Рецензија: Жерновски и Шиповиќ ќе набавуваат нови возила за Центар

.

„Жерновски ги засука ракавите и се фати за работа. Градоначалникот на Центар реши прв проект на општината да биде тендер за набавка на нови возила. Извори за Сител од Центар велат, дека Жерновски не бил задоволен од возниот парк па решил час поскоро, својот прв потпис да го стави за набавка на нови службени возила.

Покрај Жерновски, во ново возило ќе седне и претседателот на советот Мирослав Шиповиќ. Какви возила ќе бидат купени, сеуште не се знае.“

Ова е кусата, но ударна вест на ТВ Сител, со која се продолжува негативната кампања против новиот градоначалник на Центар Жерновски и претседателот на Советот на Центар – Шиповиќ. Целта на веста е создавање негативна слика околу градоначалникот кој најави беспоштедна борба со корупција во општината, особено онаа врзана за проектот „Скопје 2014“.

Веста инаку не е точна.

Веста содржи уште еден дел кој не е поврзан со првата директно, а тоа е дека ќе се реновира улицата „Роза Плавева“ и уште две улички во близина на Градскиот парк, за што се прави обид да му се одземе „правото на првенство“ на новиот градоначалник.

Веста и во овој дел е бесмислена – за граѓаните и јавноста не е битно кој започнал, туку кој ја направил реконструкцијата на улиците!

Рецензија: Жерновски и Шиповиќ ќе набавуваат нови возила за ЦентарЛинк до оригиналниот напис: Жерновски и Шиповиќ ќе набавуваат нови возила за Центар

Датум и време на објавување: 30.04.2013, 16:33

Датум на рецензирање: 01.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Советот на општината Центар, кој е меродавен за носење на таква одлука ниту имал седница, уште помалку дека се разговарало на оваа тема.

За вториот дел од веста исто така нема речиси никакви релевантни факти, освен дека улиците се раскопани, односно подготвени за средување.

Извори на информации: Сител не се повикува на ништо конкретно кога се говори за обновата на возниот парк: градоначалник, советници (таму има 11 советници кои се во опозиција!), дистрибутери на возила…

И кај вториот дел на веста нема ниту еден извор, освен „луѓето кои живеат на оваа улица“ и човек даден само по презиме Чачевски, за кого не знаеме дали е жител, случаен минувач, општински функционер?

Но, и од таа изјава се гледа дека општината во време на претходниот градоначалник, пред две години, ја раскопала улицата и престанала со активности, а дека дури сега ќе се пристапи кон средување на состојбите. Кај комуналните услуги нема „кражба на идеи“, туку или има реализација или неа ја нема.

Содржајност: Веста ја прикрива вистината и таа не се вклопува во ниту еден критериум за извртување на стварноста бидејќи во неа нема стварност ниту грам.

„Не е прв пат оваа телевизија да ги извртува фактите или да објавува класични дезинформации. Тоа се случуваше и за време на кампањата, а продолжува и сега. Секогаш сум отворен за соработка со медиумите и работам транспарентно. Но, и медиумите треба да се придржуваат до професионалните стандарди и норми. Најенергично ја демантирам грубата дезинформација на ТВ Сител дека прв проект на општината ќе биде тендер за набавка на нови возила. Ниту сум размислувал, ниту за ова е разговарано. Јас и во програмата кажав и до тоа ќе се држам дека проектите за подобрување на животот на жителите на Центар ќе бидат мои и приоритети на раководството на општината“, вели Андреј Жерновски. (извор Плусинфо)

Пристрасност: Во написот од Сител нема никаква вистина, па ни извртување. Но, има метод за префрлање на лошиот впечаток од настан кој се случил и кој ја има таа содржина (прва работа – обнова на возниот парк) од очевидно „омилен“ градоначалник – Стевче Јакимовски на градоначалник кој е неомилен за власта – Жерновски, товарејќи му го „гревот“ од едниот на вториов!

Имено, ТВ Сител немаше вест за првиот состанок на Советот на Општина Карпош каде единствена точка на дневен ред беше токму обновата на возниот парк, со повеќе возила на градоначалникот и неговите соработници.

Но, поттикнати од тој настан, што секако не говори многу пофално за Јакимовски, тие решиле да му ја закачат „веста“ на градоначалникот на Центар, што е пригодно пред празник кој трае шест дена и кога, се надевале, нема ни да има ефективни можности за демант.

Коментирање:Жерновски ги засука ракавите и се зафати со работа“ е злобен коментар со кој се започнува вест која има своја цел и таа речиси не се сокрива.

Плагијат: Написот има автор и тој е наведен на крајот на текстот –  Мирјана Давидовска.

Квалитет на насловот: Насловот е јасен и информативен за она што е предмет на класична дезинформација – тоа е градоначалникот и првиот човек на Советот кои секако ќе останат и во иднина предмет на напади на оваа ТВ станица.

Фотографија: Написот нема фотографија, туку во улога на илустрација е кадар од видеото. Тој пак, само го илустрира написот – го предава „виновникот“ за настанот кој и не се случил: Андреј Жерновски.

Уреден за веб: Наспроти естетиката на написот (не е ништо посебно уреден, но е задоволителен со оглед на содржината), текстот е правописно потпросечен кога ќе се земе предвид должината. Новинарите мора да научат дека „сè уште“ не е „сеуште“, како и дека пред запирка не се остава празно место.

Заклучок: Телевизија Сител продолжува да претставува информативна куќа која не само што ги извртува вестите, туку и ги измислува комплетно. Таа одамна е фабрика на лажните сознанија.

Рецензија: Жерновски и Шиповиќ ќе набавуваат нови возила за Центар

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција