Роберт Бургоинг: Притисокот врз новинарите остава малку простор за проверка на факти и води до неточно известување

Фото: Порталб.мк

Уредниците треба да го пренасочат својот фокус од квантитет кон квалитет. Со „стискање“ на новинарите како да се лимони, да создаваат бројни написи, им останува многу малку време да ги потврдат фактите. Ова води кон неточно известување, што ја нарушува довербата кај читателот. Ова, меѓу другото, го изјави Роберт Бургоинг, француско-канадски новинар, меѓународен обучувач, говорник и консултант со најсовремена експертиза за информации и дезинформации на интернет, во интервју за Portalb.mk. Тој зборуваше за важноста на проверка на факти во медиумите, некои трикови кои новинарите би требало да ги користат, предизвици, дезинформации, влијанија и многу други работи

 

 

Порталб: Според Вашето искуство, каква улога треба да има проверката на факти во одржувањето на новинарскиот интегритет, особено во денешната средина на динамични вести?

Роберт Бургоинг: Улогата е особено важна — неопходна. Задачата на новинарите отсекогаш била да проверуваат факти, за тоа сме тука. Не сме тука само за да раскажуваме убави приказни. Секој може да напише убава приказна на интернет. Она што ни е потребно од новинарите се корисни, веродостојни информации кои се проверени — не откако ќе се рашират лажните вести, туку пред тоа. Проверката на факти и одржувањето на новинарскиот интегритет треба да се одвива за време на секоја фаза на известувањето, особено уште пред да се објават вестите. Во денешно време, големиот проблем е брзината со која сè се одвива, како и тоа што интернетот е бесплатен. Луѓето повеќе не ја согледуваат вредноста на новинарството и немаат желба да платат. Ова прави да биде уште поважно да се обрне внимание на точноста и да се одолее на искушението да се објават информации пребрзо, без доволна проверка на факти. Тоа е голем проблем — брзината има директно влијание врз точноста на работата на новинарите.

Порталб: Кои се некои ефективни техники или алатки кои новинарите, особено новите новинари, може да ги користат за да проверат слики, видеа и веб-локации, особено во ерата на содржини генерирани со вештачка интелигенција?

Роберт Бургоинг: Постојат многу алатки и техники, не би можел накратко да одговорам. Но, пред да избрзаме да користиме некоја „наконтена“ алатка или импресивна техника, најважно е да ги изостриме набљудувачките вештини. Алатките се ефективни само ако новинарите ги разбираат сопствените когнитивни предрасуди и на кој начин структурата на интернет и социјалните мрежи може да манипулираат со нивната перцепција, засилувајќи ги дезинформациите. Од клучна важност е да се разбере на кој начин работи интернетот и како социјалните мрежи се создадени да нѐ насочат кон погрешна насока. Целта на социјалните мрежи не е да ја шират вистината, туку да прават пари. Па затоа, би рекол дека способноста за набљудување, критичкото размислување, и искрено, човечкиот мозок, се најважните алатки кои ги поседуваме.

Порталб: Кога станува збор за информации кои се потешки за проверување, особено за еден млад новинар, што треба да се направи?

Роберт Бургоинг: Пред сè треба да се направи препроверка, а потоа да се провери уште еднаш. Никогаш не треба да се потпираме врз само еден извор. Се користат повеќе доверливи извори, како и луѓе. Не останувајте заглавени само на интернет — користете телефон, јавете се на експерти. Има голем број алатки, особено за набљудување на социјалните мрежи каде што работите се одвиваат брзо. Неопходно е да се научи да се следи автоматски, со бесплатни алатки. Но, што е најважно — соработувајте. Новинарите не можат да бидат супер-херои кои знаат сè. Невозможно е да се биде експерт за сè. Треба да работите со другите, особено со оние кои можеби се понапредни корисници на одредени алатки. Живееме во ера на големи податоци, а новинарството сега бара тимски напор.

 

Порталб: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат новинарите кога станува збор за проверка на факти и како можат да се надминат истите предизвици?

Роберт Бургоинг: Најголемиот предизвик, како што споменав, е брзината. Темпото со кое се создаваат и споделуваат информации на интернет е нескротливо. Втор предизвик е тоа што сега имаме помалку платени новинари, а медиумските организации очекуваат новинарите да прават сè — да фотографираат, снимаат, интервјуираат и уредуваат. Ова не остава простор да се размислува, истражува, да се потврдат информациите или пак, да се анализира. Тоа е огромен предизвик. Понатаму, друг предизвик е тоа што во денешно време сите се преправаат дека се новинари. Кој било може да отвори веб-локација која ќе изгледа легитимно или да започне поткаст. Тешко е да се оцени вредноста на секој еден извор. Дополнително, со вештачката интелигенција и лажните содржини, особено сликите, границата помеѓу она што е реално и она што е лажно станува сè понејасна.

 

Порталб: Земјите од Западен Балкан се соочуваат со малигно влијание и дезинформациски кампањи, најмногу од Русија и Кина. Кои стратегии би требало да ги применат локалните новинари за да се изборат против овие напори?

Роберт Бургоинг: Тешко прашање е тоа. Стратегијата всушност, е да се зајакне запознаеноста со актерите и тактиките што ги користат во дезинформациските кампањи. Мора да се обучите себеси да ги препознаете шемите во дистрибуција на лажни информации. Треба да се разберат проблемите и постојано да се доучува. Новинарите не треба да чекаат некој друг да ги обучи, постојат голем број на бесплатни обуки на интернет. Почнете со малку, на пример со обратно пребарување на слики (reverse image search). Борбата против дезинформации не е само работа на новинарите, туку и на владата, приватните компании, како и на пошироката јавност. Секој има своја улога во борбата против ова прашање.

 

Порталб: На кој начин би можеле искусните новинари и обучувачи да ги инспирираат и поттикнат младите новинари да дадат приоритет на проверката на факти во нивната работа?

Роберт Бургоинг: Во денешно време, искусните новинари не секогаш се најдобро подготвени да проверуваат факти, бидејќи не се нужно навикнати на тоа. Можеби младите новинари ќе треба да го предводат патот. Проблемот лежи во тоа што уредниците на вести често не ја согледуваат потребата за обучување на млади новинари бидејќи тие самите не биле обучени. Кога не знаеме што не знаеме, тешко е да забележиме што недостасува. Искусните новинари треба да служат како пример, да покажат како проверката на факти ја засилува довербата кај читателите. Довербата е клучот. Уредниците исто така, треба да го пренасочат своето внимание од квантитет кон квалитет. Со „стискање“ на новинарите како да се лимони, да создаваат бројни написи, им останува многу малку време да се замислат, да подразмислат или да ги потврдат фактите. Ова води кон неточно известување, што ја нарушува довербата кај читателот. Ако читателот не ти верува, нема повторно да чита. Уредниците треба да им помогнат на своите новинари да создадат темелно истражени, цврсти написи, наместо да инсистираат на брзина и квантитет, само за да се снабдат социјалните мрежи.

 

Порталб: Дали имате некои завршни мислења или пораки за новинарите во Северна Македонија?

Роберт Бургоинг: Не чекајте другите да ја завршат работата за вас. Почнете да се обучувате себеси. Може да започнете со едноставни работи, како на пример, да откриете кој се крие зад анонимна веб-локација. Бидете свесни за тоа колку лесно може да бидете изманипулирани на интернет. На пример, ако користите Chrome, со десен клик на сликата и пребарување на Google Lens, проверете од каде таа доаѓа. Почнете од малку и за брзо време ќе видите дека е многу забавно и наградувачко затоа што ни дава чувство на контрола. Општо земено, ја имаме изгубено контролата врз информациите на кои сме изложени — толку многу лажни информации, дезинформации, теории на заговор. Но, кога еднаш ќе научите неколку трикови и ќе станете свесни за сопствените когнитивни предрасуди, повторно можете да ја преземете контролата. Тоа ви дава моќ, а морам и да ве предупредам, проверката на факти предизвикува зависност! Многу е забавно и пружа огромно задоволство.

Пишува: Фисник Џелили 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција