Рецензија: ЗНМ за медиумите на Сорос мајка, за сите други маќеа

znm-0987-098-crop-resize

 

Веќе подолго време политичката пресметка од традиционалните политички арени е префрлена на медиумската сцена. Веднаш да појасниме: далеку од тоа дека медиумите не се политичка арена – напротив. Проблем е што е изместена перспективата и што наместо здрава политичка битка и дебата на различни концепти и на нивните аргументи, ние сме сведоци на политизација на медиумскиот простор во која „дебатата“ е ад хоминем, на лично рамниште, на ниво на страсти и на ниво на категорична исклучивост – или вие или ние.

Последица на тие состојби е текстот што го рецензираме. Оваа медиумска содржина е објавена во рубриката за вести насловена „Македонија“, потпишана е со името на медиумот и, соодветно на тоа, подложна е на рецензија за нејзините професионални вредности, и, главно, ќе ја опфати содржајноста, пристрасноста, коментирањето и говорот на омраза.

1202-Republika-ZNMЛинк до оригиналниот напис: ЗНМ за медиумите на Сорос мајка, за сите други маќеа

Датум и време на објавување: 01.12.2014, 09:16

Датум на рецензирање: 02.12.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Оваа медиумска содржина е реакција на одлуката на Советот на честа на Здружението на новинарите да се произнесе на претставката до нив, поврзана со претходно објавениот текст „Агенти што земаат повеќе од што заслужуваат“, објавен во истиот онлајн-медиум.

Да беше објавен како редакциски коментар, мислење, и да беше јасно облежан како таков, овој текст, можеше дури и да помине. Со сите недугавости на навредувачки говор. Но, рубрициран и објавен во стандардна рубрика, овој текст, едноставно, мора да се соочи со професионалните стандарди.

Кога станува збор за содржајност и за пристрасност, авторите на медиумската содржина што ја рецензираме, можат да се повикаат на делот од соопштението на ЗНМ во кој Советот на честа на новинарската организација истакнува дека тие не можат да донесат суд за активност на новинари кои не се членови на ЗНМ. Но, немаат никакво право на ова тело на ЗНМ да му порекнат дека може да се произнесува за појави во медиумскиот простор кои се далеку под професионалните стандарди. Тоа, било кое новинарско здружение мора да го прави. Од еколошки причини. За да се заштити од загадување професионалниот медиумски амбиент.

Точно е дека можат да се најдат и други текстови кои не ги задоволуваат стандардите, но дали е тоа аргумент за поддршка и за одбрана на сопствената медиумска практика и содржини. Дали нападот е соодветна одбрана? Не. Точно е дека ЗНМ не треба да биде селективен и токму затоа Советот на честа има предвидено постапка како се поднесуваат претставки.

Сето друго, прозивањето на Советот, пишувањето текстови за пресметка со неистомислечките медиуми, останува и ќе остане во сферата на политизираното, наменско, новинарство, кое дури и не е новинарство.

Зашто, доколку би било, тогаш секако ќе треба да ги почитува општите стандарди запишани во сите кодекси на новинарите каде било во светот, па така и во Кодексот на новинарите на ЗНМ, дека:

Член 10

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Член 13

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Член 14

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.

Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Член 15

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.

Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Член 16

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Ниту еден од овие стандарди не е испочитуван во текстот што го рецензираме. Сè додека е тоа така, ние практично и не зборуваме за новинарство, а позициите ќе бидат исклучиви – или вие или ние.

Во целата оваа ситуација забораваме дека има и трета страна – јавноста. Таа има свои критериуми и стандарди за општа култура, дебата и за политичка партиципација. Во таа насока, медиумите се еден од факторите што ги определуваат стандардите на таа култура. Оттаму, најмалку непристојно е медиумските професионалци да го заборават тоа, заслепени од поделеноста во нивните редови и од упорноста на бранењето на сопствените политички убедувања.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција