Рецензија: Зошто Иванов оди во Сочи?

Зошто_Иванов_оди_во_Сочи_-_2014-02-09_1206041-crop-resize

(Рецензијата е изработена по барање на читател. Доколку и Вие сакате нашиот тим да рецензира некој текст кој Ви западнал во око, побарајте рецензија овде.)

Станува збор за текст кој има за цел да ни ја долови надворешната политика што ја води претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, но, кој, за жал, не е доволно содржаен за да нѐ воведе во таа политика, нејзините добри и лоши страни. Текстот тргнува од најавата за присуството на Иванов на отворањето на зимските олимписки игри во Сочи каде што тој, јавија медиумите, не стасал поради дефект на државниот авион. Текстот е пишуван пред информацијата дека авионот имал дефект што го спречило Иванов да оди во Сочи.

Поради тоа неговото присуство во Сочи е откажано, но претседателот одлучил, со редовна авионска линија, да оди за Москва со надеж дека ќе се сретне со Путин. Неговото (нереализирано) одење во Сочи не е овде предмет на критика. Особено поради тоа што сите значајни западни државници решиле да не одат во Сочи поради кршењето на човековите права во Русија.

Цитирана е изјава на Радмила Шеќеринска, која вели дека проблемот не е во патувањето во Сочи, туку во тоа што Иванов не се појавил на важни светски настани со што го позиционира ставот на државата.

„Проблем е што е континуирано отсутен на местата каде што се носат одлуки за Република Македонија. Беше отсутен на безбедносната конференција во Минхен, не беше присутен во Давос, Македонија немаше свој претставник ниту на важни светски настани како што беше погребот ​на поранешниот претседател Мандела“, изјави Радмила Шеќеринска додавајќи дека Иванов продолжува во ист стил како што работеше и во текот на овие пет години, а тоа е протоколарно да ја сфаќа неговата функција.

Изјавата на Иванов цитирана во текстот, за руска новинска агенција, дека соработката со Русија е од големо значење за Македонија сигурно не е погрешна. Но, овој текст се обидува да го убеди читателот дека за Иванов Русија е најзначајниот партнер, а не ЕУ и НАТО.

Авторката на текстот тоа го подвлекува, но повторно ќе констатираме дека недостасува поопширна анализа на проблематиката која остава впечаток дека новинарскиот текст не е целосен и не е содржаен. Наместо тоа, тој се фокусира на критика на политиката на Иванов без да им даде збор на оние кои можеби имаат поинакво објаснување на активностите на претседателот.

Зошто_Иванов_оди_во_Сочи_-_2014-02-09_12.06.04 Линк до оргиналниот напис: Зошто Иванов оди во Сочи?

Датум и време на објавување: 05.02.2014

 Датум на рецензирање: 10.02.2014

 Рецензент: Светлана Јовановска

 Вистинитост: Текстот нема проблем со вистинитоста.

 Извори на информации: Извор на информации е патувањето на Иванов во Сочи и изјавите на опозициски политичар и аналитичар.

Содржајност: Текстот не е доволно содржаен затоа што не дава целосна информација за надворешната политика на претседателот на државата.

Пристрасност: Во изборот на соговорниците кои ја коментираат посетата на Русија може да се забележи извесна пристрасност кон опозицијата.

Коментирање: Текстот нема коментар за надворешно-политичките активности на Иванов. Но, со изјавата на Радмила Шеќеринска и на Денко Малески се дава оценката дека активностите на претседателот се погрешни.

Квалитет на насловот:  Насловот отвара простор за анализа, која, за жал, потоа недостасува во текстот.

Фотографија: Фотографијата е илустрација за односите со Русија.

Заклучок: Во овој текст проблемот е во тоа што (не)одењето во Сочи е земено како појдовна точка за анализа на надворешната политика на Иванов, а со самото тоа и на Македонија. Во текстот не се земени изјави за патувањето на претседателот Иванов во Сочи (и за сите други негови патувања) од аналитичари блиски до партијата на власт. Со тоа би се дала покомплетна слика за тоа како јавноста гледа на надворешно-политичките активности на претседателот. Денко Малески е единствениот аналитичар од кој е земена изјава, а тој во јавноста е познат како близок во СДСМ (неодамна можевме да прочитаме дека СДСМ размислува да го кандидира за претседател на Републиката), па оттука неговите јавни настапи, сакал тој или не, се обоени со опозициски тон.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција