Рецензија: Жерновски му го врти грбот на Заев?

FireShot-Screen-Capture-036-vrtenje-crop-resize

Предмет на рецензијата е типичен политички спин-напис базиран на шпекулација која ја пласирал друг медиум, а таа шпекулација потоа магично ја добива тежината на факт, со кој на читателите им се креира непостоечка сторија за раздор во таборот на опозицијата.

Веќе наредниот ден по објавувањето на оваа непотврдена и неточна информација, настаните ја демантираат. Но, по сѐ изгледа, целта и не било точно и навремено информирање на читателите за случувањата во таборот на опозицијата, туку токму спротивното – матење на водата, пласирање невистини, извртување на вистината со што јавноста треба да стекне впечаток дека опозициониот фронт е разединет и се распаѓа, како и дека конкретни политички личности се виновници за тој распад. Прашалникот на крајот од насловот е слабо алиби за ова – таа и со него е доволно впечатлива за да ја постигне целта. Ваквите текстови се за краткорочна, строго наменска употреба и се само привид на информација, бидејќи немаат врска со основните новинарски стандарди, дури и кога про форма ги запазуваат.

Рецензија:  Жерновски му го врти грбот на Заев?Линк до оригиналниот напис: Жерновски му го врти грбот на Заев?

Датум и време на објавување: 5.05.2014, 11:37

Датум на рецензирање: 6.05.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ИЗВОРИТЕ ВЕЛАТ ЕДНО, НАСЛОВОТ ШПЕКУЛИРА ДРУГО

Тврдењата и шпекулациите наведени во информацијата се непоткрепени со факти. Шпекулацијата дадена во насловот, замаскирана со прашалник, потекнува од пишувањето на порталот Република, кој тука се наведува како извор.

Навидум, новинарските стандарди се запазени, информацијата се темели на два различни извора, но проблем сепак постои. Главниот извор на кој се повикува во информацијата е друг медиум, кој, пак, своето тврдење („ЛДП се мисли дали да остане со СДСМ“) го темели само на податокот што одлуката за враќање на мандатите сѐ уште не била донесена на седниците на Извршниот и на Централниот одбор на партијата одржани минатата недела. Вториот извор, пак,  кој се користи во написот, е личност од редовите на ЛДП, но таа дава исказ кој само појаснува зошто досега не е донесена одлуката да се поддржи одлуката на Социјалдемократскиот сојуз за враќање на пратеничките мандати. Од исказот никаде не произлегува дека ЛДП се повлекува. И двата извори со своите искази, всушност, не ја поткрепуваат шпекулацијата од насловот, но тоа не било доволна причина ваквиот напис да не биде објавен.

Тој е, всушност школски пример за некомплетна, несеопфатна вест, а сомнежот дека со неа нешто се прикрива сосема речито го покажаа настаните од само еден ден подоцна, со кои шпекулацијата дека Жерновски му го врти грбот на Заев, падна во вода.

 

ЈАДИЦА ЗА НЕВНИМАТЕЛНИТЕ

Пристрасноста во овој напис е евидентна – тој си го „одработува“ своето за контото на партиите од позицијата.

Иако е обезбедена некаква резерва на објективност со исфрлањето на шпекулацијата во прашална форма, насловот не е поткрепен со содржината на написот, што го прави тенденциозен и – наменски.

Спинот во оваа епизода е во вид на јадица фрлена кон читателите. Кој се фати на неа, се фатил. Малку повнимателното читање на целиот напис дури и на просечно внимателен читател ќе му покаже колку е часот, односно дека шпекулацијата е неоснована.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција