Ристовски го промаши рокот за подрачното училиште во Хром

Ристовски ги промаши роковите. Фото: Министерство за образование и наука

19 февруари годинава, не е првиот ден на кој заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, дава рок за завршување на ОУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Хром, кој не е исполнет. Имено, на неговата странциа на Фејсбук на 25 октомври 2015 година, во пост во кој дава и линк од вест од медиум, Ристовски вели дека доградбата ќе заврши во март 2016 година: „Подрачното училиште во населбата Хром во Oпштина Ѓорче Петров ќе добие дополнителни 6 училници. Доградбата ќе заврши во март 2016 година,“ рече Ристовски. Тоа, сепак, не се случи.

 

 

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на 19 февруари годинава, презентирајќи што се работи во поглед на изградба на нови училишта и реконструкции на постоечки, кажа оти очекува до пролетта да завршат активностите за изградба на две нови училишта – „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода и ОУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Хром – за да може од почетокот на новата учебна година да бидат ставени во функција. Од она што може да се утврди, училиштето „Невена Георгиева-Дуња“ работи, додека училиштето во Хром не е во функција, што значи дека изјавата на Ристовски за ова училиште е невистината.

 

Од аспект на изградба на нови училишта, два објекти – основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода и ОУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Хром, се во навистина напредна фаза и очекувам некаде оваа пролет активностите да завршат за да може со почетокот на новата учебна година тие да бидат ставени во функција, рече Ристовски.

Извор: Министерство за образование и наука Датум: 19.02.2016

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, како што ни кажаа станари од соседните згради, настава се одвива. Но тоа не е случај со подрачното основно училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Хром. Жител на Хром, чие дете треба да учи во тоа училиште, за кое Ристовски во февруари годинава спомена дека ќе биде подготвено за ученици в септември, односно на почетокот на новата учебна година, вели дека главните градежни работи на објектот се завршени, но во училиштето нема ниту „е“ од ентериер, односно во училиштето не се одвива настава.

На веб-сајтот на Министерството за образование и наука (МОН) наидовме на уште една информација за објектот на подрачното училиште во Хром. Таа е од 14 јуни годинава, а има наслов „Од септември ќе биде отворено новото училиште во Хром“ и известува за увидот во градежните работи што Ристоски и премиерот го направиле. Во неа се вели дека работите на објектот на училиштето треба да завршат кон крајот на јули.

Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев денеска направија увид во активностите за изградба на новиот објект на подрачното основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром, кој треба да биде готов кон крајот на јули.

Друга информација за ова училиште на веб-сајтот на МОН нема – ниту дека се работите завршени, ниту дека тоа е ставено во функција, иако таква информација има, на пример, за новото средно училиште во Сарај.

Таква информација не може да се најде ниту ниту на веб-сајтот на Oпштина Ѓорче Петров, на чија територија е подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“, како дел од истоименото основно училиште, кое е старо повеќе децении. Токму во тоа централно основно училиште првиот училиштен ден бил и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, како што може да се види од фотографиите објавени со информацијата на општинскиот веб-сајт.

Инаку, 19 февруари годинава, не е првиот ден на кој заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, дава рок за завршување на ова училиште, кој не е исполнет. Имено, на неговата странциа на Фејсбук на 25 октомври 2015 година, во пост во кој дава и линк од вест од медиум, Ристовски вели дека доградбата ќе заврши во март 2016 година.

Подрачното училиште во населбата Хром во Oпштина Ѓорче Петров ќе добие дополнителни 6 училници. Доградбата ќе заврши во март 2016 година.

Тоа, сепак, не се случи.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција