Ризикот од ковид е поголем од ризикот за миокардитис и затоа ЦДЦ ја препорачува вакцината

Фото: pixabay.com

Како невистинито го оценуваме тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид-19. Тоа го темелиме на соопштението од  Центарот за контрола и превенција на болести на САД издадено на 23 јуни, во кое се вели дека ЦДЦ продолжува да ја препорачува ковид-19 вакцината за сите над 12 години, поради тоа што ризиците од болеста ковид-19 и можните сериозни компликации од неа, како долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација и смрт, се далеку поголеми од ризикот да се развие миокардитис после вакцинација

Како невистинито го оценуваме тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид-19. Тоа го темелиме на соопштението од Центарот за контрола и превенција на болести на САД издадено на 23 јуни, во кое се вели дека ЦДЦ продолжува да ја препорачува ковид-19 вакцината за сите над 12 години, поради тоа што ризиците од болеста ковид-19 и можните сериозни компликации од неа, како долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација и смрт, се далеку поголеми од ризикот да се развие миокардитис после вакцинација

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто е наведено дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид инфекција, а притоа се приложува линк од анализа на Центарот за контрола и превенција на болести во САД за деца на возраст од 12-15 години за миокардитис – воспаление на срцевиот мускул, кој може да доведе до неправилно чукање на срцето и смрт. Во прилог на постот има и линк од напис каде се тврди дека миокардитисот кај адолесцентите после вакцинација е 200 пати поголем од очекуваниот.

Меѓутоа, Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално објави дека повеќе од 177 милиони луѓе примиле барем една доза од ковид вакцина во САД. Од април 2021 година во САД има пријавено околу 1.000 случаи на воспаление на срцето – миокардитис и перикардитис, после вакцинација. Според Центарот, овие извештаи се ретки, со оглед на стотиците милиони администрирани вакцини и се пријавени кај адолесценти и млади. Центарот за контрола и превенција на болести продолжува да ги следи овие извештаи со тоа што ги прегледува медицинските досиеја за да дознае што се случило и да разбере дали има каква било врска со ковид-19 вакцинацијата.

Повеќето пациенти кои добиле лекарска грижа, добро одговориле на третманот и веднаш потоа се чувствувале добро, тврдат оттаму.

Наспроти тврдењето во постот што го рецензираме, дека ризикот од вакцинација е поголем од ризикот од инфекција (тврдење коешто некои читатели може да го сфатат како да доаѓа од Центарот за контрола и превенција на болести, иако тоа не е точно), оттаму го тврдат спротивното.

На 23 јуни годинава Центарот напиша дека продолжува да ја препорачува ковид-19 вакцината за сите постари од 12 години поради ризикот од ковид инфекција и сериозните последици од оваа инфекција.

Центарот продолжува да ја препорачува вакцината за сите над 12 години и напоменува дека потенцијалните бенефити од вакцинацијата натежнуваат споредено со ризиците, вклучително и ризикот од миокардитис. Исто така, повеќето пациенти со миокардитис кои добиле грижа, добро одговориле на третманот и се чувствуваат добро.

Ако вие или вашето дете сте ја примиле првата доза од Фајзер или Модерна вакцините, важно е да ја примите и втората доза, освен ако докторот не ве посоветува поинаку. Познатите и потенцијални бенефити од вакцината наттежнуваат над познатите и потенцијални ризици, вклучувајќи го ризикот од миокардитис и перикаритис. Исто така, поголемиот број пациенти со миокардитис и перикардитис кои добиле нега, добро одговориле на третманот и се почувствувале добро за кратко време, пишува на официјалната страница на ЦДЦ.

Во најновиот извештај на ЦДЦ, пак, се вели дека миокардитисот после вакцинацијата е ретка појава, дека до 28 јуни 2021 потврдени се 518 извештаи на миокардитис кај помлади од 30 години, но уште се истражува  дали се поврзани со ковид вакцинацијата.

Според ЦДЦ, машките лица под 30 години, го сочинуваат мноштвото случаи, а повеќето случаи се благи. Од 295 луѓе што развиле ваков несакан ефект и биле отпуштени, 79 проценти целосно закрепнале.

Според агенцијата, од почетокот на пандемијата, 2.767 лица на возраст од 12 до 29 години починале од ковид-19, од кои 316 од почетокот на април.

Како што извести „Си Ен Би Си“, министерството за здравство во своето соопштение, потпишано и од Центарот за контрола и превенција на болести, како и од медицински професионални групи, вели дека миокардитисот е многу ретка појава.

Само мал број на луѓе ќе ја имаат оваа состојба после вакцинација. Уште поважно, за младите, повеќето случаи се поблаги, а тие самите закрепнуваат без или со минимален третман . Знаеме дека миокардитисот и перикаридитисот се почести ако заболите од ковид-19 и ризиците за срцето од ковид може да се многу посериозни,изјавија тие.

Центарот за контрола и превенција на болести нема кажано дека ризикот од миокардитис кај младите е 200 пати поголем од очекуваното, како што се тврди во текстот во склоп на постот.

Во овој текст прикачен е линк кој што не се отвора, а кој наводно треба да покаже дека ризикот за миокардитис кај помладите од 25 години е 200 пати поголем. Не успеавме да пронајдеме ниту еден извор кој го тврди тоа. Центарот за контрола и превенција на болести не советува да не се вакцинираат лицата кои имале миокардитис од која било причина (дури ни тие кои имале миокардитис како последица на ковид-19 болеста или од вакцинација), туку да го дискутираат тоа со своите лекари.

Вакцинацијата во САД и понатаму се препорачува за повозрасни од 12 години и тековната препорака на Центарот за контрола и превенција на болести е дека ризиците од ковид инфекцијата се далеку поголеми од ризикот да се развие миокардитис после вакцина. Оттука, како невистинито го оценуваме тврдењето изнесено во постот кој го рецензираме, дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид-19.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција