Рецензија: Жерновски се закани: Почнувам да рушам споменици од Скопје 2014

press24_mk_zhernovski-se-zakani-pochnuvam-da-rusham-spomenici-od-skopje-201-crop-resize

Проблемот во оваа  вест е насловот: „ Жерновски се закани: Почнувам да рушам споменици од Скопје 2014“, кој е пресилен и тенденциозен. Станува збор за текст од неколку реда во кој е пренесена изјавата на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, дадена за телевизијата Ал Џезеира Балканс . Потоа, со класичен спин во насловот се употребува терминологија која делува премногу провокативно, а тие зборови  (почнувам да рушам) всушност ги нема во изјавата на Жерновски.

„Ќе мора да се отстрани сè што е незаконски поставено во општина Центар. Нема да ги третирам спомениците како нешто посебно. Само ако работиме принципиелно можеме да ја избегнеме замката и кукавичкото јајце што власта сака да го снесе во општината“

Изјавата тој ден ја пренесоа повеќе  медиуми и  речиси сите прилози  имаа внимателен пристап, освен порталот и една телевизија, која, сепак, одеше со повоздржан наслов.

FireShot Screen Capture #133 - 'Жерновски се закани_ Почнувам да рушам споменици од Скопје 2014 I Press24' - www_press24_mk_zhernovski-se-zakani-pochnuvam-da-rusham-spomenici-od-skopje-2014

Линк до оригиналниот напис: Жерновски се закани: Почнувам да рушам споменици од Скопје 2014

Датум и време на објавување: 11.12.2013, 14:26

Датум на рецензирање: 14.12.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Текстот се темели на изјавата на првиот човек на Општина  Центар  преземена од  балканската телевизиска мрежа на Ал Џезеира и таа е точно пренесена.

Извори на информации: Порталот се повикува на друг медиум и користи официјален и релевантен извор на информации – градоначалникот на Општина Центар.

Содржајност: Иако се работи за куса  вест, не може да се каже дека го опфаќа целиот контекст во кој е дадена изјавата на Жерновски. Имено, неговата изјава е преземена од прилог што обработува една покомплексна тема насловена: „Спомениците ги загрозуваат меѓунационалните односи“,  а во која се презентирани повеќе мислења. Така што, изјавата на градоначалникот на Центар  посматрана изолирано и  дополнително „зачинета“ со  „заканата за рушење“ ,  добива еден прилично застрашувачки призвук.

Пристрасност: Формулацијата  на насловот : „Жерновски се закани: Почнувам да рушам споменици од Скопје 2014“, која во изјавата не е децидно искажана со тие зборови, како и заклучокот на крајот од веста јасно укажуваат на политичка наклонетост.

 Коментирање: Веста завршува во коментаторски стил:

„Жерновски се уште молчи за споменикот на Тито во центарот на Скопје“

Притоа, се наметнува перцепција дека Жерновски како градоначалник се крие од јавноста и дека во Општина Центар има молк за овој споменик. Жерновски, навистина, немаше изјава за споменикот на Јосип Броз Тито. Но, Општината на чие чело се наоѓа тој, излезе со став дека „за спомениците на Тито и на Цар Душан нема одлука од Општината и дека за двата споменика ќе се постапува како за дивоградби“, што беше пренесен од повеќе медиуми.

Оригиналност/Плагијат: Неименуваниот автор наменски ја гради веста  врз основа на изјава дадена за друг медиум.

Квалитет на насловот: Насловот е најпроблематичен во веста. Тој е претенциозен и спинуван, содржи опасна поента извлечена од контекст од изјавата на Жерновски. Со фрагментот од неговата изјава:

„Ќе мора да се отстрани сè што е незаконски поставено во општина Центар. Нема да ги третирам спомениците како нешто посебно…“

се прави тнденциозна конструкција: „Почнувам да рушам споменици од Скопје 2014“, која делува деструктивно.

Фотографија: Написот е илустриран со фотографија од Жерновски, снимена  во паркот кај Бристол во времето кога даваше изјави  за барокната зграда.  На неа стои логото на порталот. Посоодветна илустрација  би била од изјава на  Жерновски снимена пред спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Говор на омраза: Кажаното е тенденциозно парафразирано во реплика со заканувачки тон. Така што, освен идејата за дискредитација на личноста на градоначалникот на Општина Центар,  може да се препознаат и елементи на политичка дискриминација, бидејќи мотивите за  неговото оцрнување се политички.

Веста е во спротивност  и со амандманот 16 од  Новинарскиот кодекс во кој, меѓу другото, се вели :

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности…

Заклучок: Сајтот излегува со  провокативен наслов само неколку дена по инцидентот во кој група граѓани го оштетија  споменикот на Цар Душан, а на настанот присуствуваа и високи функционери на владејачката ДУИ. Дополнително да се поткреваат тензии во моменти кога политичкиот амбиент и меѓунациналните односи се и онака напнати. Тоа е надвор од професионалните стандарди за пренесување на информациите, што подразбира новинарот да биде чесен, објективен и внимателен.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција