Рецензија: ЗНМ со скриени и лажни податоци за членство

www_sitel_com_mk_mk_znm-so-skrieni-i-lazhni-podatoci-za-chlenstvo-crop-resize

Станува збор за еден сосема необјективен прилог со видлива тенденциозност уште од насловот: „ЗНМ со скриени и лажни податоци за членството“. Во самиот старт медиумот излегува со сериозно обвинување:

„ЗНМ кое тврди дека репрезенативно ги застапува новинарите – ги скри своите членови“,

со јасна намера да го дискредитира најстарото новинарско здружение.  Па, наместо една чиста информација за бројноста на двете новинарски асоцијации, која нема да биде обременета со дополнителни коментари, на јавноста ѝ се подметнува  материјал кој  нагласено го фаворизира едното здружение.

FireShot Screen Capture #192 - 'ЗНМ со скриени и лажни податоци за членство I Сител Телевизија' - www_sitel_com_mk_mk_znm-so-skrieni-i-lazhni-podatoci-za-chlenstvoЛинк до оригиналниот напис: ЗНМ со скриени и лажни податоци за членство

Датум и време на објавување: 11.02.2014, 17:59

Датум на рецензирање: 12.02.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Прилогот има проблеми со вистинитоста. Тврдењето искажано во насловот, а потоа и во текстот, не може да се поткрепи. Имено, во овој материјал е дадено  тонско парче  од изјавата на претседателот на ЗНМ :

 „На ваков потег се решивме затоа што дел од нашите членови не сакаат да откријат пред  државните органи дека членуваат во ЗНМ, затоа што стравуваат од последици. Ние како Здружение мораме да ја почитуваме нивната волја, затоа што не сакаме тие да имаат последици поради членството во ЗНМ. ЗНМ и јас како претседател сносиме одговорност за веродостојноста на податоците“ 

Меѓутоа, фрагментот  од изјавата на Селмани е искористен за да се манипулира со вистината. Неговата изјава (како што пренесоа дел од медиумите), всушност е „пресечена“ во делот каде што вели:

„…но, ако Министерството сака уште еднаш да ги провери податоците, може да дојдат во просториите на ЗНМ и да имаат увид во регистарот“

Што, несомнено, е направено намерно за да може да се оправда конструкцијата: „ЗНМ ги скри своите членови“.

Извори на информации: Извор на информации се изјавите на лидерите на двете новинарски здруженија.

Содржајност: Гледано од содржински аспект прилогот е нецелосен. Во него се прикриваат информации. Недостасува дел од изјавата на Селмани, каде тој изразува сомнеж дека во другата асоцијација (МАН) не се евидентирани само новинари, туку и поинаков кадар.

„За нас оваа постапка на пребројување на новинарите е бесмислена и многу нејасна. Бесмислена е затоа што не е работа на државата да брои новинари. Ако сакаа да го знаат бројот на членови на ЗНМ, тој податок ќе го добиеја во секое време. Нејасна е затоа што ние не знаеме дали Министерството брои членови на новинарските здруженија кои се само новинари, или ги бројат сите вработени во медиумите. Што е различно, затоа што ние зачленуваме само новинари, а некој друг може да ги зачленува и вработените во медиумите, од портир до директор. Така што на крај ќе испадне дека мешаме баби и жаби. Заклучно со 10 февруари ЗНМ има 512 члена. Потенцираме дека во ЗНМ членуваат само новинари, кои по сопствена волја пристапуваат во членство и сами ја плаќаат годишната членарина.“

Во прилогот го нема ниту ставот на Селмани:

„Кој ќе членува во ЗНМ не е работа на Министерството, туку на нашата комисија што одлучува“

како одговор на дилемата дали Минситерството за информатичко општество ќе ги „признае“ новинарите што работат во порталите, а членуваат во ЗНМ.

Пристрасност: Со пласирањето на произволната информација дека „ЗНМ го крие членството и дава лажни податоци“, се покажува наклонетост кон другата асоцијација на новинари, но и кон одредени политички центри на моќ. Пристрасноста не се покажува суптилно, туку отворено преку величење на потезите на МАН:

Наспроти ваквото постапување на ЗНМ, МАН ги достави сите информации па и повеќе од оние кои ги предвидува законот. До Минстерството испратиле потврда за 440 членови со копии од пристапници, извештај за вкупниот прилив од  членарини, статут и извештај од финансиска ревизорска куќа.

Коментирање: Во прилогот  се забележуваат низа коментари како на пример:

Разочарани се што колегите од ЗНМ не го испочитувале Законот

… сега кога им е потребно членство, масовно ги зачленувале новинарите во порталите блиски до опозицијата кои благодарение на нивното барање не се стекнаа со никакви правни и социјални права како новинари.

Заклучокот на крајот од овој материјал, исто така, е во коментаторски манир

Законот е јасен и прецизен: здруженијата мора да достават детален преглед на членови, доказ за платена членарина, статут на здружението, изводи од финансиското работење и пропратно писмо за да се квалификуваат за место во Агенцијата за медиуми.

Оригиналност/Плагијат: Зад прилогот стои потпис со име и презиме на авторката.

Квалитет на насловот: Тврдењето пласирано во насловот е дезинформација, која има за цел да ја наведе публиката на погрешно мислење и да го претстави ЗНМ во лошо светло.

Фотографија: Прилогот е илустриран со инсерти од изјавите на претседателите на ЗНМ и на МАН.

Говор на омраза: Текстот добива навредлив тон со самата формулација на насловот: „ЗНМ со скриени и лажни податоци за членство“.

Заклучок: Идејата на овој новинарски производ воопшто не е да информира, туку тој е целосно ставен во функција за пресметка со Здружението на новинари на Македонија. Забележлива е намерата оваа новинарска асоцијација да се претстави  како нерелевантна, а МАН како репрезентативна. Мотивите за ваквата пресметка лежат во новиот Закон за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, кој предвидува двете најбројни здруженија на новинарите да делегираат двајца свои претставници во Агенцијата за медиуми. Впрочем, тоа индиректно се признава во завршниот дел на прилогот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција