Рецензија: Жените се најсреќни во улогата на мајка и домаќинка
Веста за која станува збор, поместена во рубрика ЖИВОТ, пренесува резултати од анкета во која одреден број на жени гласале што е за нив идеалната професија, при што се тврди дека најголем број од нив се изјасниле животот да си го поминат како мајки и домаќинки, наместо да градат кариери. Новинарот, кој е анонимен, изворот, односно податоците, кој, кога и како ја направил анкетата, не ги наведува, а текстот го почнува со невистинита констатација дека
„жените ОТСЕКОГАШ го имале изборот дали да следат успешна кариера или да бидат домаќинки и да се грижат за домот и за семејството“.
Во манир на наратор од рекламен спот, а не на непристрасен новинар професионалец, тој поставува реторичко прашање и самиот одговара во истиот стил:
„Сигурно се прашувате зошто тие го прават овој избор во 21. век, а жените и на тоа дале одговор. Тие велат дека градењето на кариера е напорно и стресно, а грижата за семејството и домот е полесно, поопуштено и поубаво.“
Основ за таква генерализација, која, патем, промовира ретроградни полови стереотипи, авторот наоѓа во податокот дека, наводно, 62 проценти од испитаничките од таа анкета се изјасниле за кариера на мајка и домаќинка, без оглед што таа бројка претставува само нешто повеќе од половина од жените-испитанички.
Се наметнува дилемата дали целта на овој напис, кој само на прв поглед наликува на новинарска информација, воопшто има за цел да ја информира јавноста или, пак, да ја индоктринира.
Линк до оригиналниот напис: Жените се најсреќни во улогата на мајка и домаќинка
Датум и време на објавување: 13.07.2013, 15:37
Датум на рецензирање: 22.07.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Освен податокот дека се работи за некакво неименувано истражување преку Интернет, со 2.000 испитанички со старост над 25 години, читателот не добива ниеден елемент што може да му укаже на тоа дека информацијата која ја добива е точна и веродостојна, односно нема име на институција која го спровела истражувањето и други податоци кои ќе укажат на релевантноста на тоа истражување, ниту пак линк до извор кој тие информации може да ги даде. Новинарот, всушност, и ја започнува веста со „Истражувањето“, како читателите да знаат однапред за кое истражување се работи.
Извори на информации: Во текстот постои отсуство на било каков конкретен извор на податоците кои се пласираат.
Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи не ги дава сите елементи кои сочинуваат целосна новинарска информација.
Пристрасност: Не може со сигурност да се тврди дека се работи за намерно пласирање на одредени тези поврзани со половата рамноправност, но податоците кои се пласираат, како се пласираат, како и интонацијата која се користи во написот, укажуваат на спинување на вистината во насока на промоција на полови стереотипи, со елементи на сексизам.
Квалитет на насловот: Насловот е сублимат на идејата дека сите жени се среќни како мајки и домаќинки, односно тој првенствено генерализира и дезинформира (ако му се верува на дотичното истражување, ЗА се изјасниле само 62% од испитаничките), тенденциозен е, се обидува да долови сензација, несоодветен е, и згора на тоа, некреативен.
Фотографија: Фотографијата е во функција на тезата што се протура преку написов и со неа се обидува да се манипулира со читателот – промовирајќи стереотип на жена среќна и насмеана во кругот на семејството (три деца и сопруг). Набљудувачот не може, а да не се потсети, колку згодно совпаѓање постои помеѓу вака „спакуваната“ информација и заложбите од владината кампања позната како „трето дете“.
Говор на омраза: Фаворизирањето на имиџот на жената како мајка и домаќинка за сметка на останатите нејзини општествени улоги претставува чист пример на полова дискриминација, без оглед колку и да е тоа „оправдувано“ со некакви неименувани, фантомски истражувања и сондажи на јавното мислење.
Заклучок: Кога новинарот игнорира едно од петте основни прашања што ја сочинуваат новинската вест, во случајот е тоа прашањето – КОЈ го тврди она што тој го презентира како информација, тогаш добиваме некомплетна и нерелевантна информација, што не соодветствува со стандардите на новинарството.
А, кога на тоа ќе се додаде очигледниот обид да се протурат полови стереотипи преку наводни резултати од некакво безимено истражување, што некој некаде наводно го изработил, тогаш станува збор за напис изработен со некоја поинаква намера, а не за да информира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар