Рецензија: Жерновски и Петковски го маргинализираат Заев

2-09876-0908070-crop-resize

 

Наместо новинарска, кај овој текст неизбежно се забележува јасна и очигледна политичка мотивираност. Имаме продолжение на некаква си „критичка опсервација“ на состојбата во опозицијата, при што средбата меѓу првите луѓе на двата помали партнери во блокот е искористена како основа за „налепување“ на тезата дека таа, всушност, претставува „маргинализирање на претседателот на главната сила во опозицискиот табор“. Силни зборови, кои, за жал, не се поткрепени со аргументи.  

2Линк до оригиналниот напис: Жерновски и Петковски го маргинализираат Заев

Датум и време на објавување: 29.10.2014, 14:42

Датум на рецензирање: 01.11.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

НЕМА НОВИНАРСКИ АРГУМЕНТИ ЗА МАРГИНАЛИЗИРАЊЕ

Не велиме дека, можеби, помалите партнери не му „кројат“ нешто на поголемиот, ама, едноставно, нема никакви реални докази за тоа што е наведено во написот. Проблемот за таквата ситуација, секако, лежи во отсуството на соодветни извори на информации, бидејќи повикувањето на некакви „пораки“ од состанокот меѓу Петковски и Жерновски, всушност, упатуваат на нешто друго – а, тоа е идеја за дополнително окрупнување на опозицијата, а не на „маргинализирање“ на Заев. Неизбежен декор во овој, но и нему сличните написи, се термините „јавност“ и „кај социјалдемократите“, кои секако не се јасно прецизирани, туку остануваат да висат во воздух, нешто слично како „експерти и познавачи“, кои ама баш никогаш не добиваат име и презиме во тенденциозни текстови слични на овој. Дајте барем еднаш да видиме кои се тие пратеници, кои, како што се тврди во текстот, не се согласуваат со партиските политики и сакаат, наспроти курсот за бојкот, да седнат во пратеничките фотелји. Навистина, јас како дел од јавноста, би сакал да знам кои се тие луѓе кои се кршат за прашањето: продолжување на бојкотот или не. Секако, убаво би било да ни се пренесе и нивна изјава како потврда на кажаното.

 

ПОВЕЌЕ „БАЛОН“ ОТКОЛКУ КОРЕКТЕН ТЕКСТ

Текстот има доза на привлечност за читателското око, но тоа не се должи поради неговата „особено квалитетна“ содржина, туку поради сензационалистичкиот пристап истопорен, пред сѐ, во насловот. Но, откако ќе се прочита написот, ќе се увиди дека повеќе личи на „надуван балон“, отколку на издржан новинарски текст. Ако веќе се вели дека некој сака некого да маргинализира и се прави обид тоа да се проанализира, можело барем да се сврти еден телефон и да се добие официјален став од најголемата опозициска партија. Ама, претпоставувам, првичната идеја зад овој напис не била да се добие коректен информативен производ. Тоа се потврдува и со употребените формулации, кои на моменти се јасно неизбалансирани и наклонети кон една страна. Горчлив вкус остава и етикетирањето на медиуми за кои, како што се вели, се под контрола на опозицијата. Така само се дополнува општата слика за пристрасен напис што не било проблем за други сродни медиуми да го преземат и пренесат.

Заклучокот, без многу одолжување, би бил дека в раце имаме четиво наменето за оцрнување, а не за информирање.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција