Рецензија: ЗНМ – тајно друштво!!!

FireShot-Pro-Screen-Capture-107-ЗНМ-тајно-друштво-crop-resize

Текстот претставува еклатантен пример како преку медиумите може истовремено во еден текст максимално да се фаворизира еден политички или општествен субјект кој му е близок на медиумот и истовремено, без факти, да се сатанизира политичкиот или било кој  друг противник.  Написот се однесува на законската обврска според која  двете најбројни здруженија на новинарите во Македонија, треба да делегираат свои претставници во Агенцијата за медиуми. Притоа, МАН се претставува во позитивно фаворизирачко светло, додека ЗНМ се сатанизира, навредува и деградира.

FireShot Pro Screen Capture #107 - 'ЗНМ - тајно друштво!!!' -Линк до оригиналниот напис: ЗНМ – тајно друштво!!!  

Датум и време на објавување: 06.02.2014

Датум на рецензирање: 07.02.2014

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Во целиот текст единствено е вистина  дека постои законската обврска според која двете најбројни здруженија на новинарите во Македонија треба да делегираат свои претставници во Агенцијата за медиуми. Но, со никакви факти не е потврдено дека МАН има 400 членови, а дека  Здружението на новинарите на Македонија е: „тајно друштво андерграунд, или подземна асоцијација со подземни членови“. Тоа не е вистина.

Извори на информации: Парафразираните изјави на претседателите на двете новинарски организации, за кои не е наведено кога и во која прилика се дадени, и кои се извадени од контекст не би можеле да се третираат како валиден извор на информации.

Содржајност: Целата содржина на текстот е злонамерна со единствената цел да се фаворизира МАН и да се претстави како единствена респектабилна новинарска организација во Македонија,  која има бројно членство, а, истовремено, со навреди, говор на омраза и употреба на пејоративи, ЗНМ, заедно со членството, да се деградира како легитимен претставник на новинарите, да се сатанизира и да му се нанесе непоправлива штета во јавноста.

„МАН има над 400 членови што според наши сознанија е околу 40 проценти од вкупниот број на новинари во Македонија.“

„ЗНМ дефинитивно не работи транспарентно и  одговорно и нема членови – новинари во своите редови за да биде респектабилна организација. Тие се тајно друштво. Андерграунд.  Или подземна асоцијација со подземни новинари.“

Содржината е свесно вака конципирана за во очите на јавноста морално да го дискредитира ЗНМ, а публиката да ја усмери да навива за спротивната страна.

Пристрасност: Евидентна е и отворената пристрасност кон само еден субјект. Целта е јасна и провидна. За противникот треба да се шират негативни информации, стеротипи и на тој начин да се влијае за него да се добие лоша слика во јавноста.

Коментирање: Новинарот ја коментира целата ситуација на штета на ЗНМ, тврдејќи без повикување на билокакви факти дека:

„ЗНМ дефинитивно потврдува дека  не работи трансопарентно, нема членови –новионари, во своите редови за да биде респектабилна асоцијација„…тие се тајно друштво или подземна асоцијација“…

Оригиналност/Плагијат: Написот е оригинално авторско дело без потпис на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот е навредлив, лажно сензационален и со ништо не може да ја докаже тезата дека „ЗНМ е тајно друштво“, бидејќи постојано настапува јавно.

Фотографија: Фотографија навредува, сатанизира и деградира легитимно избран претседател на ЗНМ кој со фотошоп обработката е претставен во карикатурална форма како одмаздникот Зоро.

Говор на омраза: Написот обилува со говор на омраза, пејоративи и навреди кон членството на ЗНМ и со карикатурална обработка во фотошоп кон претседателот на ЗНМ.

„Тие се тајно друштво. Андерграунд. Или подземна асоцијација со подземни новинари“.

Заклучок: Наместо својата лојалност да ја насочи кон публиката и да и презентира максимално сеопфатни и точни информации, медиумот шири негативни ставови и стереотипи кон цела една група на новинари-членови на ЗНМ. Се обидува со говор на омраза, нетолерантност и употреба на пејоративи да го спречи или намали нивното учество во работата на Агенцијата за медиуми. Притоа, отворено ја фаворизира едната страна, покажувајки лојалност и кон одредни центри на моќ.

Медиумот не прави разлика помеѓу аргументирана критика, со која се брани јавниот интерес, туку во својот коменатар има напаѓачки приод со кој се  демонизира противникот. „Тие се тајно друштво. Андерграунд. Или подземна асоцијација со подземни новинари.“

Има амбивалентен приод при што го фаворизира МАН, а истовремено употребува негативни и напаѓачки зборови, атрибути и оценки за неговиот противник.

Го руши достоинството на легално формирана институција со цел да обезбеди нееднаков третман на двете здруженија во општественото милје.

Прекршени се генерално прифатените стандарди дефинирани според принципите на Би-Би-Си за заштита на јавноста од упадите на навредлив,  штетен,  дисквалификувачки материјал.

„Дел од содржината која може да биде сурова, но и претерано заплашувачка, заканувачка, понижувачка, навредлива, агресивна или дерогативна…. не смее да биде истакнувана заради забавност на содржината на медиумот. Мора да се внимава на таквите тонови и коментари“.

Прекршен е член 10 и член 16 на Кодексот на новинарите на Македонија.

Член 10

Новинарот нема да говори со јазикот на омраза и нема  да поттикнува на насилство и дискриминација по било која основа.

 

Член 16

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинство на својата професија… и нема да употребува свој медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција