Ризици и слабости кои Западен Балкан го прават подложен на странско влијание

Фото: Принтскрин -„Ризици и слабости на Западниот Балкан“

Ендемската корупција, слабите економски политики, лошото планирање, манифестацијата на националистички чувства во економската политика, како и организираниот криминал и корупцијата на високо ниво се вообичаените слабости во државите од Западен Балкан. Овие слабости  го олеснуваат малигното мешање, а непријателските актери можат да ги искористат за да стекнат влијание врз регионот. Ова го покажува Извештајот на НАТО центарот за извонредност за стратегиски комуникации (СТРАТКОМ) насловен како „Ризици и слабости на Западниот Балкан“

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Извештајот кој ги мапира слабостите на земјите од Западен Балкан коишто им овозможуваат на непријателските актери да ги искористуваат, манипулираат и да ги употребат за постигнување на сопствените цели, притоа да предизвикаат безбедносен ризик за земјите. Според анализата, странското мешање користи внатрешни структурни слабости и се обидува да ги засили постоечките раздори во општеството.

Во Извештајот како слабости се разгледуваат и одредени карактеристики на Западен Балкан, како што се високата економска зависност од незападните сили, стратешкото усогласување со политичките агенди на неевроатлантските сили и ограничената интеграција со Западот воопшто.

Во земјите од Западен Балкан, ранливите институции и ниската доверба на јавноста во институциите на претставничката демократија – од владите до медиумите – како и другите трнливи домашни прашања може да го засилат влијанието на непријателските странски актери, кои имаат за цел дополнително да ја поделат јавноста и да ги ослабат државите. Заканата е хоризонтална, постојано се развива и е разновидна. Како одговор, владите мора да ја развијат својата свест за овие слабости и да изградат отпорност преку долгорочни мерки за да ја намалат подложноста на нивната држава на надворешни влијанија и да ја подобрат способноста и на владата и на општеството да издржат притисок, се вели во анализата.

Според Извештајот, владеењето на правото, транспарентноста и борбата против корупција се столбови коишто спречуваат штетно влијание. Како ефективни алатки коишто се детектирани во анализата за итна акција против непријателското странско влијание се: зголемена свест на сите нивоа, деконструкција и осудување на механизмите што се користат за ширење манипулативни пораки, откривање на користените методи, истакнување на научените лекции, дебатирање за најдобрите практики со широка и разновидна публика како и охрабрување на носителите на одлуки и лидерите да ги идентификуваат и да се спротивстават на обидите за манипулација и / или влијание.

 

Случајот на Северна Македонија

Според анализата, Северна Македонија има најниска оценка на Индексот на вкупна ранливост во споредба со другите земји од Западен Балкан. Сепак, идентификувани се некои загрижувачки слабости како концентрација на моќ и кревки институции, заедно со ниска доверба на јавноста и фаворизирање на одредени политички актери за сметка на другите.

Северна Македонија ужива внатрешна кохезија кога е во прашање западната ориентација на земјата, а ова го прави општеството отпорно на антизападните агенди и наративи. Сепак, често корумпираните медиуми сè уште обезбедуваат канал за такви наративи. Недостигот на конкурентност и транспарентност ги зголемуваат празнините во отпорноста на Северна Македонија, стои во анализата.

Истражувањето нотира дека во Северна Македонија креирањето политики се заснова на групни и лични интереси и идеологија, а државните службеници не се сметаат за независни. Моќта во политичките партии е концентрирана во рацете на едно лице или мала група луѓе. Независноста на демократските институции претставува најголем предизвик, бидејќи судскиот систем генерално се смета дека се потпира на други фактори, кои не се дел од владеењето на правото. Медиумскиот бизнис модел се перципира како неодржлив, што доведува до корумпирани медиуми и пристрасно известување.

Областите на голема загриженост во Северна Македонија вклучуваат: фаворизирање на одредени политички актери за сметка на други, социјална нееднаквост, ниска доверба во јавните институции, концентрирана моќ во политичките партии како и тоа што правосудниот систем е заложник на политички и деловни интереси, а важни претставници на институциите за национална безбедност се подложни на политичко влијание.

Иако, според анализата, Северна Македонија има најнизок резултат (најниска оценка на Индексот на вкупна ранливост во споредба со другите земји од Западен Балкан), тој не е толку низок што нејзините проблеми не треба навремено да се решат, вклучително и оние за заробена држава, владеење на правото и национализмот – сето тоа, според истражувањето, го еродира легитимитетот на политичкиот систем и на тој начин создава кревка средина, подложна на непријателско влијание.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција