Рецензија: Жерновски продолжува со идејата за рушење на Скопје 2014

Vecer-Zernovski-0001-001-crop-resize

Кога новинарот или уредникот сакајќи или несакајќи спинуваат, тогаш „белото станува црно“, а „магарето може и да лета“. Токму таков пример имаме во текстот што е предмет на оваа рецензија, каде што речиси сѐ што е стандард и етика во новинарството било подзаборавено на штета на вистинита, објективна, избалансирана информација што треба да ја добие јавноста.

Vecer-ZernovskiЛинк до оригиналниот напис: Жерновски продолжува со идејата за рушење на Скопје 2014

Датум и време на објавување: 24.01.2014

Датум на рецензирање: 26.01.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: „Веста“ во своето главно тврдење, изнесено во насловот и главата е невистинита. Текстот е мешавина на неточни и точни факти, при што точните факти се ставени на крај од „пирамидата“, што може да се утврди ако се прочита некој, макар малку поопширен извештај од настанот.

Извори на информации: Извор е самиот градоначалник, но тој речиси воопшто не е пренесен објективно. Други извори на информации нема.

Содржајност: Нема содржајност, „веста“ е несеопфатна.

Пристрасност: Спинот преовладува во овој текст. Оттука тој е пристрасен, а природата на таа пристрасност наликува на политичка, иако не се исклучува и друг мотив.

Коментирање: Коментарот е, всушност, главата на „веста“, комбинирана со наднасловот и насловот. Тој е интегриран со фактите.

Оригиналност/Плагијат: Не може со точност да се утврди дали написот е оригинално дело. Авторот не е наведен. Еден извор е наведен, но не е јасно дали новинарот бил лично на прес-конференцијата, бидејќи нема доволно детали од кои може да се утврди тоа.

Квалитет на насловот: Насловот е некреативна дезинформација. Тој е јасен, но, сепак, не до крај соодветен за понуденото четиво, зашто дури не одговара во целост ниту на фактите во текстот.

Фотографија: Фотографијата е авторска, од настанот, таа е соодветна и е ставена во функција да информира.

Говор на омраза: Во текстот нема говор на омраза, но има силни елементи на дискредитација на лидер на политичка партија и градоначалник на единица на локална самоуправа. Пошироко гледано, може да се дискутира дека преку тоа се прави посредна дискриминација на сите членови и симпатизери на таа партија или на гласачите на локалните избори кои гласале за споменатиот градоначалник и листата на која бил кандидиран.

Заклучок: 

За да бидеме појасни од каде го црпиме ставот за оваа рецензија изнесен уште во воведот, ќе посочиме на две правила од Прирачникот за етиката во новинарството (ЗНМ 2012):

  • Новинарите имаат право на свое мислење, став и вредносен суд, но не смеат сопственото мислење да го камуфлираат како факти.
  •  Мора јасно да биде разграничено што се факти и информации, а што коментар, претпоставка или став на авторот за да се одбегне дезинформирање и манипулирање со публиката.

Во текстот, што по својата форма требало да биде вест (но, тоа не е), за факти изнесени на прес конференцијата на посочениот градоначалник, коментарот и ставот на новинарот (уредникот) се изнесени веднаш уште во наднасловот, насловот и главата на „веста“, па дури потоа се изнесуваат други факти:

Градоначалникот на Центар повторно со деструктивна политика

Жерновски продолжува со идејата за рушење на Скопје 2014

И покрај тоа што новите градби и мостови на кејот на Вардар се освежување и вистински магнет за туристите кои го посетуваат Скопје, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски продолжува со деструктивната политика кон проектот Скопје 2014.

Сосема е јасно дека станува збор за став и коментар на авторот (уредникот) кој коинцидира со секојдневните ставови на спротивставената партија на оние партии од каде потекнуваат градоначалникот и мнозинството советници во Општина Центар. Но, спинот и контрадикторноста на изнесениот став се руши веќе со наредните факти што се редат во текстот:

Тој вчера на прес-конференција изјави дека 12 од 32-та споменици на мостот Око се поставени без одобрение од општината и дека ќе даде налог до Секторот за урбанизам на општината да утврди дали скулптурите се поставени според важечкиот Детален урбанистички план.

и

Тој посочи дека за тоа дали илегалните скулптури ќе бидат отстранети ќе одлучи Советот на Општина Центар каде што пак во моментов по приведување на претседателот Мирослав Шиповиќ бројот на советници е изедначен.

Од погоре изнесеното очигледно е дека не е почитувано уште едно ширко познато етичко правило, а кое е формулирано и во Прирачникот на ЗНМ:

  • Изборот на фактите мора да обезбеди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која се говори.

Текстот отстапува и од некои други професионални стандарди, особено кога станува збор за жанрот вест, при што не се одговорени некои од задолжителните пет новинарски прашања. Накратко, нестандарден, непрофесионален и неетички текст со кој јавноста може да биде дезинформирана.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција