските денови ги користи за истакнување на своето деколте, кое, рака на срце, заслужува да биде ставено на мегдан.“

Квалитет на насловот: Во еден нагласено мачистичко-патријархален амбиент каков што е Република Македонија, сосема е јасно зошто авторот на овој текст во насловот го употребува зборот „провоцира“. Тој е директно поврзан со епитетот „згодната“. Пристојната алтернатива на овие епитети се – „убавата“ и „привлекува внимание“. Но, според стандардите што се усвоени овој кус текст, очигледно тие не се доволно атрактивни. Затоа е избрана една лесна, овој пат, новинарска провокација, на употреба на сексистички атрибути. Тоа не се покрива со алибито за новинарски стил, зашто професионалното и етичко новинарство не познаваат такво оправдување.

Фотографија: Јасно е дека фотографијата на Марјана Станојковска е земена од нејзиниот Фејсбук профил, но не е наведен авторот на фотографијата. Тоа не мора да е проблем на медиумот што ја објавува оваа фото вест зашто во „самопослугите“ на ѕвездите авторските права се, бездруго, веќе уредени и во служба на пи-ар стратегијата. Веќе заклучивме дека професијата на Станојковска е суштински поврзана со публицитет, соодветно на нејзинзта проценка за тоа како и колку информации ќе им нуди на медиумите таа или нејзините пи-ар агенти.

Заклучок: И уште еднаш за „самопослугата“ на славните личности: Со одлуката како и на кој начин медиумите ќе се послужат од таа понуда, ја демонстрираат својата уредувачка политика дека многу убаво распознаваат што е пи-ар и како да се справуваат со вакви стапици. Од друга страна, во ред е медиумите да бидат слободни да преземаат ваков тип содржини, но зошто да биде сексистички и мачоистички медиумскиот контекст во кој ќе се ставаат. Како на пример: „…зимските денови ги користи за истакнување на своето деколте, кое, рака на срце, заслужува да биде ставено на мегдан.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција